Чикамауга

Чикамауга

Едно1F сончево есенско попладне, едно дете заталка од својот строг дом во мало поле и влезе во шумата без некој да го види. Беше среќно во нова смисла на ослободеност од контрола, среќно во можноста да истражува и да доживее авантура; зашто духот на ова дете, во телата на неговите предци, илјадници години било обучувано за историски експедиции на откривање и освојување – победи во битки чии критични моменти биле векови, чии победнички кампови биле градови од изделкан камен. Од лулката на неговата раса го освојуваше својот пат преку два континента и, откако помина преку големо море, се проби низ трет, за да се роди таму со војна и превласт како свое наследство.
Детето беше приближно шестгодишно момче, син на не многу богат земјопоседник. Кога беше помлад, татко му беше војник, се бореше против голите дивјаци и го следеше знамето на својата земја до престолнината на цивилизираната раса во далечниот Југ. Во мирниот живот на земјопоседникот, гори оган на воин; штом еднаш се запали, никогаш нема да згасне. Човекот сакаше воени книги и слики, а момчето разбираше доволно за да си направи дрвен меч, иако дури и окото на татко му тешко ќе препознаеше дека е меч. Сега смело го носеше оружјево, како што му доликуваше на син на херојска раса и, застанувајќи повремено на сончевите простори во шумата, зазеде, со мало претерување, пози на агресија и одбрана што ги научи од уметноста на сликарот. Невнимателен поради леснотијата со која ги победи невидливите непријатели што го спречуваа да оди напред, ја направи вообичаената воена грешка да продолжи со освојувањето до опасна точка, сè додека не се најде на работ од широка но плитка река, чии брзи води го спречија неговиот напад врз брзиот замислен непријател кој ја мина реката со нелогична леснотија. Но, бестрашниот победник не се збунуваше; духот на расата што го мина големото море гореше непобедливо во тие мали гради и не се откажуваше. Откако најде место каде што неколку трупци во потокот лежеа на растојание од по два-три чекора, премина на другата страна и повторно се соочи со задните редови на своите замислени непријатели, прободувајќи ги сите со мечот.
Сега кога победи во мегданот, рационалноста бараше да се повлече во оперативната база. Но, ах; како многумина помоќни освојувачи, и како еден, најмоќниот, не можеше да ја заузди похотата за војна, ниту да научи дека предизвиканата судбина на крајот ќе ја извојува победата.
Зачекорувајќи напред од брегот на рекичката, одеднаш се соочи со нов и пострашен непријател: пред него на патот седеше, сосем исправен, со кренати уши и испружени шепи, зајак! Со исплашен извик, детето се сврте и избега, не знаејќи во кој правец, повикувајќи ја со неартикулирани звуци мајка си, плачеше, се сопнуваше, нежната кожа сурово му ја кинеа трнливите грмушки, малото срце силно му чукаше од страв – без здив, заслепен од солзи – изгубен во шумата! Потоа, повеќе од еден час, лунѕаше без да го најде патот низ густите грмушки, сè додека, најпосле, исцрпен од умор, не легна во тесен простор меѓу две карпи, на неколку метри од реката, сè уште цврсто држејќи го својот меч-играчка, што сега веќе не беше оружје туку придружник, и липајќи заспа. Шумските птици весело пееја над неговата глава; вервериците, кои мрдаа со опашките, трчаа испуштајќи звуци од дрво на дрво, несвесни колку е жална сцената, а некаде далеку се слушна чудна, придушена грмотевица, небаре удираат тапани во чест на победата на природата над синот на нејзините древни поробувачи. А на малата плантажа, каде што белците и црнците трагаа загрижено низ полињата и грмушките, срцето на мајката се кинеше за нејзиното исчезнато чедо.
