Коските што доаѓаат доцна

/, Блесок бр. 08, Театар/Филм/Коските што доаѓаат доцна

Коските што доаѓаат доцна

СЦЕНА III (Корито– миење на мозокот)

МАРК АЛЕМ
Мајко! Мајко!
СТАРИЦАТА III
Ѓорг синко! Чедо на мајка. Ѓорг-о!
СТАРИЦАТА II
Издржи мајкин не плаши се…
СТАРИЦАТА III
Јас сум, Ѓорг. О, Ѓорг Урај!
СТАРИЦАТА I
Јас сум, твојата мајка!
СТАРИЦАТА II
Ѓорг, Ѓорг-оооо!
СТАРИЦАТА III
Ѓорг, о Ѓорг Урај … Синко Ѓорг!
СТАРИЦАТА I
Ајде, Марк Алем, чедо! Ајде излези во коритото, ќе те измијам јас тебе. Ќе ти ги исперам соништата. Ќе ти го избришам од очите сето она што го гледаш зад времето случено пред петстотини години. Ајде, Марк! Ајде. Ајде, синко!
МАРК АЛЕМ
Мајко! Дали си тоа ти? Мајко! Дали е ова мојата куќа?
Тешко ми е да те препознаам. Не те гледам јасно, зашто мрак има во мојот сон. Зошто си облечена така? Да не се криеш од некого?
СТАРИЦАТА III
Ајде, ајде… Ќе те извадам од секаков мрак на твојот сон. Ти си толкувач на соништата во Палатата, и не треба да сонуваш.
МАРК АЛЕМ
Издржи мајко, не плаши се!
СТАРИЦИТЕ
Охо, охо, јунаци!
Трчајте кон изворот!
Помогнете му на Ѓорг Алем Урај од Ќуприлиите
Зашто се уништи кутриот, изгоре за нас
За нас, о благословени кои толку многу сакаме
Јазик, земја и вера!
МАРК АЛЕМ
Си започна во илјада деветстотини деведесет и втората година. Да. Во годината илјада деветстотини деведесет и втора. Стана претседателот на Гагаузите и рече: третата гагауска армија е во состојба на потполна готовност да интервенира во Босна. Доколку Србите ја нападнат Босна. Ние сме приморани да им ,,Спречиме“ помош на браќата муслимани.
СТАРИЦАТА I
Не се вели да им ,,спречиме помош“ туку да им ,,помогнеме“.
МАРК АЛЕМ
Да. Третата армија, шестиот корпус. Во Гагаусити, главниот град на Гагаузистан, народот се крена на демонстрации. Бараше гагаускиот народ да ги преплива Егејското, Јонското и Јадранското Море и да стигне во Сарајево, да им ,,спречи“ помош на браќата… Сето тоа беше за да ги поттикне бошњаците… Да им влее храброст. Ајде, прво вие почнете, а потоа, а потоа, ех, потоа… Каде сте виделе вие море да се преплива, три мориња. Прво куршумите ќе ти се навлажнат… Барутот жива вода ќе ти се стори. А од друга страна Америка, Америка поставува заседа среде морето со Шестата Флота. Оружје да не стигне во Босна. Како кој… Америка? Беше кренато на нозе сето светско братство гагауско…
СТАРИЦАТА II
Доста веќе, молчи, не знаеш што зборуваш…
МАРК АЛЕМ
Ха?!
Ој Албанијо, тебе ти намигнувам
Не смее никој да ти ја чепне границата…
Тие од таму со трите прста угоре, велат дека Валона е Белград, а овие од ваму велат дека Тетово е мал Стамбол.
СТАРИЦАТА III
Пст! Затвори ја муцката!
МАРК АЛЕМ
Зошто … Верата? Знаете ли вие што е верата?
СТАРИЦАТА I
Седи бре… Седи! Кај излезе сега кај верата?!
МАРК АЛЕМ
Тие од Белград… Сакав да кажам од Валона, нека кажат што сакаат, нека кажат дека Тетово е мал Стамбол… Дека Тетово е мал Стамбол…
СТАРИЦАТА II
Да не сака да стане католик?
МАРК АЛЕМ
Види, види жити Алах… Треба ли? Дали треба? Види, види жити Алах? А, мајко?! Кој рекол дека треба да станеме католици?!
СТАРИЦАТА II
Па Барди, па Буди…
СТАРИЦАТА I
Па Казази, па Фишта… Па Репишта…
СТАРИЦАТА III
Па Пласари…
МАРК АЛЕМ
А Скендербег? Што рекол Скендербег за оваа работа?
СТАРИЦАТА III
… Скендербг? Тој што Ватикан го натера да војува против муслиманите…?
СТАРИЦАТА I
Што рекол тој?
МАРК АЛЕМ
Чувајте се, браќа, рекол! Немојте да станете Грци и Срби. Бугарите се православни, и бидејќи се православни станаа Романци. Ги поврзала православната вера со Романците. Потоа Грците. Грците се православни и станале Срби, а Србите православни станале Македонци, додека Македонците православни само што почнале да стануваат Македонци. Само Албанците останале Албанци. Да беа католици ќе станеа Италијанци. Да беа православни ќе станеа Грци, а да беа мухамедини немаше да станат Турци. Сме останале Валона и Тетово. Верата ја открила демократијата во илјада деветстотини девесет и втората година…
