ПРЕПОРАКА ЗА ПРЕВОД: РОМАН СО БОЈА НА ШАФРАН

/, Литература, Блесок бр. 119/ПРЕПОРАКА ЗА ПРЕВОД: РОМАН СО БОЈА НА ШАФРАН

ПРЕПОРАКА ЗА ПРЕВОД: РОМАН СО БОЈА НА ШАФРАН

Препорака за превод: РОМАН СО БОЈА НА ШАФРАН


Читателски (само)убиствено е „… малите нешта“ да се бараат во „… неизмерна среќа“. Најдобро би било текстуалната меморија на првиот роман да се исклучи додека се чита вториот и да се вклучи дури откако ќе биде прочитан до крај. Дури по последната реченица: „Затоа што пристигна мис Џебин, мис Удаја Џебин“ може вистински да се ужива во огнометот на Арундати Рој на универзалното книжевно небо.

„Министерство…“ има исклучително сложена структура. Започнува од некое некаде, од некоја или од нечија „средина“, директно од Двојка (2) која текстуално трае релативно кратко, брзо-брзо нѐ враќа на претходната Единица (1), и потоа продолжува кон последователната Тројка (3). За да биде уште посложено, таа „средина“ со која се почнува не е средина на основната приказна, како што беше случајот во „Богот на малите нешта“, туку е средина на само една од приказните. Оттаму структурата 2-1-3 не е структура на целиот роман, туку таа е, всушност, средина на страничното, по која ни претстои ретрограден почеток, па дури потоа продолжување кон нешто поголемо што само се насетува. Ваквиот исклучително тежок влез во романот и подведување на читателот да помисли дека романот е за нешто сосем друго, а не за она за коешто, всушност е[3] , претставува сериозен ризик зачитателот да не може да ја следи и да ја впива дискретната антиципативност, и кога по толку многу испишан текст ќе се започне со испишување од почеток сосем нова приказна (повторно од некоја „средина“, од некое некаде, од нечија Двојка!), да не може да го додржи интересот, сметајќи дека е изневерен… Ова, самото по себе, е исклучително смело радикализирање, екстремизирање на стандардните раскажувачки постапки за скршена фабула, за мoнтирање и сложена структура. Речиси дрско (иако крајно суверено!) практицирање на одвоени приказни кои ќе бидат допрени/споени предоцна или барем подоцна или поинаку од очекувањето на читателот. Ваквата наративна ароганција може брзо, лесно и оправдано да биде осудена и казнета од читателот,.. но доколку сепак се надмине – читателот го чека „награда“, катарза на поврзување на сѐ со сѐ во една пресложена, премонтирана, преструктурирана,.. ама неодоливо фасцинантна приказна. Романот почнува од некоја „средина“ во животот на Анџум, жена заробена во тело на маж, хермафродит–ретка хиџра кој/која живее на гробишта(2). Продолжува наназад кон раѓањето на Анџум сѐ до моментот кога тој/таа решава да живее на гробишта (1). Тука „времето“ се спојува и продолжува заеднички да тече (3), откако веќе знаеме зошто е на гробишта и се запознаваме со нејзината животна болка поради „третиот род“, но и со нејзините блиски и важни луѓе, особено со Зејнаб, Садам Хусеин, д-р Азад Бартија и други. Сето време се навестува раѓање на некое бебе со три мајки. Тоа не е направено нападно, но не е ни доволно јасно и разбирливо. Како некакво расеано брашно низ текстот, премалку за замесување нова приказна – премногу за да не биде забележано[4] . Се одбројува времето до тоа раѓање, до настанот за кој читателот не сфаќа зошто е важен, зошто би бил важен и дали воопшто (и колку) ќе стане важен. Овој дел со Анџун завршува со бебе најдено на улица. Значи, веќе родено. Додека ликовите што ги знаеме се обидуваат да го земат бебето, тоа го прави некој друг пред нив. Со наметнувањето на прашањето „дали минатото на бебето се брише откако ќе биде оставено на улица и земено од некој друг“, се затвора тој, омнисцентно раскажан дел и почнува сосем нов (главата „Станодавачот“), во прво лице, кој нѐ остава стотици страници да чекаме на елементарен допир со претходниот дел, а камоли на спојување, надоврзување на него.

Втората раскажувачка целина само почнува со јас-форма од станодавачот за кој многу подоцна дознаваме дека е од највисоките полициски разузнавачки структури во Индија – Биплаб Дасгупта. И неговата приказна е почната од некоја средина, па е враќана наназад, но не по теркот 2-1, па 3 каде што ќе се спои сѐ, туку едно повторувачко 2-1-2-1-2-1,.. едно напред-назад, за време на кое дознаваме дека алкохолизмот и старата љубов со кои има проблем овој средовечен маж се темелат на една комплицирана младешка приказна, каде што тројца другари (тој – Биплаб или Гарсон Хобарт како што го викаат, Муса и Наго) сакаат иста жена – Тило. Тројцата меѓу себе немаат ништо друго заедничко, освен Тило и малку музика. Но, сепак се блиски на еден моќен начин. По истиот наративен принцип се објаснувани сите ликови, со една напорна напред-назад раскажувачка стратегија со многу детали, документи, факти разнесени низ нереално време на нивното настанување, разбирање и потреба,.. со многу политика, со многу застрашувачко натуралистички контексти во Индија, со ставањето на различни страни на тројцата другари кои и без тоа потекнуваат од различни касти.


3. Првите повеќе од 150 страници целосно нѐ убедуваат дека „Министерство…“ е роман за половоста, за несреќата скриена во нашиот предодреден, наметнат, недоброволно одбран пол, за жените заробени во тела на мажи, за расчекорот со природата и со чувствата… Претпоставувам дека постојат многумина понетрпеливи читатели кои во сето ова ткаење не ја препознале антиципативната нишка дека можеби ќе се случува и нешто друго и го оставиле романот. Затоа што едноставно не дочекале да влезат во приказната. Романот Е, но и НЕ Е за половоста. Тој е и химнично љубовен, и крваво политички, и жестоко семеен. Тој е сѐ што не можете да видите внатре, додека некој не ви ја отвори влезната врата. Или додека самите не ја скршите…

4. Наративната постапка именувана како расеано брашно е честа и значајна во романов. Таа е антиципативна стратегија на навестување на она што допрва ќе се случува, или на она што допрва ќе биде поврзано. Изненадувачкото кај Арундати Рој е што замесува тесто од расеаното брашно во тотално неочекуван миг. Сѐ што навидум бегло расеала при раскажувањето, со еден зафат го прибира и го замесува во неодоливо Цело, во тесто, во леб, во суштина, во непогрешливост, во непобитен и непореклив факт.

АвторОливера Ќорвезироска
ПреводКалина Малеска
2018-09-25T09:22:02+00:00 мај 12th, 2018|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 119|