Театарот во потрага по својот нов идентитет

/, Блесок бр. 07, Театар/Филм/Театарот во потрага по својот нов идентитет

Театарот во потрага по својот нов идентитет

Во текот на последните две години и всушност во текот на последната деценија современиот македонски театар го одбележаа длабоки парадокси. За ова да се разбере подобро ќе се обидеме да ја објасниме и опишеме македонската театарска реалност прво преку презентирање на глобалниот контекст (и не само културниот контекст) во рамките на кој егзистира современиот македонски театар. Во овој глобален контекст се разбира е вклучен и фактот дека Република Македонија е релативно мала балканска земја (25 000 км2 со околу 2 милиона жители) со долга и богата културна историја – примарно урбана – и е создадена од густа мешавина на различни јазици и традиции (македонски, турски, влашки, еврејски, албански…). Моментално доминира процесот на транзиција, карактеристичен за сите бивши комунистички земји, кои се обидуваат да асимилираат друг, подемократски начин на живот.
Затоа што моменталните парадокси го дефинираат македонскиот современ театар во согласност со тој контекст ќе дефинираме некои од најважните: релативно голем број на професионални театарски институции (девет) во кои делуваат дванаесет константни ансамбли (десет за театар, еден за балет и еден за опера).
Релативно големиот број на актери, пеачи, играчи и музичари се во постојан работен однос (скоро 500!) и најголем дел од нив имаат високо образование (комплетно факултетско образование).
Релативно е скромна годишната продукција – во однос на квантитет – на новите драми (најмногу 30 премиери).
Релативно е мал бројот – повторно во однос на квантитет – на повторни изведби во текот на годината (не повеќе од 1000 претстави).
Релативно е голема концентрацијата на театарскиот живот во главниот град Скопје. Вон главниот град има пет театарски институции кои функционираат, но само една од сите нив – Битолскиот народен театар има висок професионален и актерски стандард.
Релативно е ограничена мобилноста ако не и отсуствува мобилноста на театарските куќи во главниот град, кои освен на штиците од нивните театри ретко настапуваат на други места (ако земеме во предвид дека во Македонија балетот, операта и Театарот за деца имаат секој само по еден ансамбл, како што е случај и со Театарот на народности – Турска и Албанска драма, очигледно е дека постоечкиот модел на театарска организација боледува од преголема „статичност“).
Релативно е мала посетеноста на театарската публика посебно во малите градови и нејзиното „преферирање“ на „полесни жанрови“ (земајќи го во предвид добро познатиот факт дека театарската публика спаѓа во категорија што е изградена во долг временски период, ние веруваме дека може да се тврди дека „старомодноста“/назадната организација на театарот што постои до денес неминовно продуцира старомодни театарски естетики, точно означено од Питер Брук како „мртовечки театар“ кој за жал се уште доминира на сцените на македонските театри).
Покреативниот и амбициозен потенцијал на современиот македонски театар (потенцијал на актери, режисери, драматурзи, организатори) се обидува да ја подобри состојбата на националниот театар. Во текот на последните две години и последните две сезони цели серии на индивидуални напори резултираа во неколку особени интересни театарски настани.
Македонскиот театар како институција, под покровителство на државата, се уште функционира во старата (социалистичка) организациона шема со модел на „национален театар“ каде актерите се во „цивилна служба“, а репертоарот мора да вклучува од „си по нешто“ и „по нешто за секого“. Овој модел исто така и во Македонија се покажа нефункционален (како и претходно во Бугарија, Полска, Унгарија, Русија, Чехословачка…)
Најактивните елементи на театарскиот свет се разбира дека не чекаа државата да организира друг и/или за нив поквалитетен театарски живот, туку ги зедоа работите во свои раце. При сменувањето на моделот на театарската организација тие исто така ја променија и театарската естетика (именувана од Брук како „мртовечки театар“) против која се бореа со години.
Театарските фестивали како МОТ Интернационален театарски фестивал (Млад отворен театар) и „Охридско лето“ играат важна улога во „новиот бран“ отворајќи го современиот македонски театар кон светот. Иако овие фестивали повеќе имаат тенденција да ја информираат македонската театарска публика за она што се случува во странство (настаните во странство се ретко организирани во согласност со принципот за реципроцитет) несомнена е нивната улога во утврдувањето на македонскиот театар. Во долгата листа на театарски фестивали треба да се спомене разиграниот „Скомрахи“, традиционална средба од академиите за театар и филм од целиот Балкан како и од неколку европски земји (Американците исто така зедоа учество во 1995), кои се организирани од Факултетот за драмски уметности од Скопје.
Со сета почит кон ФДУ од Скопје треба да се спомне неговиот неоспорен придонес не само во систематизирањето на студиите за театар (факултетот ги образува актерите – Македонци, Албанци, Турци на мајчиниот јазик, режисери, драматурзи и продуценти за театар и филм). Без систематски приод со добро детерминиран профил на одговорни луѓе, без методологија или дури и точна терминологија, кревкото истражување на македонскиот театар е претставено сè до најслабата точка во целокупниот контекст на македонскиот театар. Благодарение на систематичната активност на Факултетот за драмски уметности македонскиот театар ги зајакнува своите научни темели.

АвторЈелена Лужина
2018-08-21T17:22:12+00:00 февруари 1st, 1999|Categories: Теорија, Блесок бр. 07, Театар/Филм|