Словенскиот ковчег

/, Блесок бр. 09, Театар/Филм/Словенскиот ковчег

Словенскиот ковчег


Сцена 1
Сцена 2
Сцена 3
Сцена 4
Сцена 5

(Дневната соба на Арсо и Цвета. Арсо чита весник, Цвета аранжира некаков букет цвеќе)
АРСО: Се напи лек?
ЦВЕТА: Се напив.
АРСО: Темо рече нема дејство ако прескокнеш.
(Пауза.)
АРСО: Го исклучи шпоретот?
ЦВЕТА: Го исклучив.
(Арсо го остава весникот, оди до шпоретот, и става очила со голема диоптрија. Потем се доближува до прекинувачот на шпоретот така што го допира со носот.
)
АРСО: Не е баш на нула.
(Го поместува прекинувачот за два-три милиметри надесно. Ги вади очилата и се враќа пак во фотелјата. Чека реакција од Цвета. Откако ќе се увери дека таа не реагира, го крева весникот, почнува пак да чита и дофрла.)
АРСО: Не беше баш на нула.
(Цвета го треснува букетот од маса и почнува да плаче, ставајќи ги рацете на очи.)
АРСО: Што ти е, Цвето?
ЦВЕТО: Што ми е? Ти ме прашуваш што ми е? Не можам веќе вака. Земи пиштол убиј ме, само не третирај ме како идиот. Само сонувам чудни соништа. Болест ли е тоа? Знам да исклучам шпорет. Знам дека не е баш на нула. Не може никогаш да биде идеално на нула. Има прекинувачи од друг модел. Нулата им е малку подесно. На оригиналот е полево. Така ли е Арсо?
АРСО: За војската сигурно е она што е сигурно 101 посто.
ЦВЕТА: Ова не е војска. Ова е куќа.
АРСО: Да беше ова куќа немаше јас да бидам нула. Никој не ме есапи за нормален после онаа глупост. Да не зборам кој ме тераше да им го дадам подрумот. Сите весници уживаа. Заставник му дал на синот службен простор за пожар! Секта во воениот подрум! Сензација: заставник подметнал пожар преку синот! Дај им го па дај им го. Деца се, поарно да се играат со сенки отколку да крадат или да се дрогираат. Што зијан можат сенки да ти направат, Арсо? Ама не биле сенки, оти сенки не раѓаат копилиња.
ЦВЕТА (Покажува кон собата каде спие Детето.) Сакаш да те чуе?
АРСО: Го хранам, го облекувам. Малку ли е тоа?
ЦВЕТА: И на улица да е најдено треба да го нахраниш и облечеш.
АРСО: На тоа дете му треба татко.
ЦВЕТА: Ќе си го најде.
АРСО: Може да бира. Има широк избор. (Пауза.) Само што нашион не е во комбинација.
ЦВЕТА: Кога умре мајка им на Бела и Цеца, дојде дедо им од Белорусија да ги чува. Ама излезе дека е инвалид.
АРСО: Не беше инвалид. Беше лудак.
ЦВЕТА: Бела го чуваше. Немаше време за игра. А кога се играше, играше со гугутките. Еднаш ме праша: „Тетка Цвето, зошто гугутките имаат црно околу вратот?“ Не знаев што да кажам.
АРСО: И јас не знам што да кажам. Доаѓа празникот на војската. Сите ќе добијат почесни униформи, а јас ќе останам гол.
ЦВЕТА: Па нели ти зедоа мерка за униформата?
АРСО: Тоа ништо не значи. Горе ќе решат дали сум ја заслужил.
ЦВЕТА: Каде горе?
АРСО: Надлежните.
ЦВЕТА: Си ги видел некогаш?
АРСО: Што има да ги гледам.
ЦВЕТА: Па како примаш почест од некого што не го знаеш? Од кај знаеш дека е чесен?
(Арсо молчи. Гледа збунето во Цвета.)
АРСО: Војник сум. Морам да верувам.
ЦВЕТА: Па и Темо нема да добие униформа. А колку години работеше во војното.
АРСО: На Темо не му следува, оти не веруваше. Отиде во приватно.
ЦВЕТА: Го мразиш оти има пари.
АРСО: Го мразам оти ми ги крие чизмите!
ЦВЕТА: Ти не знаеш за шега.
АРСО: Ебати шегата: да му ги криеш на комшија чизмите кога брза за на работа! И она со копчињата е шега?
(Влегува Темо. Накитен е со златни прстења, гривни, синџири околу вратот. Оди со патерица: едната нога му е до колено. Арсо застанува пред огледалото и облекува кошула, како да не влегол никој.)
ТЕМО: Здравоживо, комшии. Што правите?
ЦВЕТА: Арно ама лошо излегува.
ТЕМО: (Кон Цвета) Пиеш од лекот, Цвето?
ЦВЕТА: Вчера прескокнав. И сонив: Кукла се вратил, стои на врата со сонце на десно, со месечина на лево рамо. Влези синко преку прагот, велам. Не смеам да влезам, патишта многу треба да одврзам, мамо. Какви патишта Кукла, му велам, влегувај внатре, ниедно време е за одврзување патишта. И одеднаш сонцето зајде а само месечина му остана на лево рамо. Замина бос по патот.
ТЕМО: Не чини. Уште сонуваш.
ЦВЕТА: Кога пијам не сонувам. Како да сум умрела. Си велам во сонот, Цвето, си умрела.
ТЕМО: И тоа не чини. Сонуваш дека не сонуваш. По две лажици земај навечер.
ЦВЕТА: Горчи многу, Темо. Бело ама горчи.

(Темо застанува пред Арсо. Фаќа едно копче од кошулата и го витка.)
ТЕМО: Арсо, слушна? Се шушка дека војската ќе си оди.
АРСО: А празникот?
ТЕМО: Лоша ситуација е, Арсо. Кој мисли на празник. Се повлекоа од Словенија, се повлекуваат и од Хрватска.
(Арсо се измолкнува.)
ТЕМО: Кој е дежурен ноќеска во болницата?
АРСО: Јас. Зошто?
ТЕМО: Онака, прашувам.
(Темо станува. Тргнува кон вратата.)
ЦВЕТА: Фала Темо за советот.
ТЕМО: Таман работа Цвето, со Арсо во исти чевли израснавме.
(Излегува.)
АРСО: Толку се сакавме што во уста си плукавме.

2018-08-21T17:22:09+00:00 јуни 1st, 1999|Categories: Текст, Блесок бр. 09, Театар/Филм|