„Епилог (форма на расправа)“ на Јане Чаловски и Христина Иваноска

/, Галерија, Блесок бр. 124/„Епилог (форма на расправа)“ на Јане Чаловски и Христина Иваноска

„Епилог (форма на расправа)“ на Јане Чаловски и Христина Иваноска

Текст: Андерс Кригер
Фото кредит: Васе Аманито

Музеј на современата уметност, Скопје
11 ноември 2018 – 15 март 2019

Во време на задоцнета свесност за земјата и мноштво други можности и закани кои секојдневно ни се наметнуваат, заедничката самостојна изложба на Јане Чаловски и Христина Иваноска во Музејот на современата уметност – Скопје можеби не изгледа непосредно „ургентно“ (премногу користен термин во современата уметност) или „тематски“ (уште еден термин кој служи како препрека за уметниците). Сепак, „Епилог (форма на расправа)“, од двојката што ја претставуваше Македонија на Биеналето во Венеција во 2015 година, не е вежба за интроспекција, типична за уметноста. Опчекорувајќи ги визуелното, архитектонското и политичкото, ова станува продолжение на бетонските ѕидови на музејот и на историскиот момент што тие го отелотворуваат: организирани дела на меѓународна солидарност за повторна изградба на Скопје по земјотресот што уништи 80 отсто од градот на 26 јули 1963 година.

Јапонскиот архитект – ѕвезда, Кензо Танге, придонесе со нов „метаболички“ план на градот кој беше реализиран многу парцијално (Чаловски ги изложи сочуваните делови од исклучителната дрвена макета на Танге како дел од својата инсталација за „Манифеста 7“, 2008 година). Полска придонесе со средства и архитектонско знаење за изградба на Музејот на современата уметност. Чаловски и Иваноска тематизираа еден од архитектонските предлози за таков музеј во своето печатено дело Музеј на модерна уметност на Оскар Хансен (2007): серија од постери за фикциски изложби кои можеле да се одржат во модуларниот кластер на Хансен од хидраулично управувани хексагонални платформи, кој останал неизграден. Но, друга зграда, дизајнирана од „Варшавските тигри“, група од тројца прочуени полски архитекти (Вацлав Клишевски, Јержи Моржински и Евгениуш Вјерзбицки), е материјализирана во 1970 година на импозантниот рид недалеку од речиси недопрениот стар град од отоманската ера.

Две од трите просторни сали на Музејот сега се домаќини на затворањето на изложбената трилогија од Чаловски и Иваноска, под кураторство на Бранка Бенчиќ, која се состои и од „Пролог (форма на прашање)“ во Апотека – Простор за современа уметност во Водњан (Хрватска) во 2017 година и „Дијалог (форма на одговор)“ во Музејот на современата уметност во Загреб, во 2017/18 година.

Првата сала е уште една посвета на авторот на музејот што никогаш не се случил. Во Девет принципи на отворена форма (2018), Чаловски и Иваноска се навраќаат на делото на Хансен, ги синтетизираат неговите записи и неговата архитектонска и педагошка практика. Славејќи ги неговите идеи за животот како заедништво и уметност како органски процеси, делото комбинира 10 постери во типографија дизајнирана од Иваноска (задржувајќи ги сите вертикални и хоризонтални линии и оставајќи ги збунетите читатели само со дијагонали и полукругови), со серија од „визуелни вежби“ закачени токму над 90 сантиметри високиот перваз од бетонско сива боја на ѕидот. Тие се главно слични на Баухаус-пермутации на обоени кружни форми на втемелени обоени заднини: листови од луксузна хартија со фина зрнеста структура, измешана во печатарската боја. Како и 90-те сантиметри, така и шемата на боите е повикување на Хансен, на лесно распознатливите нијанси, кои тој често ги користел како јавен потпис или за да одбележи различни функции на своите архитектонски планови. Инсталацијата, исто така, вклучува три елементи од Школка, Поделено (2011/2018) на Чаловски, макета во размер во црнообоен метал на бетонска бина од анонимен архитект во Градскиот парк во Скопје и скици за постери изведени на ленено платно.

Во втората сала, градската панорама под ридот е сеприсутна, обвиена во опасниот смог. Формите употребени за ѕидната слика Собир на духови (2018, заедничко дело) се собрани на единствената бетонска површина на инаку застаклениот внатрешен двор во рамките на втората сала. Две третини од Клупата на Муличковски, Поделена (2018) се копија во природна големина на една бетонска клупа вон некогашната модернистичка (но сега необарокна) зграда на Владата, поставена во внатрешноста на Музејот, додека преостанатата третина продолжува надвор од ѕидовите прозорци од подот до таванот. Споредувањето на забележаното и замисленото е лајтмотив во активностите на оваа двојка. Исчезнат документ бр. 5 (Објект на акција) (2017) на Иваноска е црвен банер на кој пишува „Слобода и смрт: свет полн со напуштени значења“, а кој е наменет за обвивање на горниот дел од телото и да се носи под облеката како средство за тајна револуционерна дистрибуција, како што правела македонската суфражетка од почетокот на 20 век, Роза Плавева.

Личен предмет (2017-18) на Чаловски е визуелно елоквентен асемблаж на розов „јазик“ од синтетичка гума кој виси од една од двете железни куки, сложувалка од мали зелени прозорски стакленца од станбените блокови на „Градски ѕид“ на Танге и траги од пудра за лице, од кутијата на покојната мајка на уметникот, врз ѕид обоен во сиво.

На овие и други пресеци на одживеаното и создаденото постои процес што одзема и време и труд како што е цртањето или создавањето на синтетичката гума, но исто така и дрвените резби (Иваноска) и употребата на класичните аналогни машини за пишување за да се истакнат особено значајните цитати во пиктуралната целина (Чаловски). Суштински, ова исто така е уметничка практика на втемелување на визуелното во текстуалното, на мобилизирање на историјата на глобалната авангарда и прекопување по архивите на модернизмот на локации како што е Скопје, каде што тие честопати исчезнуваат.

Заеднички и издвоено, Чаловски и Иваноска работат преку условите на уметноста, секогаш со намера и страст да допрат нешто од другата страна на ѕидот или прозорецот. Тоа е како да сакаат да ѝ помогнат на уметноста да се надмине себеси во сè што е специфично за неа: материјалот, процесите на создавање, приказната и историјата на местото во кое се наоѓа и уметноста како протокол на знаење, разбирање и став.

Aндерс Кригер е директор на „Кохта“, новата Кунстхале во Хелсинки

АвторЈане Чаловски и Христина Иваноска
2019-04-18T16:34:11+00:00 март 30th, 2019|Categories: Изложба, Галерија, Блесок бр. 124|