СТАРИЦАТА II
Што се случило во илјада деветстотини девеесет и втората година?
МАРК АЛЕМ
Во тоа време ме почеша малку газот, и го интерпретирав мојот сон. Во тоа време си уште не бев… Во тоа време си уште не бев… Луд. Почнав да работам како толкувач во Палатата. Ме почеша газот и напишав. Третата светска војна ќе започне поради верски прашања. Се плашат овие големите од пророштвото на Нострадамус. На крајот на дваесеттиот век ќе стане еден Арапин и ќе му ја ебе мајката на целиот свет. Точка. Ностродамус рекол… Што рекол Ностродамус така и се случило. Јас сакав да им ја кажам на Албанците оваа работа: Браќа Албанци! НАТО пактот треба да зајакне за го искорне фундаментализмот и комунизмот од Балканот… Туку оставете ги овие глупости? Слушнете го само Пашо Васа, верата на Албанецот е албанството!
СТАРИЦАТА III
Да, но Пашо Васа…
МАРК АЛЕМ
Да де, да… Пашо Васа пред да каже „верата на Албанецот е албанството“, една минута пред тоа рекол „Оставете ги црквите и џамиите“.
СТАРИЦАТА I
Дали Пашо Васа бил енверист?
МАРК АЛЕМ
Не, како… Енверист. Но не бил ниту демократ. Верата ја открила демократијата. Верата е најискреното и најсублимното чувство на човекот. Има ли пострашна работа од тоа да му забраниш на човекот да му верува на господ. На крајот на краиштата и не можеш… Зашто господ ти ја сече главата, како, како… Како…
СТАРИЦАТА III
Како кому?
МАРК АЛЕМ
Како на Бајрам Цури… На пример.
СТАРИЦИТЕ.
О, Марк Алем!
О,Марк Алем!
О, Марк Алем!
МАРК АЛЕМ
Хаааааа! Нааааа!
СТАРИЦИТЕ
Ууууууаааааа!
СЛУЖБЕНИКОТ
Дали во водата сте ставиле пелин?
СТАРИЦАТА II
Да, ефенди, да.
СЛУЖБЕНИКОТ
Е така! Фт-фт, фт-фт, ќе му дојде умот. Дали си сега подобро?
МАРК АЛЕМ
Дааааа!
СЛУЖБЕНИКОТ
Секој ден треба да го миете вака гол. Да му дадете да ја пие водата во која е измиена амајлијата. Секој ден запалете му по една книга. Со пепелта од неговите книги направете му манџа… Нема каде, мора да оздрави овој. Сега дали си подобро или не? Сонуваш ли уште. Ха, кажи? Дали сонуваш? … Ви кажал ли некој сон?
СТАРИЦАТА I
Вели дека на сон го викаат Ѓорг Урај, а на јаве Марк Алем.
СЛУЖБЕНИКОТ
Од каде ни излезе сега овој Ѓорг Урај… Ура-Мост. А ,,Ѓок“ ли?
СТАРИЦАТА II
За Ѓок не знам… Но Ура-Мост, Урај… Ми се чини дека е поврзан со Ќуприлиите.
СЛУЖБЕНИКОТ
Бога ми, непрекинато чита туѓи соништа и ги толкува. Потоа се идентификува со нив.
СТАРИЦАТА II
Зошто треба да го врземе како бебе целиот овој коњ?
СТАРИЦАТА I
Зашто бебињата прво се раѓаат муслимани… А потоа Албанци.
СТАРИЦАТА II
А ако се погоди да се роди католик… Потоа кога ќе порасне дали ќе стане Албанец?
СТАРИЦАТА I
Ти не ги разбираш овие работи. Знаеш ли дека православните бебиња, ако умрат некрстени, ги погребуваат по ниви и мочуришта, немаат пристап до гробиштата на луѓето со вера.
СТАРИЦАТА III
Овој коњов што го лулкаме… Што вера има?
СТАРИЦАТА II
Го миеме како бебе додека не го покрстат по вторпат… Да му дадат и верско име, зашто е и Албанец.
СТАРИЦАТА III
Кому му текна овој џамбазлак?!
СТАРИЦАТА I
Излегол од Палатата на сништата, со погрешни интерпретации, му се измешале имињата, те Ѓорг, те Алем, те Ќуприли, те Урај. Сега треба си од почеток, да се роди како бебе, според верата, потоа ќе му го најдеме и јазикот на нацијата.
СТАРИЦАТА II
Колку трае оваа работа?
СТАРИЦАТА I
Не знам колку трае, но трае веќе петстотини години.
СТАРИЦАТА I
Нина, нана, тебе те лулкам
Да ми станеш старешина на селото…
СТАРИЦАТА II
… Старешината на селото носи бела капа, еееј!
СТАРИЦАТА I
Па добро, нека ја стави!
СТАРИЦАТА II
Шшшшт,шт, заспа. Бегај. Да бегаме!
СТАРИЦАТА I
Да бегаме.

АвторТеки Дервиши
2018-08-21T17:22:11+00:00 април 1st, 1999|Categories: Текст, Блесок бр. 08, Театар/Филм|