Les belles lettres sans pardon

Les belles lettres sans pardon

Предговор за антологијата на македонски современ расказ
DON’T YOU FYROM ME

#1 Повеќето антологии започнуваат со извинувања, оградувања и особено со изразување жалење, во стилот „просторот е тесен“, „бројот ограничен“… Впрочем, и во ова прилика бевме ограничени, но тоа ограничување се однесуваше само на бројот на страниците (тој да не ја преминува бројката од двесте), така што, самите си ги создадовме правилата, точката од која ќе почнеме и границата на која ќе запреме. Сепак, главната одлика која нè водеше сето време низ оваа авантура беше страста. Страста во пребарувањето, во селектирањето, во исчитувањето, препрочитувањето… И овој текст, впрочем, е пишуван со страст, а причината за неа лежи во радосната можност да ѝ се приопшти на хрватската читателска публика, најновиот македонски прозен израз. А сè започна како обична покана за танго. Нè покани Златко Крамариќ. И во таа тројна игра Тој, Јас и Јас испишавме многу лесно круг со дијаметар на нашата македонско-хрватска писмотворна иднина.
Секоја стилска формација негува или урива некаков жанр, се дефинира по однос на него. Македонската постмодерна се дефинира себеси по однос на расказите што ги протежира. Не дека романот го нема во нашиот литерарен 21 век – впрочем, постмодернизмот е една полижанровска формација која го пречекорила строго дефинираниот поим деконструирајќи ги неговите граници – но жанрот е денес хибрид кој отвора простор за кратката проза, како клучна форма во македонската постмодернистичка поетика. Велат, расказите се огледало на актуелната состојба, а таа покажува дека не постои доминантен раскажувачки модел во нашето прозно писмо. Секој, на свој начин, си ја раскажува својата приказна.
Оваа антологија е една наша приказна и како таква таа е еден вистински радосен чин, како за нас кои работевме на неа, така и за оние кои ќе се решат да ја имаат во свои раце. Само на тој начин, преку взаемна комуникација (меѓу оние кои го одбрале материјалот и оние кои го прифатиле), може да ни се случи препознавање. Инспирирани од бифокалната перспектива за Македонија – онаа создавана од светот за нас, или барем од оној дел на светот кој нè доживува како мрачен топос на балканска хаотичност и непросветеност, и другата, нашата, создадена од нас самите кои се доживуваме себеси како колонизирани субјекти, жртви на светскиот културен империјализам – нè поттикна кон идејата да ѝ претставиме на хрватската читателска јавност еден панорамски преглед на најпровокативните македонски писатели родени помеѓу 50-тите и 80-тите години на минатиот век.
Овој предговор нема намера да даде книжевно-теоретско исчитување на македонскиот современ прозен израз. Има само намера да го воведе читателот во читањето на избраниот материјал, но претходно, треба да се даде одговор на прашањето што нè пресретнува: Зошто за овој избор е земен токму расказот? Можеме да дадеме многу одговори и сите (до еден) да бидат оправдани, но нам ни се чини наједноставно следново објаснение – дека расказот (за разлика од романот или драмата) е попогоден од аспект на она што го одликува а тоа е поетиката на тесниот простор, неговата фрагментарна рамка. Како еден од начините преку кои го спознаваме светот живеејќи од точка до точка, од миг до миг, фрагментарноста е отпор кон стварноста што нè окружува и начин како да се спречи – или подобро, како да се премости – нејзината доминација, во самиот чин на раскажувањето. Од друга страна пак, како речиси идеална форма-без-форма, неодредена и аморфна, расказот ја има посакуваната привлечност, тој е модел со кој македонскиот писател ја надминува својата апорија обидувајќи се да ја совлада амбивалентноста на дисперзивната мисла.
Така, на овие споменати двесте страници можевме да поместиме 33 авторски имиња. Некои од нив сè уште млади, на почетокот од својата уметничка врвица (Душко Гошевски и Алекс Букарски, првиот роден 1983, а вториот една година подоцна – 1984), други во зенитот на својата писмотворна кариера (Дурацовски, Миневски…), трети веќе етаблирани и во академските кругови на македонската културна сфера (Ќулавкова, Михајловски, Андоновски, Прокопиев…), но сите заедно свртени кон еден нефикционален, автоироничен дискурс чија единствена цел е ре-дизајнирање на духовната слобода во проширена сензибилност.
