Мaкедонската книжевна критика за Горан Стефановски

/, Литература, Блесок бр. 123/Мaкедонската книжевна критика за Горан Стефановски

Мaкедонската книжевна критика за Горан Стефановски

Сума сумарум, вакви и слични критики кои секогаш бараат други контексти освен литерарни, за Горан Стефановски се напишани во голем број. Тие умеат во драмскиот текст да најдат историја кога ја нема, да додадат филозофија ако отсуствува, да накалемат борба со западниот свет и капитализмот, но не и да дадат објективно читање.

За Горан Стефановски пишувале периодично и Александар Алексиев, Богомил Ѓузел, Наталија Вагапова, Миодраг Друговац, Милан Ѓурчинов, Гане Тодоровски, Раде Силјан, Веле Смилевски, како и голем број театарски критичари. Сепак, по сета исчитана литература од овие респектирани автори не најдовме доволно добри места кои би можеле да бидат пренесени во нашиот труд.

Во продолжение ќе ги проследиме есеите хронолошки настанати малку подоцна, а во кои најдовме појдовни точки за нашата понатамошна анализа на обемниот опус на Горан Стефановски.

Читањето на објавите за текстовите на Стефановски нè доведе до заклучоци дека по 1990 год., кога на скопскиот универзитет и катедрите Македонска книжевност и Општа и компаративна книжевност, но и на Факултетот за драмски уметности започнува да се изучува драмата низ една нова научно-теориска призма и кога критичарите почнуваат да оперираат со современи теориски поими, во периодиката се објавуваат теориски издржани интерпретации за делата на Стефановски.

Ружица Јанчулевска во 1999 год. на XXXI Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура во есејот „Хлестаковштината во Тетовирани души од Горан Стефановски“ поставува паралели меѓу ликот Хлестаков од драмата на Гогољ „Ревизор“ и ликовите од „Тетовирани души“, особено подвлекувајќи ја таа паралела меѓу ликовите Војдан од „Тетовирани души“ и Хлестаков од „Ревизор“. Според Јанчулевска, лагата е нормална состојба за јунаците од оваа пиеса. Јанчулевска ја дефинира драмата „Тетовирани души“ како авангардна пиеса со изразени елементи на театарот на апсурд, во кој стварноста е лишена од секаква смисла и оправдување. Таа, поаѓајќи од ставот дека поетиката на театарот на апсурдот се карактеризира со распаѓање на комуникативните врски меѓу луѓето, истите ги наоѓа и кај ликовите од „Тетовирани души“.

Есејот е одличен, но тој е насочен кон потенцирање на блискоста меѓу Гогољевите ликови и ликовите на Стефановски.

Нада Петковска во 1992 во списанието „Литературен збор“ го објавува есејот „Митот и демитологизацијата во Тетовирани души од Горан Стефановски“ каде потенцира дека предмет на интерес во споменатата драма на Стефановски не е економската, егзистенцијалната или финансиската страна на проблемите на македонските иселеници во Америка, туку дека во „Тетовирани души“ Стефановски ги соочува ликовите со апсурдот на сопствената егзистенција во средина која не е нивна. Според Петковска, за да ја надмине таа ситуација ликот на Македонецот во Америка е принуден да создава свои митови, кои некако ќе му овозможат да преживее. Петковска ги изедначува митовите и чинот на тетовирање односно смета дека судирот меѓу ликовите во оваа драма се базира на спротивставувањето на повеќе митови. Како доминантен таа го детектира митот за враќање во татковината, кој за ликот Кољо прераснува во митски обред. Цибра пак, според Петковска е мит за месија, а Војдан во тој фикционален свет е рушител на митовите. Есејот на Петковска го дава едно од можните читања на овој текст.

АвторАлександра Димитрова
ПреводМилан Дамјаноски
2019-01-15T10:19:41+00:00 јануари 5th, 2019|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 123|Tags: |