Извадок од романот: Чиј беше Јон (Блесок, 2018)

/, Литература, Блесок бр. 124/Извадок од романот: Чиј беше Јон (Блесок, 2018)

Извадок од романот: Чиј беше Јон (Блесок, 2018)

– Ветерот и огнот се само два дела на човечкото тело, другите два дела се водата и земјата. Водата и земјата се главните состојки на телото, додека пак ветерот и огнот повеќе се присутни во душата, во табиетот и карактерот на човекот. Додека е жив човекот, неговиот ветер и оган го водат неговото тело од земја и вода. Кога човекот умира, тогаш згаснува неговиот оган и душата му излегува во форма на ветер, остануваат само водата и земјата. Таа земја, заедно со водата, повторно се враќа во земјата, така сѐ завршува онака како што се создало на самиот почеток. Ова е многу едноставно, за ова не е потребно школо, мене за овие работи ми зборуваше твојот Дедо, покојна му душа. Кога забременив откако твојот Татко се врати од затвор, често се сеќавав на неговите зборови. Тој велеше дека Мајката е поблиску до Господ, а Таткото е поблиску до Пророкот, с.а.в.с.

– Зошто кога беше бремена?, праша Јон.

– Тогаш ми се потврдија неговите зборови, не дека пред тоа се сомневав, ама едноставно, силно ги доживеав. Телото на жената е земја што се разликува од земјата на мажот зашто е земја во која се посадува семето за создавање на нов живот и токму поради ова создавање жената е поблиску до Господ. Потоа, со Господова помош и поддршка, овој живот се развива во телото на Мајката, а потоа се раѓа и го продолжува својот живот, ама засекогаш е поврзан со Мајката. Ова е нераскинлива врска. Затоа, кога умира човек, значи кога згаснува огнот и ветерот му се оддалечува, остануваат само водата и земјата. Откако ќе го погребат, оџата прашува како му се викала Мајката зашто тој за последен пат на умрениот треба да му се обрати со сине или ќерко на „одредената жена“. За да му ја испее молитвата, тој не прашува за името на Таткото, туку само за името на Мајката. Доколку не го знаат името на Мајката, тие тогаш го викаат по името на Хава[1], по името на прамајката на човештвото. Јон седеше здрвен, небаре се беше вратил во минатото и повторно беше дете. Многу пати ги беше слушнал или прочитал овие работи, ама никогаш не се беше соочил со ваков вид верба на која беше изграден цел еден живот, животот на неговата Мајка. Таа стана, се доближи до книгите, ги помилува нежно со раката и од неа повторно зрачеше онаа длабока почит кон нив. Ништо не зборуваше, само нежно минуваше со раката по книгите наредени на полиците, небаре преку својата рака ги впиваше ветерот и огнот на авторите на секоја книга поединечно. Вака, помисли Јон, вака му се чинеше зашто како што се движеше раката на Мајка по полиците, така се менуваше и нејзиното лице. После малку ја тргна раката, ја доближи до своето лице, првин едната, па потоа и двете. Помина со двете раце по лицето чиниш дека заврши некаква своја молитва и му се обрати на Јон.

– Кога ќе умрам, ќе имам многу убаво џеназе![2]

– Што!?, праша Јон, како да не можеше да го следи сето она што се случуваше пред него.

– Кога ќе умрам, ќе имам многу убаво џеназе!, повтори Мајка. Многу се трудев да најдам рамнотежа меѓу мојот ветер и оган со мојата земја и вода и сега сум убедена дека успеав во тоа. Сигурна сум во ова, особено по смртта на Рон и твојот Татко. Често се прашував зошто јас останав жива кога тие двајца веќе умреа, зошто требаше јас да ги испратам нив двајца под земја? Сега, како што минуваат годините, ми станува јасно, зашто јас требаше да ја постигнам оваа рамнотежа во себе. Сега сум сигурна дека сум подготвена и дека моето џеназе ќе биде убаво. Не веруваш? Ќе се увериш кога ќе згасне мојот оган. Јон не можеше глас да пушти, ја гледаше Мајка со ококорени очи, чувствуваше како му се стега грлото. И дишеше тешко. Мајка му ја забележа збунетоста на Јон и го повтори своето прашање.

– Не веруваш? Сакаш да видиш? Еве гледај! Јон не пушташе глас, таа, со лесни чекори, се доближи до канабето наспроти Јон, легна на него, длабоко зеде воздух и го задржа неколку секунди, потоа полека го испушти и телото ѝ се здрви. „О, Господи, умре“, рече во себеси Јон. Така и се чинеше, лицето на Мајка се здрви, полека ја изгуби бојата, на почетокот некако пожолте, а потоа посине. Кожата ѝ се залепи на коските. Сигурно откако ја изгуби својата течност, помисли Јон, а бидејќи не можеше да стори ништо друго, само ја гледаше Мајка онака мртва. Таа умре одеднаш и онака мртва, се наоѓаше пред него. Јон, со голема мака, некако стана, само ги почувствува солзите што му течеа низ лицето, се обиде да ја викне Мајка, ама не успеа да испушти никаков звук. Некое време остана на нозе, потоа малку полека се наведна над безживотното тело на Мајка, а солзите потполно го облеаја. Полека ја допре нејзината рака, раката не беше студена, ама беше некако без топлина, ја бакна таа толку сакана рака којашто ја чувствуваше како свој дел.


[1] Ева

[2] Телото на умрениот кај муслиманите е подготвено за погреб.

ПреводМилан Дамјаноски
АвторРефет Абази
2019-04-16T10:23:46+00:00 март 30th, 2019|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 124|Tags: , |