Повеќето прозни дела ја откриваат желбата на авторите да се претворат во време. Ако не во вистинско тогаш барем во лажно, оти без оваа категорија прозата не би била фикција. Но најдобрите раскази настануваат тогаш кога не се раскажани туку покажани, кога пледираат дека едноставно се случиле во времето, во мигот и дека не се само фикција. Затоа се чини дека авторите од оваа антологија (или барем повеќето од нив) го игнорираат хроносот претворајќи ги своите раскази во безвремена, инертна, есеистичка проза, некогаш филозофска, другпат анегдотична, третпат профана, на самиот раб од едно луцидно, инвентивно, без малку шокантно, понекогаш дури и еротски страсно писмо.
Затоа, главниот приоритет при составувањето на оваа „кратка антологија на македонскиот жив расказ“ не беше естетската компонента (макар што сме сосема убедени дека во оваа книшка ја има нејзе во голема мера), туку идејата фокусот на читателот да биде насочен кон зачудноста како феномен од дамнина. Небаре фатени во flashback, додека очекувате здодевни сцени од секојдневието, ќе бидете затечени од необичните стилски и тематски решенија што ги нуди непретенциозната форма на македонската нефикционалност. Можеби ова навистина не е антологија за вечни времиња (нејзините приредувачки и онака не се оптоварени со вечноста), но се цврсто убедени дека селектираниот авторски материјал има капацитет да го вклучи македонското прозно писмо во времето, да покаже дека нè има, такви какви што сме, скизоморфни, иронични, дискурзивни, травестивни, луцидни, провокативни, колажни, фрагментарни, своеглави, кусогледи, транзициски, но со многу инпути, аутпути, диспути…
На овие понудени двесте страници од хрватска страна (предизвик кој го прифативме без многу размислување) се подредени повеќе приказни: од реалистични до фантастични, од стокмени (небаре инстант раскази, како оние на Милчо Манчевски, Ирена Павлова Де Одорико, Влатко Мартиновски), до доволно долги (како расказите на Драги Михајловски, Димитар Пандев, Жарко Кујунџиски, Алекс Букарски). Изборот внимателно го правевме со единствена цел – да покажеме дека нашиот македонски расказ ги поседува сите битни својства на расказот како книжевен вид. Се водевме од идејата да ја истакнеме атрактивноста на приказната, но и елиптичноста на формата, гонети од една развиена семантичка и естетска парадоксалност (Венко Андоновски, Оливера Ќорвезироска, Гоце Смилевски), дури и кога приказната произлегуваше од некоја друга или претходна традиција (Ким Мехмети, Томислав Османли, Димитар Пандев, Ермис Лафазановски). И додека некои од авторите манифестираа силна способност за поентирање, други особена индивидуалност (Драги Михајловски, Јадранка Владова, Александар Прокопиев), сепак, кај повеќето од нив се чувствуваше онаа жива потреба за игра, за импровизација и експеримент, без оглед дали се работи за автори родени во педесеттите или во осумдесеттите години на минатиот век, без оглед дали е тоа исклучиво „машко“ или специфично „женско“ писмо. Па, ако хрватската читателска јавност го познава во својата литературна историја моделот la belle dame sans merci, македонската ја открива денес својата писателка како la belle dame sans pardon: одважна, смела, самосвесна, непатетична, понекогаш рамнодушна и скептична, но лирска, свртена кон периферните приказни наречени живот.