Минаа часови, а потоа малиот спијач стана на нозе. Студенилото на вечерта му се беше впило во нозете и рацете, а стравот од темница – во срцето. Но се одмори и повеќе не плачеше. Со некој слеп инстинкт што го тераше на акција, се избори со грмушките околу себе и дојде до поотворен простор – на десната страна му беше реката, а на левата една блага удолница на која имаше по некое дрво; а над сето тоа, се собираше темнината на самракот. Некаква сенишна магла се крена крај водата. Го исплаши и го згрози; и наместо повторно да ја мине реката назад од каде што дојде, тој ѝ го сврти грбот и отиде напред кон мрачната шума што се згуснуваше. Одеднаш пред себе виде нешто чудно што се движеше и што тој мислеше дека е некое големо животно – пес, свиња – не беше сигурен што; можеби мечка. Имаше видено слики од мечки, но не знаеше ништо поконкретно за нив и можеби малку сакаше да сретне некоја. Но, нешто во формата или во движењето на ова суштество – нешто во необичниот начин на кој му пријде – му навестуваше дека не е мечка и љубопитноста го надвладеа стравот. Тој стоеше мирно додека тоа нешто му се приближуваше бавно и тој собираше сè повеќе храброст со секој миг, зашто виде дека барем ги нема долгите, заканувачки уши на зајакот. Веројатно неговиот отворен ум беше делумно свесен за нешто познато во неговиот влечкав, чуден ôд. Пред да се доближи доволно за да ги растера сите сомнежи, тој виде дека зад ова нешто има уште едно и уште едно такво нешто. Десно и лево имаше многу повеќе; целиот отворен простор околу него беше жив од нив – сите се движеа кон реката.
Тоа беа луѓе. Ползеа на раце и колена. Ги користеа само рацете, а нозете ги влечеа зад себе. Ги користеа само колената, а рацете им висеа безживотно на страна. Се обидуваа да се кренат на нозе, но паѓа ничкум при обидот. Ништо не правеа природно и ништо не правеа слично, освен што одеа чекор по чекор во истата насока. Сами, во двојки и во мали групи, доаѓаа низ мракот, при што некои повремено застануваа, додека другите бавно ползеа крај нив, а потоа повторно се придвижуваа. Доаѓаа десетици и стотици; се развлекуваа до каде што досегаше погледот во сè подлабокиот мрак, а црната шума зад нив се чинеше бескрајна. Изгледаше како самата земја да се движи кон реката. Повремено, некој што ќе подзапреше не продолжуваше, туку остануваше спружен без никакво движење. Беше мртов. Некои, кои подзапираа, правеа чудни гестикулации со дланките, ги креваа рацете и повторно ги спуштаа, си ја фаќаа главата; ги ширеа дланките нагоре, како што некогаш прават луѓето кога се молат во јавност.
Детето не го забележа сето ова; тоа би го забележал само повозрасен набљудувач; виде само дека ова беа луѓе, а ползеа како бебиња. Бидејќи беа луѓе, не беа страшни, но беа непознато облечени. Се движеше слободно низ нив, одеше од еден до друг и им се загледуваше во лицата со детска љубопитност. Лицата на сите им беа невидено бели и многумина беа измачкани и облеани со црвено. Делумно поради ова – а делумно, можеби, и поради гротескните пози и движења – го потсетија на обоениот кловн што минатото лето го виде во циркусот, и тој се смееше додека ги гледаше. Но, тие незапирливо ползеа, овие осакатени и раскрвавени луѓе, не забележувајќи ништо околу себе, исто како што тој не го забележуваше драмскиот контраст меѓу неговата смеа и нивната страшна сериозност. За него, ова беше весела глетка. Ги имаше видено црнците на татко му како ползат на раце и колена за да го забавуваат – дури и ги јаваше, преправајќи се дека се негови коњи. Сега ѝ се приближи на една од овие фигури што ползеше одзади и со брзо и вешто движење ја јавна. Човекот падна на гради, се поткрена, жестоко го фрли момченцето наземи, како што би се случило ако се откопчало седлото, потоа се сврте кон него, а на лицето ја немаше долната вилица – меѓу горните заби и грлото имаше голема црвена празнина, на чии рабови висеа парчиња месо и делчиња од коски. Неприродната испакнатост на носот, недостигот на брада, пламените очи придонесуваа овој човек да изгледа како голема птица-ловец која по грлото и градите е облеана со крвта на уловениот плен. Човекот застана на колена, детето на нозе. Човекот ја крена кон детето раката стегната во бокс; детето, најпосле преплашено, избега до едно блиско дрво, се скри зад него и ја сфати ситуацијата посериозно. И, така, несмасното мноштво се влечеше бавно и болно во грозна пантомима – се движеше напред по падината небаре рој големи црни пчели, без никаков звук при движењето – во длабока, апсолутна тишина.
