Џеб полн магија

Џеб полн магија

(Театар за деца и младинци – Скопје)

Денешното осамено дете додека гледа претстава не се прашува (како што тоа го прават родителите и редарите) „сакам ли да бидам добро“, туку „на кого сакам да личам“. Ако ликот од бајката е добра личност, тогаш детето се соживува со неа и одлучува дека сака да биде добро. Ликовите кои живеат на сцената на Театар за деца и младинци во Скопје ве судруваат со секојдневните егзистенцијални стравови на децата и возрасните – потреба да се биде сакан, страв да не се биде безвреден, љубов кон животот и страв од смртта.

Могли – детето од џунглата

Секое дете идентификувајќи се со одличниот Игор Маџиров #3 како Могли-детето грабнато од волците, се чувствува моќно да ги победи своите најголеми непријатели – возрасните. Флуидното и еластично тело со кое мајсторски господари овој актер во улогата на детето-волк влева сигурност кај неговата најверна публика дека и тие можат да го направат сето она што ќе го наумат и посакаат. Вечно актуелното егзистенцијално прашање „да се биде човек или волк“ бугарскиот режисер Боњо Лунгов успева да го оживее пред очите на децата со одлично синхронизираните актери Ана Левајковиќ, Драган Довлев, Тања Кочовска, Предраг Павловски, Олгица Христовска, Изабела Новотни и Владимир Лазовски. Џунглата од сунѓери и виртуелните кукли на животните на малата сцена од овој театар живеат со возбудлива брзина на цртан филм.

Пепелашка

#2 Оваа полукуклена верзија на добро познатата бајка ги насикува паралелните светови на актерите и куклите, на животот како бајка но и дека тој не е секогаш бајка. Талентираниот режисер Драган Довлев ја насликува својата визија за паѓањето на дното на животот само како нужен чекор кон тоа човекот да стане способен за остварување на своите најголеми потенцијали. Секое дете се идентификува со Пепелашка на Ана Левајковиќ и неминовно си помислува: „Можете да ме натерате да ги извршам сите валкани работи и јас се преправам дека сум валкана, но јас во себе знам дека вака се однесувате кон мене зашто сте љубоморни дека сум подобра од вас“. Широкиот простор за актерски импровизации го искористуваат Новотни, Кочовска, Христовска и Лазовски паралелно да ги карактеризираат куклите и оние што секогаш ги држат во свои раце.

Убавицата и ѕверот

Бајковидниот свет во овој детски мјузикл е развиен до совршенство со сценографијата и костимографијата на Александар Ношпал. Притоа секое дете посака да ја има енергијата и храброста на фарсичната Скакулка на Тања Кочовска и флуидноста и пожртвуваноста на Убавица на #1 Левајковиќ. Режисерот Димитар Христов пред се со помош на актерите Довлев, Лазовски, Христовска, Новотни и Маџиров едноставно ја реши оваа претстава како борба за зрелост каде љубовта се победува.

За да го задржи вниманието на својата најверна публика-децата, овој театар умее пред се со позитивната енергија на својата актерска група, која дише како едно, да забавува и ја буди љубопитноста. Но за да го збогати животот на децата и поттикне нивната фантазија за самостојно да ги сфаќаат и решаваат малите животни проблеми, тој им подарува програмчиња-боенки. Со боењето на своите јунаци децата субјективно го доживуваат светот и внесуваат извесен ред во хаосот на својот ум како би можеле подобро да се разберат себе си. Од театарот излегувате со неповторливо чувство дека џебот ви е полн магија.

2018-08-21T17:22:11+00:00 април 1st, 1999|Categories: Осврти, Блесок бр. 08, Театар/Филм|