Ќе забележите дека некои од расказите во оваа антологија манифестираат и флексибилност на формата, сродност со некои други гранични видови: како стрипот и сликарството на пример (Димитрие Дурацовски, Александар Станковски), блискост со анегдотата (Ранко Младеноски, Иван Додовски), со дневникот и автобиографијата (Румена Бужаровска, Игор Анѓелков, Димитар Самарџиев), со сликата и филмот (Милчо Манчевски, Јагода Михајловска-Георгиева), но речиси сите покажуваат вонредна заинтересираност за читателот. Не само за македонскиот читател, туку за читателот воопшто, зашто, расказите од нашата најнова продукција се отворени, смели, офанзивни и бескомпромисни, речиси без пардон, едно сулудо андерграунд остварување симнато од височините на сувопарниот академски стил: хиперболично, автоиронично…, еден игрив глас-двоглас без зазор од алтеркации кој како да сака да покаже што знаеме, како точно се чувствуваме, како всушност живееме, како ја дишеме својата фрагментарност, што мислиме за себеси и за светот…
Нашите приказни сигурно не се нови, но се раскажани на смел начин: контроверзен, катахрестички, со еден антилитерарен но ерудитивен јазик. Можеби тоа ќе предизвика поделени мислења кај публиката и кај критиката, но уверени сме дека со своите пост-изми оваа антологија може да го сврти вниманието кон себеси и да покаже дека македонските писатели и писателки ги разнишале конвенциите на застарените мегапарадигми од епохата на модернизмот и нејзиниот моќен авторски глас. И тоа на повеќе начини, но не ретко и преку една социјална сатира на геополитичките односи во регионот, која го исмева менторскиот пристап на Европа кон некој наш интерно-политички проблем редезенирајќи го национализмот во патриотизам, во една духовна слобода како проширено сеќавање кое ги надминало границите на самото раскажување.
Затоа ни е особено драго што можевме низ една мала ретроспектива да понудиме увид во поновите литературни струења во Македонија и нејзините творечки сензибилитети кои го тематизираат нашиот мал и маргинален свет. Можеби во ова наше настојување има и малку маниризам, но преку наративната отвореност и македонскиот јазичен лудизам кој ја следи семиотичката теорија на трагата, разликата, интертекстот, тој маниризам е во служба на актуелната идеја за реставрација правејќи римејк на историјата, но на еден хиперболичен начин кој ја урива илузијата на фикцијата и на стварноста кои, во голема доза, се контаминирани со политика и супкултура.
Затоа и посакуваме, преводите на овие македонски раскази на хрватски јазик, да се прочитаат истовремено и како „порака во шише“ зашто, само книжевните текстови, а во нашиов случај расказите, се оние кои можат да се вовлечат меѓу точките и цртичките со кои се обележуваат меѓудржавните граници во атласите. А преводот е магија која го открива фактот дека постојат и други простори надвор од нашите, дека има и други улички надвор од вашите и нашите улици и соби, поинакви простори надвор од нашето заедничко време…
Творецот ја учи духовната азбука за да се ослободи себеси и да ги ослободи луѓето околу себе од неписмениот живот кој раѓа смрт и од неписмотворната смрт која не раѓа живот. Овој избор нуди една од многуте опции за такво ослободување. Затоа, во услови на неверојатно забрзано живеење и интензивна комуникација преку инстант-пораките испратени како SMS, или оние малку подолгите како електронско муабетење преку интернет, вистинско освежување се пораките во шише. На овие пораки адресата не е точно наведена, така што и примачите на тие пораките не се строго дефинирани. Но, нам кои сме решиле да ви ги испратиме и вам кои сте решиле да ги примите, повеќе од сè ни е јасно дека повеќе ја сакаме апсурдноста на пишувањето, одошто апсурдноста на непишувањето, било кому и било кога. Сепак, најбитно е дека тие пораки патуваат и патуваат и патуваат, но секогаш наоѓаат срце во кое можат да се укотват. Впрочем, срцето е централното место на човечкото постоење. А потребата за патување (во смисла на животен еликсир) е потреба за дијалог или подобро, копнеж по дијалог со светот, со Другиот.
Искрено се надеваме дека една таква потреба ќе задоволи и оваа избрана проза од Македонија, зашто, таа премногу лесно, премногу едноставно ги прескокнува онтолошките граници, па преку некнижевните и нераскажувачки елементи ги решава своите проблеми и фрустрации, вистина, можеби на необичен, понекогаш дури и надреалистички или бизарен начин, но со алегориски наратив кој, колку што е херметичен толку е и отворен за нови препрочитувања и толкувања.

АвторВесна Мојсова-Чепишевска и Ангелина Бановиќ Марковска
2018-08-21T17:21:04+00:00 декември 21st, 2009|Categories: Литература, Критика, Блесок бр. 69|