Љубомора

Љубомора

Џојс на прв поглед е одбојна икона на модерната книжевност. Академската заедница ги има искористено неговите живот и работа за привилегиран полигон на онаа гранка на науката којашто банално ја нарекуваат ситничарење и барање влакно во јајцето. Неговата оставнина е заплеткана во дебели слоеви пишана хартија кои често известуваат за запирките и интерпункциските знаци. Така, неговите дела чесниот човек го исполнуваат со стравопочит, речиси со свето наежување. Во таа земја секој камен е означен и сместен на картите на сите можни истражувачи кои се обидуваат да го докажат ексклузивното поклопување на своите претпоставки со вистинитоста на текстот. Но, таквото обмислување на суровата покраина може да даде и интересни резултати. Погледот, често исплашен од строго набљудуваните зони, често паѓа врз опскурности кои инаку би останале длабоко во сенката на анонимноста. Таков пример се Џојсовите писма на Нора Барнакл, жената со која како дваесетгодишен младич првпат се сретнал на 16 јуни 1904-та во Даблин и која го следела низ сиот живот. Писмата, од кои повеќето настанале во неговото младешко, трстјанско раздобје, ја раскажуваат крајно интимната приказна на младиот интелектуалец кој го бара сопствениот уметнички израз, конечно и публиката за него. Што, всушност, започнало на тој судбоносен 16 јуни 1904, на големиот Bloomsday, митолошкиот ден на подоцна џиновското романескно истражување, славниот Уликс?

* * *

Нивната прва средба е плод на целосна случајност. Џојс првпат ја видел Нора на 10 јуни 1904-та, на даблинската улица Насау, и веднаш ѝ се обратил. Неговата појава очигледно била доволно необична, така што новопечената собарка го сметала за шведски морнар. Тој ја наговорил да се сретнат на 14 јуни, а средбата всушност се случила на славниот датум. Воведниот, иако по обем скромен, но конститутивен дел од преписката допира токму во иницијалната фаза на долготрајната љубов. Џојс го користи пишаниот медиум за самопретставување. Неговото искуство е одраз на непостојано незадоволство. Како потполно да го прогонува отпорот кон закостеното општество, проткаено со малограѓански и христијански догми, крути и зацементирани во вечното повторување на оцврснатите ментални обрасци и урнеците на знаењето. Неуспешните обиди со студиите по медицина, право и музика, скиснатиот самрак на актерските амбиции, семејното пепелиште и уште некои други нешта, му сведочат за сопствената некомпатибилност со светот кој го опкружува. Во општествеиот ред не можам да влезам поинаку освен како скитник, ѝ порачува на Нора, мислејќи дека припростата провинцијалка воспитана во католичка плашливост можеби нема да може да излезе на крај со неговата немирна природа, со човекот кого што постојано го мачат најразлични сомнежи во постоечкиот свет и кој без престан се занимава само со сопствената личност и нејзините уметнички амбиции. А премногу црнила и самосожалување не ветуваат ништо добро; Џојс како повик на својата љубена ѝ довикува борбена парола: Вистинските проблеми кои ги имам во животот се неверојатни, но јас ги презирам. Нора го прифаќа предизвикот без тактизирање, без можност за бегство. Џојс во втората половина на 1904 година одеднаш решава: своето скитање нема само реизгинирано да го евидентира, туку со радикален гест ќе го признае за свој modus vivendi. Збогувањето со родната Ирска, заминувањето на континентот, во далечниот Трст, некаде далеку, никаде. Единствена сопатничка во таа авантура: Нора.
Како токму таа, иако по само три месеци познанство, да му дала поттик за големата одлука, за одлуката за животно бегство, за остварување на онаа судбина која ја сфаќал како единствен автентичен израз на своето битие. Нора е единствената оаза на мир и сигурност во лизгавиот свет. Меѓу нив се плете длабоко духовно сојузништво, свесна одлука дека заедно ќе ги препливаат немирните океани. На секогаш дистанцираниот Џојс, таквата ментална близина и поддршка е чудо невидено, речиси неразбирлив екцес кој животот тогаш, за промена, го префрла во негова корист. Врската со Нора, затоа, е ослободена од световните одредености, ја втемелува моќта на сеприсутната духовна сродност, нескршлива и вечна. И затоа Нориниот лик во тие рани писма е крајно продуховен, прекриен со илјадници етеречни нежности. А за вдахновениот Џојс и тие се само приближување на внатрешното искуство. Зошто да не те викам онака како што во своето срце секогаш те нарекувам? Што ме спречува, освен тоа што не постои само еден збор кој е така нежен за да може да биде твое име? Славната формулација на духовната длабочина на љубовта, кон која што Џојс се приклонил дури подоцна, тогаш од поинакви – креативни побуди.

