ДРАМСКИТЕ МОНОЛОЗИ НА РОБЕРТ БРАУНИНГ

/, Литература, Блесок бр. 125/ДРАМСКИТЕ МОНОЛОЗИ НА РОБЕРТ БРАУНИНГ

ДРАМСКИТЕ МОНОЛОЗИ НА РОБЕРТ БРАУНИНГ

Но бидејќи не е спорно дека бил присутен во моментот кога се водел тој разговор, тој не е целосно реализиран глас кој потенцијално би можел да ги претставува дискурсот на уметноста и улогата на уметникот. Напротив, зборовите на Фра Пандолф се само параван зад кој се крие и го покажува своето грдо лице љубомората на Војводата. Тие се само одек на вистинскиот глас на карактерот на Војводата кој се крие зад патријархалниот и аристократски дискурс кој му го става на располагање општеството и според кој тој е повикан да се раководи според неговата позиција. Исто така, Браунинг ги воведува навидум и гласовите на други машки посетители на дворецот кои имале можност да ја видат сликата меѓу кои е и емисарот, но повторно тие се гласови само според форма, но нивната главна функција е да ја предочат паранојата на Војводата:

странци како вас кога ќе го здогледаа тоа нарисано лице,
длабокиот и страстен искрен поглед
/секој пат кон мене се вртеа
1

Тие се наречени „странци“, што укажува на фактот дека тоа се чувства кои Војводата не сака да ги признае, но и кои се туѓи на официјалните вредности и норми на патријархалниот маж, а со тоа и на патријархалниот дискурс. Сето тоа укажува на големиот број различни гласови и психички, емотивни, морални и општествени дискурси кои се борат во ликот на Војводата, кои се прекршуваат во него, кои се директно во конфликт едни со други и кои го дестабилизираат и раслојуваат неговиот говор, глас, а сето тоа е изразено во содржината на неговиот говор, но и во синтаксичките, лексичките и граматичките форми и нарушувања што Браунинг многу ефектно ги користи.

„Благодарна беше – во ред! но на начин
кој некако – не знам како – ко едно
мојот дар на вековно име да го сметаше
со дарот на секое дворјанче бедно“.

Сепак, најважниот глас што е потиснат е глас којшто е всушност занемен и навидум мртов. Тоа е гласот на Војвотката кој во драмскиот монолог е присутен преку нејзиниот портрет кој по самата своја природа е нежив, но и кој говори само преку визуелниот јазик на кој е потребно некој да му даде глас, да го протолкува и прераскаже. Во овој случај, тоа не го прави директно поетот како еден објективен набљудувач и раскажувач, туку Браунинг таа улога му ја остава на Војводата, кој како што видовме од досегашната анализа е далеку од објективен раскажувач и сака целосно да ги контролира гласот и идентитетот на Војвотката.

„Тоа не запре; Јас наредба дадов;
Сите насмевки ги снема тогаш. Ете ја тука сега стои
Ко да е уште жива.“

Фактот е дека Војводата на крај не успева во својата намера, со тоа што трагите на вистината се пробиваат на површината на неговиот говор како што се гледа во цитатот погоре. Тоа само го потврдува нашиот заклучок дека јазикот никогаш не може во целост да ја контролира реалноста, ниту нејзината перцепција.

Преку оваа куса анализа на улогата на гласот на драмската персона во драмскиот монолог „Мојата последна Војвотка“, сакавме да укажеме како Браунинг суптилно се поигрува, но и ги демонстрира природата и структурата на драмскиот монолог. Читателот во случајот на драмскиот монолог е ставен во позиција да ја следи содржината, заплетот и да му бидат пренесени значењата на песната низ нарацијата само на еден лик, една навидум ограничена фокализација која е целосно контролирана од поетот. Но, како и главниот лик, така и поетот никогаш, колку и да посакува, не може да ги скрие и затвори сите потиснати значења кои неизбежно ќе излезат на површина со секое ново читање и толкување. Тоа ја прави оваа форма секогаш предизвик како за авторот, така и за читателот, што со сигурност придонесе за нејзината популарност и виталност во 20 век.


1 Сите преводи на песните на Р. Браунинг се мои (м.з.)

АвторМилан Дамјаноски
ПреводМилан Дамјаноски
2019-06-14T20:21:52+00:00 мај 30th, 2019|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 125|Tags: |