Наместо да се смрачува, опседнатото место почна да се осветлува. Низ појасот дрвја, преку реката светеше чудна црвена светлина, а стеблата и гранките на дрвјата како да формираа пајажина пред неа. Светлината достигна до фигурите што ползеа и предизвика да се создадат чудовиштни сенки, што во карикатура ги изразуваа нивните движења врз осветлената трева. Падна врз нивните лица, допирајќи го нивното бледило со црвеникава нијанса, при што ги нагласи дамките со кои беа нагрдени и обележани многумина од нив. Одблеснуваше од копчињата и делчињата метал на нивната облека. Детето инстинктивно се сврте кон сè посјајната светлина и се придвижи по падината со своите страшни придружници; за неколку мига ги мина првите луѓе што се влечкаа – што и не беше некој особен подвиг со оглед на способностите што ги имаше. Се најде на чело, со дрвениот меч сè уште во раката и свечено го водеше маршот, приспособувајќи го својот чекор на нивните, а повремено се вртеше за да се увери дека неговите трупи не заостануваат. Сигурно таков водач никогаш не го следела таква војска.
На земјата, чија слободна површина бавно се смалуваше поради инвазијата на овој страшен марш кон водата, лежеа расфрлени различни работи што умот на водачот не ги поврзуваше со ништо особено: по некое ќебе, цврсто завиткано и на краевите заврзано со јаже; тешка торба тука и скршена пушка таму – со еден збор, такви работи што може да се сретнат кај трупи што се повлекуваат, несреќници што бегаат од своите ловци. Секаде околу реката, што овде се граничеше со низина, земјата беше изгазена од стапалата на луѓето и коњите. Некој набљудувач со повеќе искуство во својот поглед ќе забележеше дека овие траги од стапала беа свртени и во двата правци; по земјата минувале двапати – еднаш при напад и еднаш при повлекување. Неколку часови пред тоа, овие очајни, осакатени луѓе, заедно со нивните посреќни и сега далечни војнички другари, ја пробиле оваа шума, а нивниот број изнесувал илјадници луѓе. Баталјоните што доаѓале еден по друг, чии војници се распрснале на повеќе страни додека надоаѓале и повторно се враќале во почетната позиција за да создадат дисциплинирани редови, го минале детето од сите страни – речиси го згазиле додека спиело. Топотот и звуците на нивниот марш не го разбудиле. Речиси на неколку чекори од него воделе битка; но тој не ги слушнал рикот на мускетите, ударите на ѓулињата, „громкиот глас на војводите и викот“2F. Го преспал сето тоа, цврсто држејќи го својот дрвен меч, можеби поцврсто од обично во несвесното сочувство со својата воена околина, но несвесен за грандиозноста на битката исто колку и мртвите кои загинале за да ја донесат славата.
