Извадок од романот: Чиј беше Јон (Блесок, 2018)

/, Литература, Блесок бр. 124/Извадок од романот: Чиј беше Јон (Блесок, 2018)

Извадок од романот: Чиј беше Јон (Блесок, 2018)

Мајката земја

Беше тоа еден од оние повеќе од вообичаени денови, ден на крајот на неделата. Од оние ретки денови кога Јон беше дома во претпладневните часови. Само, во овој ден тој влегуваше мошне тешко, не можеше да се оттргне од неспокојниот сон којшто го беше обзел. Го разбуди гласот на сопругата која го канеше во дневната соба да се напијат кафе. Во оваа покана за кафе тој почувствува еден вид свеченост. Стана полека и појде кон дневната соба. Седна на канабето наспроти својата библиотека како што седнуваше секогаш, а сопругата пак му го подаде филџанот со кафе. Онака сонлив, како што беше, почна да го срка кафето. Погледот сѐ уште му беше упатен кон книгите. Запали цигара, ама и цигарата остана во втор план. Погледот кон книгите беше она што го преокупираше потполно.

– Кафето ти се олади, му рече сопругата која излезе од спалната соба и појде кон ходникот каде што ја чекаа Аријаниса и Арса, облечени за излегување в град. Ќе излезам со девојчињата да им купам чевли, нема да се задржиме, и излезе со девојчињата кои ја чекаа нестрпливо. Јон продолжи да седи гледајќи ги книгите, слушна како се затвори влезната врата. Настана потполна тишина којашто почна некако да му пречи. За да ја прекине оваа тишина, го притисна копчето од далечинскиот управувач на ТВ. Но екранот на телевизорот остана црн, со далечинскиот смени неколку програми, ама на црниот екран се менуваа само броевите на програмите, ништо повеќе. Се расипала антената, си рече во себеси тешејќи се и повторно го упати погледот кон книгите. Туку, не му беше јасно зошто го стори тоа. Ненадејно, тука пред книгите се појави неговата Мајка. Таа стоеше наспроти него гледајќи ги книгите на библиотечните полици, нежно и со длабока почит ги милуваше кориците на книгите. Откако заврши со овој ритуал, таа се сврти кон Јон кој, изненаден, ја гледаше оваа топлина на Мајка за книгите. Таа седна крај него, го зеде филџанот од раката на Јон, почна да го срка кафето, ама продолжи да ги гледа книгите. Јон се обидуваше да сфати што се случува или пак да ја фати нишката на нејзините мисли додека таа смирено го пиеше кафето и продолжуваше да ги гледа книгите.

– Сите си ги прочитал?, праша таа продолжувајќи да ги гледа книгите.
– Повеќето по неколку пати, кратко одговори Јон.
– Многу добро, блазе си ти. Навистина добро. Продолжи таа онака смирено.
– Помеѓу тие корици се наоѓаат судбини на многу луѓе. Многу војни, многу порази, многу…
– Можам да замислам, го прекина Мајка. Татко ти многу го сакаше читањето, ама ете, ниту тој ниту јас не можевме да го почувствуваме прекрасното чудо на читањето! Што да правиш, така решила судбината. Животот го минавме без оваа светлина, толку потребна за човекот. Многу луѓе, чии судбини се наоѓаат во овие книги, оживуваат кога ги читаш, или така некако, нели?
– Токму така, потврди Јон изненаден од оваа констатација на Мајка. Беше ова она што тој се обидуваше да им го пренесе на своите студенти на факултет, објаснувајќи им ја важноста на читањето, а ете, Мајка ова го беше сфатила, иако никогаш не беше прочитала ништо напишано.
– Во овие книги би требало да се наоѓаат ветерот и огнот на оние што ги напишале. Кога ја читаш книгата, ветерот и огнот на оној што ја напишал се поврзува со твојот ветер и оган и така ти се чини дека сето она што го читаш е живо и се случува токму тогаш додека го читаш тоа, продолжи Мајка со истата онаа смиреност, спуштајќи го филџанот на маса. На Јон цигарата му догоруваше меѓу прстите, седеше здрвен, само го погледна филџанот кој сега веќе беше празен, остана и понатаму збунет. Во главата сѐ уште му одекнуваа зборовите „ветерот“ и „огнот“ на човекот, многу пати го беше прочитал ова во книгите, ама сега ги слушаше од устата на својата Мајка која никогаш ништо не прочитала. По малку, едвај изговори едно прашање сакајќи да ја отстрани својата збунетост.
– Мајко, од каде ги знаеш овие работи?
– Ги знам зашто сум МАЈКА, синко мој. Не е лесно да си МАЈКА.
– Овие познавања се многу сублимни и…
– И ние без школо знаеме некои работи кои се важни за животот на човекот, продолжи Мајка со истата смиреност.
– Туку, човечкиот ветер и оган… од каде …

ПреводМилан Дамјаноски
АвторРефет Абази
2019-04-16T10:23:46+00:00 март 30th, 2019|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 124|Tags: , |