ПЕТ ПРОШЕТКИ НИЗ ПОЕТСКАТА ШУМА НА ЗОРАН АНЧЕВСКИ

/, Литература, Блесок бр. 124/ПЕТ ПРОШЕТКИ НИЗ ПОЕТСКАТА ШУМА НА ЗОРАН АНЧЕВСКИ

ПЕТ ПРОШЕТКИ НИЗ ПОЕТСКАТА ШУМА НА ЗОРАН АНЧЕВСКИ

(Зоран Анчевски, Небесна пантомина. Скопје, Темплум, 2018)

(извадок од подолг текст)

 

1. Прошетка прва: именување

Небесна пантомима. Интригантен наслов. Игрив, загадочен, многузначен, интермедијален, провокативен… Во поетскиот универзум на Анчевски, синтагмата „небесна пантомима“ е синоним на пеењето/творењето. И уште: „небесна пантомима“ е специфичната лозинка на нашиот поет, неговиот „повик за патување“ – буквално или духовно – со него како искусен кормилар низ небесната шир вон или во нас. Зашто, небото, тој чувар на тајните на судбината и регулатор на космичкиот ред на универзумот, опстојува и во внатрешноста на човекот, во душата.

2. Прошетка втора: математичка поетика

Небесна пантомима се одликува со математички строга и совршено осмислена архитектоника: од воведната тријада, песните „Диви коњи“, „Небесна пантомима“ и „Светулки“ кои ја структурираат влезната рамка на книгата или воведот – „Пролегомена“, композицијата ја чинат уште четири циклуси: „La vita nuova“, „Ноќни куќи и напеви“, „Дневни дитирамби и каприча“ и „Силна песна“. Освен многузначноста на нумеролошката симболика (три, еден, четири), вака конципираната стихозбирка како да го следи ритамот на дијалектиката на животот и смртта, или на денот и ноќта (во духот на назнаките на нашиот поет), но алудира и на моќта на песната да ги хармонизира спротивностите на човековото постоење, да ги измири противречностите помеѓу своето (сепството, домот) и туѓото (другоста) и да понуди мозаично осмислени стихови кои дури и синтагматски се созвучни со носечкиот амблем – „небесна пантомима“.

3. Прошетка трета: слободата како основен „spiritus movens“

Воведната песна во Небесна пантомима, „Диви коњи“, има посвета: „за слободоумните“. Несомнено инспирирана од восхитувачката слика на дивите коњи кои толку моќно галопираат низ планината Бистра, оваа песна, со својата експлицитна посвета, е илустративна за поетското кредо на нашиот автор: слобода пред сѐ и секогаш.

Анчевски е заговорник на слободата и во поглед на изборот на темите на пеење, како и на слободата на песната од формален аспект; третото ниво на слобода е слободата на асоцијации: алузиите на омилените книжевни предци кои, не ретко, минале и низ преведувачкото перо на нашиот автор или дијалогот со други писма. Слобода дури и во користењето на исти наслови од типот на: „La vita nuova“ на Данте Алигиери или „Anabasis“ на Сен-Џон Перс.

АвторЛидија Капушевска-Дракулевска
ПреводЗоран Анчевски