Огнот зад појасот шума на другата страна од реката, што се одразуваше на земјата сè до сводот на сопствениот чад, сега го опседнуваше целиот пејзаж. Искривената линија на маглата ја преобразуваше во златен чад. Водата сјаеше со нијанси на црвено, а црвени беа и многу од камењата што се пробиваа над површината. Но тоа беше крв; полесно ранетите ги направија тие дамки кога минуваа. Детето сега газеше по нив со нетрпеливи чекори; одеше кон огнот. Додека стоеше на брегот од другата страна на реката, се сврте за да ги види придружниците во својот марш. Дружината што ползеше пристигнуваше кај реката. Посилните веќе се довлечкале до брегот и ги нурнале лицата во водата. Тројца-четворица што неподвижно лежеа се чинеше како да немаат глави. При оваа глетка, очите на детето се раширија во чудо; дури ни неговото топло разбирање не можеше да ја прифати оваа појава. Откако ја згаснаа жедта, овие луѓе немаа сила да се повлечат од водата, ниту да ги држат главите над неа. Се удавија. Зад нив, отворениот простор на шумата му покажаа на водачот исто толку фигури без облик под негова команда како и на почетокот; но ни приближно толку не се движеа. Тој им мавташе со капата за да ги охрабри и со насмевка го насочуваше своето оружје во насока на светлината-водилка – огнен столб за овој чуден егзодус.
Сигурен во верноста на своите војници, тој сега влезе во појасот шума, лесно мина низ него до црвената светлина, се качи на една ограда, потрча по полето, повремено вртејќи се за да си размени некоја мисла со својата сенка и се приближи до една урнатина зафатена од оган што порано била куќа. Насекаде пустош! Немаше знак на жива душа до каде што досегаше погледот. Тој не се загрижи; глетката му се допаѓаше и тој заигра со насмевка, имитирајќи ги пламењата што танцуваа. Почна да трча околу и да собира дрва како гориво, но сите предмети што ги најде беа претешки за да може да ги фрли од безбедна далечина и да не се изгори. Во очај го фрли мечот – им се предаде на помоќните сили на природата. Неговата воена кариера беше на залез.
Кога се помести, погледот му застана врз некои остатоци од куќата што му изгледаа необично познати, небаре ги сонувал. Застана набљудувајќи ги во чудо, кога одеднаш целата плантажа, со шумата што ја опкружуваше, изгледаше како да се свртила околу една централна оска. Неговиот мал свет се заврте колку половина круг; страните на компасот беа свртени обратно. Препозна дека куќата што гореше е неговиот дом!
Еден миг стоеше целосно шокиран од моќта на ова откритие, потоа потрча тресејќи се и направи полукруг околу урнатината. Таму, видлив во светлината на огнот, лежеше трупот на една жена – белото лице беше свртено угоре, рацете издадени напред и полни со трева, облеката искината, долгата црна коса заплеткана и полна со згрутчена крв. Поголемиот дел од челото ѝ беше откинат, а од дупката ѝ излегуваше мозокот, истекувајќи кај слепоочницата, пенлива маса сива материја, врз која лежеа зрнца црвени меурчиња – резултат на експлозија на граната.
Детето почна да ги движи малите рачиња, правејќи диви, несигурни гестикулации. Испушти низа неартикулирани и неразбирливи извици – нешто меѓу врескање на мајмун и крескање на птица – страшен, бездушен, безбожен звук, јазик на ѓаволот. Детето беше глувонемо.
Потоа застана неподвижно, со усни што се тресеа и погледна надолу кон остатоците.

Превод од англиски: Калина Малеска

#b
1. Битката кај Чикамауга, што се одвивала на 19-20 септември 1863 година, го означила крајот на офанзивата на Федералната војска во југоисточниот дел на Тенеси и северозападниот дел на Џорџија. Оваа битка била најголемиот пораз во западниот дел од САД за време на Американската граѓанска војна и во неа имало најголем број жртви по Битката кај Гетисбург. Во однос на самото значење на зборот „Чикамауга“, постојат различни теории, според кои тоа значи „река на смртта“, „неистечна вода“, „добра земја“ и така натаму.
2. Овој израз во оригиналот е ставен во наводници бидејќи е цитат од Библијата, Книга Јов 39:25. Овде изразот е преземен од македонскиот превод на Библијата, второ издание од 1991 година (Британско и инострано библиско друштво – Свиндон во соработка со Македонска книга – Скопје; печатена во Љубљана).

2018-08-21T17:20:43+00:00 август 23rd, 2014|Categories: Литература, Проза, Блесок бр. 97|