Циркус

И на сон кроев планови како да ја подринам земјата околу шаторот, да го засечам платното, или на некој друг начин да влезам во циркусот и да ја видам големата претстава. Бев готов да ја заведам ќерката на чуварот, дури и жената, да се престорам во кловн и да крадам, лажам, правам злосторства. Попусто: навидум слаба, нежна, платнената тврдина беше неосвоива.
Шаторот стоеше на крајот од градот, таму каде што исчезнуваа старинските дрвени куќи и почнуваше полето обраснато со див афион. Затегнат и прав како слонов заб, блескаше на сонцето. Се шаренееше како огнен змеј. Како детска играчка дишеше со големите гради, лулајќи се таму – ваму на ветрот – џиновската лаѓа на морската шир.
Чудна работа: околу шаторот беше пуста ледина. Ни коли за спиење, ни луѓе, ни деца, ни животни. Каде спиеја циркузантите бог ќе ги знае. Покрај влезната врата од шаторот имаше колипка во која живееја чуварот, неговата жена и ќерка.
Доцна во ноќта, кога пристигнуваа гостите, циркусот и пределот околу него се капеа во светлосен водопад кој бликаше од сите страни. Во таа раскошна, волшебна илуминација не би можел да го познаеш ни родениот брат: а камоли да видиш од каде доаѓаат кловновите, играчите, скротителите на диви ѕверови.
Публиката беше одбрана. Клучот по кој се избираше беше слободен: главни подробности, притоа, беа маските и облеката. Маските беа задолжителни. Посетителите кои доаѓаа маскирани во разбојници, свињи, морски кучиња, на себе, истовремено, мораа да имаат автентична одежда на големци и владетели од минатите времиња. На оние кои се преоблекле во чеда на поновото време им требаше автентична маска. Покрај неа, се разбира, свечена облека која можеше лесно да се купи. Но тоа не беше случај со маските. Ги немаше во продажба, и никој жив – мислам од оние со кои зборував – не знаеше како гостите ги набавуваат. Преобразувањето во личност од минатите векови, исто така, беше сврзано со големи тешкотии. Навистина, можеше да купиш маска на пророк, палјачо или лисица; но каде да најдеше скапоцена владетелска облека, извезена со злато и срма, опточена со бесценети камења?
За обичен смртник, единствено решение беше да се оддалечи од блескавата сцена, да ја избрише од свеста волшебната треперлива купола и мислата за големата претстава што се одвива под неа. Но на мојата егоистичка, избувлива природа тоа не ѝ одговараше. Затоа, и кога изгубив секаква надеж дека ќе влезам под шаторот, останав упорен во залудните настојувања, верувајќи во провидението повеќе отколку во својот здрав разум.
Не би можел да кажам колку време ми мина во јалови обиди. И еден ден среќата ми се насмевна. Ми помогна кучето на чуварот. Одамна бев го забележал тоа животно, но не ми паѓаше на ум оти може да биде корисно. Тој ден, гледајќи го песот како лута низ полето, далеку од шаторот, случајно видов дека животното влезе во едно дупчиште од кое потоа не излезе. Чекав цел ден. Приквечер – исполнет со необјасниво претчуство – навалив еден камен на дупката и отрчав до шаторот. Кучето спиеше покрај својот газда. Како дошло до шаторот? Не ми требаше многу памет да заклучам дека кучето се послужило со подземен тунел кој ги поврзува надворешниот свет и циркусот. Беше само прашање дали излезот на тајниот пат е надвор од шаторот, во стражарската куќичка, или…?
Пределот околу шаторот изгледаше чист, недопрен. Во стражарницата влегов – на измама – повеќе пати и внимателно ја разгледав: никогаш не забележав ни најмал знак кој би зборувал дека тука е излезот на некаков тунел. Значи?
Се вратив до местото каде што, во полето, ги видов кучето и дупката. Каменот сè уште ја покриваше. Го тргнав. Дупката беше тесна, за куче и некако, за човек никако. Сепак, не губејќи време, не размислувајќи, дури без да донесам одлука, го соблеков палтото, и, откако со нож го проширив влезот, со запалена батериска ламба в заби, се нурнав под земја. Лазев, напредувајќи сантиметар по сантиметар. Претставата само што не започнала, ми се вртеше в глава, и тоа сознание ми даваше нова сила: беше грозна и самата помисла дека до шаторот ќе стигнам предоцна, кога ќе заврши циркуската магија.
