ПРЕПОРАКА ЗА ПРЕВОД: РОМАН СО БОЈА НА ШАФРАН

/, Литература, Блесок бр. 119/ПРЕПОРАКА ЗА ПРЕВОД: РОМАН СО БОЈА НА ШАФРАН

ПРЕПОРАКА ЗА ПРЕВОД: РОМАН СО БОЈА НА ШАФРАН

Препорака за превод: РОМАН СО БОЈА НА ШАФРАН


6.
„Министерство…“ не е „Богот…“ , „… малите нешта“ не се „… неизмерна среќа“. Двата романа се фасцинантни, омајни и маѓепсувачки, ретко книжевно умеење, стрпливо вденување фикција во иглата на стварноста и обратно. Двата романа се претоварени со болка, ама сосем различна. Болката во „Богот на малите нешта“ е придушена, приватна, лична; болката во „Министерство на неизмерна среќа“ (или како и да го преведе идниот македонски преведувач) е гласна, крвава, општозаедничка, национална. Повторното враќање во фикцијата на Арундати Рој, по заминувањето од неа и дваесетгодишниот престој во публицистиката и граѓанско-политичкиот ангажман ја стежнало нејзината дарба со преголем товар. Ја искомплицирало, колку и да го релативизираме тоа со фактот дека оваа расна авторка никогаш и не била, никогаш и не беше, едноставна. Сепак, и комплицираноста знае за градации и степенувања. Сметам дека колку што е деликатно романите да бидат надвор од времето и просторот во кои настануваат; исто толку деликатно е и кога се премногу внатре во времето и просторот. „Колку крв е доволно за добра книжевност?“ се прашуваше авторката самата себеси во сопствениот роман. Кога би морала да ѝ одговорам, би ѝ рекла: „Помалку, макар само капка помалку отколку што има во ‘Министерство…’“.

„Министерство…“ е пренапишан, жанровски некохерентен роман. Пресмели резови, недоволно дисциплинирана и контролирана екстензија, радикализирани наративни постапки, трупање непослушни, мултиплицирани аспекти на нештата до бесмислена перспектива на секој детаљ, нижење премногу бисери на ѓерданот, на штета на вратот. „Министерство…“ страда од премногу сѐ. Првиот дел не му е книжевнозагрозувачки на вториот, та тој да не може без него; вториот не му е книжевнозагрозувачки на првиот, та и тој да не може без него. Оттаму, кохерентноста е сериозно проблематична. Но… Но… „Министерство…“  е прекрасен, пренапишан роман. Фасцинантен, еден и единствен, несовршен, неодолив и незаменлив. На вљубениците во книжевноста,„погрешните резултати“ што ги гледаат во романов (како што вљубените ги гледаат несовршеностите на своите љубени), не им влијаат на високата математика на сакањето, туку само на егзактната на признавањето.

„Министерство на неизмерна среќа“ (или како и да го преведе идниот македонски преведувач) е послаб роман од  „Богот на малите нешта“. Знам, гледам, читам, разбирам, сфаќам,.. ама тоа не ме спречува бескрајно да ги сакам и бескрајно да уживам во двата. Арундати Рој е писателот на мојот живот.

АвторОливера Ќорвезироска
ПреводКалина Малеска
2018-09-25T09:22:02+00:00 мај 12th, 2018|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 119|