* * *

Средишниот дел од допишувањето на Џојс и Нора датира во втората половина на 1909 година, кога Џојс два пати по ред на подолго време престојувал во родниот Даблин. Дотогаш толку продуховената приказна добива сосем инакви, нималку духовни нијанси. Првиот пат, бегалецот отпловува доам со синот Џорџи; наскоро по пристигнувањето, некогашниот пријател Винсент Косгрејв му се потсмева дека се сплеткал со жена со која пред него се забавувале други. Дури, и тој самиот се среќавал со неа токму во она време кога со изобилство романтика започнувала врската на Џојс.
Нему му се руши светот, единственото суштество кое како божество на искрена невиност го обожавал на олтарот на своите зли насетувања, му било неверно. Како уште да верува во нејзината отвореност на срцето, како и понатаму да им верува на нејзините чувства! Дали и љубената жена е само привид, нејзините зборови само празно угодување, маневар без покритие во стварноста? Дали зад светицата се крие обична курва? Сомничењето го вовлекува во вител на сеопшти обвинувања. Дали Џорџи е воопшто негов син? Дали пред да дојдеш кај мене веќе те поебал некој друг? Го интересираат најситните детали на она кое е скриено во темнината. Џојс е понижен и бесен, неговата дикција сега веќе не е епифанија на нежноста, во неа првпат продираат тврди порнографски зборови и описи. Со нив го напаѓа љубеното суштество, неговата духовна аура се обвива со гнојот на сетилноста. Љубомората не знае за милост
Но, Џојс наскоро сфаќа дека се работело само за злобна шега во која на Нора неправедно ѝ била припишана улога на лекомислена жена. Сепак, враќањето во чистите спиритуални води веќе не е можно, чекорот е направен, иако во бес од љубомора. Таа се искажува како тектонска сила која што темелно го преобликува нивниот однос. Џојс, имено, преку обвинувањата посредно признал дека љубената ни оддалеку не ја поима само низ призмата на духовната присутност. И нејзиното тело, иако обвиено со слој ваклкана приземност, е предмет на неговата опседнатост. Со сексуалност набиените литании веќе не можат да се заборават, телесноста си го бара своето место во нивното вербално комуницирање. Те гледам во стотици положби, гротескни, бесрамни, девични, копнежливи. Предај ми се, најдрага, сета, сосем сета, кога ќе бидеме заедно. Сè што е свето, скриено од другите, сè мораш да ми дадеш, без задршка. Би сакал да бидам господар на твоето тело и твојата душа. Блудното тело конечно се изборило за природеното право во нивниот речник; љубовта отсега нема да биде видлива без свеста за тесната поврзаност на духовниот и телесниот елемент. Само задлабоченоста во обете сфери на љубеното суштество ја овозможува единственоста на приказната. Љубоморниот испад отворил вентил, на светлото на денот излегува демонот на телото, грчевно, свиткано, растреперено во насладувачката екстатичност. Џојсовиот подарок кој при увидувањето на сопствената пренапнатост ѝ го праќа на Нора во Трст е симболичен израз на новата волја: три големи вреќеи какао! За нејзиното слабичко тело да биде пополно, позаводливо, посладострасно. Страдавме и бевме искушени. Се чини дека од нас паднаа сите превези на срам и покорност.

АвторМитја Чандер
2018-08-21T17:21:30+00:00 септември 1st, 2005|Categories: Литература, Критика, Блесок бр. 44|