Притиснат со камен и кал од сите страни, без воздух, во царството на црвите и корењата, номоќен, верував дека ми нема спас. Свеста ми се матеше. Силата ме издаваше. Во еден момент посакав да се вратам; но немаше место ни да се помрднам, а камоли да се свртам; беше невозможно да лазам назад. Продолжив, копајќи ја земјата со устата, и голтајќи ја, како глиста.
Бев полумртов кога сфатив дека тунелот се шири, во почетокот скоро незабележливо. Продолжив со својата невесела работа на полски глушец. По некое време можев да се помрднам лево – десно; потоа дупката стана ходниче по кое можев послободно да лазам; најпосле се претвори во ходник. Се исправив, и зачекорив во ноќта на земјината утроба.
Веднаш ми падна в очи еден детаљ: од коридорот по кој одев, под прави агли, се разгрануваа други ходници, потесни: оттаму доаѓаше до мене нешто како одблесок на оган што гори во земјината внатрешност, од голема далечина допираше нешто слично на кркорење; и се слушаше сосем јасен, разбирлив човечки шепот. Љубопитен, сакав да испитам од каде е оваа таинствена светлина во пазувите на земјата и какви се тие суштества што живеат далеку од сонцето, зелените ливади и разбрануваните мориња. Но, очигледно, и светлината и скривалиштата на таинствените суштества беа мошне оддалечени од мене, а јас немав време за губење: на крајот на краиштата, под земја влегов заради претставата, а не заради некаква луда љубопитност. Решив мистериозната светлина и потеклото на гласовите да ги испитам на враќање. Сега морав да тргнам понатаму, по главниот ходник осветлен од огнени јазици – зашто јас не се сомневав дека одам по главниот пат, пред сè затоа што коридорот по кој чекорев беше поширок од останатите.
Кога стигнав до крајот, внимателно почнав да ги испитувам ѕидовите. Очајнички, зашто, на прв поглед, коридорот изгледаше слеп: завршуваше со цврста, мазна карпа без ниедна пукнатина. Но, на мое најголемо изненадување, по кусо време раката допре нешто меко. Почнав да ја разгледувам карпата, осветлувајќи ја со џебната ламба. Местото изгледаше како и сè наоколу, ама каменот – во пречник од околу еден метар – беше мек како пердув. Сфатив дека стојам пред некакво пивтиесто перде низ кое може да се мине и појдов со раката. Таа пропадна во каменот. Пополека, внимателно, појдов со главата и рамената – ми се чинеше како да поминувам низ густа, матна каша. Кога чудната течност – да речам така – се проретчи, над себе, наместо ѕвезденото небо, ја видов (прв пат однатре) блескавата купола на големиот шатор. Испливав од пивтиестата маса и, незабележан, се скрив зад првата завеса.
Таа служеше како декор, веднаш забележав. Не постоеше голема опасност да ме откријат. А штом ќе заврши претставата, сам ќе излезам – така бев наумил – и ќе му речам на чуварот в лице: Гледаш дека те омаскарив?
Се наместив помеѓу две тешки завеси, за да можам да ги гледам добро и сцената и публиката, и внимателно ѕирнав, да видам што се наоѓа под големата купола која – чудно – беше без јарболи, потпирки, столбови, јажиња, и однатре изгледаше како совршена, херметички затворена, стаклена полутопка.
Забележав уште нешто: во големата полукружна ложа, публиката седеше спроти мене, додека бината беше речиси пред мојот нос. Значи, ниту гледалиштето беше амфитеатрално ниту сцената тркалеста и в средина, ами правоаголна и на едниот крај од шаторот. За мене тоа беше подобро: без многу мака можев да видам сè што се случуваше под сводот.
Посетителите, сите под маски, беа на своите места.
Маските и свечените облеки ми беа познати од порано. Затоа не ми беше тешко да ја познам секоја личност.
Публиката беше измешана. Не седеа стари покрај стари, млади покрај млади, не беа издвоени во групички, ами се наоѓаа на куп: вера и невера, скиптар и мантија, брадато и ќосо, дебело и суво, јазикот на Галапагос и јазикот на Молиеровите прециози.

2018-08-21T17:21:40+00:00 август 1st, 2003|Categories: Литература, Проза, Блесок бр. 33|