Хаику – поезија на соединувањето

/, Критика, Блесок бр. 54/Хаику – поезија на соединувањето

Хаику – поезија на соединувањето

Кон Ден и ноќ на секојдневието од Јосип Ости и За врабец од Џек Галмиц, Блесок, 2007

Само гледам и
не прашувам. Она сум
кое го гледам.
Внатре во мене
Светска вознемиреност
И еден насмев
Јосип Ости Џек Галмиц

#1 Една од луцидните констатации на кусиот, но исклучително инспиративен есеј „Хаику – еликсир на животот“ од Боривој Буква (објавен во списанието Лоза бр. 18, во превод на Марјан Минов) е дека создавањето хаику подразбира барем три нешта, три способности, три предуслови:
„/1/ доживување – способност за вистинско, јасно, стварно доживување на себеси, светот и животот, вистинската стварност
/2/ изразување – способност за изразување во зборови на тоа доживување, непроменливо, онакво какво што е
/3/ живот – со соединување на самиот себе, светот, стварноста, животот, со соединување на доживувањата и изразувањата, настанува хаику.“
Амалгамот на овие компоненти, како и терминот „соединување“ (и неговите многубројни конотации) не само што го сублимираат творечкиот чин на хаику-поезијата на едно општо рамниште, туку ни овозможува да го лоцираме еден од клучните заеднички именители на поетиките на современите хаику-мајстори Јосип Ости (1945) и Џек Галмиц (1951), чиишто дела се приопштени преку двете најнови повеќејазични изданија хаику-поезија на издавачката куќа „Блесок“:
Повеќејазичноста на изданијата е првиот фактор на (лингвистичко) соединување. Во стихозбирката Ден и ноќ на секојдневието хаику-песните на Јосип Ости почиваат на иста страница во нивните македонски, словенечки, хрватски/босански и англиски верзии, додека песните на Галмиц – на англиски и во македонски препев. Автор на македонските препеви на песните е Игор Исаковски. Вертикалното подредување на оригиналот и препевите (што го овозможува хаику-поезијата), на читателот имплицитно му нуди ретка привилегија: го повикува да ѕирне во творечката лабораторија на (пре)создавањето, на пеењето и на препејувањето на поетските пораки. Притоа, читањето на сите „верзии“ од едно исто хаику неретко овозможува соединување и нијансирање на семантичките пластови, додека од музичко–фонетски аспект во свеста на читателот се одигрува специфичен (повеќејазичен) ехо-ефект.
#2 Второто проникнување и соединување се одигрува на интермедијален план, кој е инаку длабоко вкоренет во традицијата на хаикуто. Како што уште од своите почетоци хаику-стиховите биле придружувани со ликовни дела во долгите свитоци, како што според песните се создавале хаиги и обратно, така и овие нови изданија од едицијата „Масин“ го продолжуваат, го поттикнуваат и го потенцираат дијалогот меѓу хаикуто и сликарството. Благодарение на илуминативниот зен–минималистички ликовен јазик од цртежите/хаигите на Мирослав Масин прелистувањето на книгите, меѓу другото, прераснува и во „читање/гледање“ на една мини–галерија. Мошне слично како во едно од хаику песните на Ости („Опишувам што / гледам. Гледаш ли ти / што опишувам“) ликовните транспозиции на Масин не само што се сведоштво за тоа како еден сликар ги „гледа“ стиховите на еден поет туку тие едновремено ни овозможуваат да ги читаме песните на еден поинаков начин.
Меѓу кориците од книгите на Ости и Галмиц се одигрува и еден мошне драматичен дијалог, едно соединување и обединување меѓу сензибилитетот на современата поезија и оној на древниот јапонски лирски жанр. Со седумте книги хаику-поезија и меѓународните признанија, меѓу кои и јапонската награда Гинју за најдобра хаику книга во 2006 година, Џек Галмиц веќе се смета за еден од водечките современи хаику-автори, а Јосип Ости дебитира во сферата на хаикуто токму со книгата чиј наслов поседува поетички импликации како за поетиката на хаикуто, така и за авторскиот светоглед. Насловот Ден и ноќ на секојдневието би можел да се протолкува и како своевидна поетика на соединувањето, но и како реактуелизација на познатата максима „сè е хаику“, која упатува на конјуктивната и инклузивната логика, како и на естетските идеали на традиционалното хаику. Имено, во поезијата на Ости и Галмиц нема небитни мигови или помалку битни места и делови од секојдневието. Напротив, во нивната поезија хаику-миговите можат да се случат (и се случуваат) во секој миг од денот и ноќта.
Потпирајќи се врз автентичното доживување на „вечноста на мигот“, хаикуто на Јосип Ости ги почитува основните постулати на традиционалното хаику не само на версификациски и стилски план, туку и на планот на поетскиот сензибилитет: „Вечноста на мигот / секојпат се збогува / со мене – засекогаш.“ Поетските слики на Џек Галмиц и екстремната лапидарност на поетскиот дискурс го доловуваат токму проникнувањето на доживувањата на лирскиот субјект со објектите на лирскиот исказ. Соединување на она што е внатре со она што е надвор. Иако звучи парадоксално, хаикуто што го пишува Галмиц е интроспективно ориентирано. Основната поетичка константа на неговото писмо се базира на фактот дека поетските слики истовремено реферираат и на надворешниот и на внатрешниот свет („во мојот череп“) на лирскиот субјект: „Првиот снег / За себе си наоѓам / Цел еден нов свет“; „Внатре во мене / Бизони во стампедо / Онде пештери“ ; „Од голем дуќан / Со клинови и фиоки / Градам еден свет“, „Внатре во мене / Светска вознемиреност / и еден насмев“, додека Ости забележува: „Сиот свет в капка / роса врз страк трева се / лизга надолу“. Свеста на субјектот за проникнувањето со светот кој го опкружува се гледа и од уште едно хаику на Галмиц: „Ние сме патот / По кој одат сите нешта… / Лесен летен дожд“. Човекот „си станува поблизок“ токму претопувајќи се во Другите. Од друга страна, поетската интуиција на Ости артикулирана преку хаикуто „Само гледам и / не прашувам. Она сум / кое го гледам“ ја реактуелизира древната упанишадската мудрост („тат твам аси“), како и сознанијата до кои дошле старите јапонски хаику-мајстори. Во епифанискиот хаику-миг се руши класичната дихотомија субјект-објект.
Напоредното читање на хаику-остварувањата на Галмиц и Ости ни овозможува да забележиме значителен број на „заеднички“ топоси и проседеа и поетички „совпаѓања“, од кои ги издвојуваме само најеклатантните и најилустративните примери, кои создаваат еден вид ренга: 1) „Денес е сонцето / Во напуштено гнездо. / Што ли ќе испили?“ (Ости) и „Четврт месечина / Во синиот залив – / Чиј брод е ова?“ (Галмиц); 2) „Млада месечина / со остар срп го жнее / небесното цвеќе.“ (Ости) и „Утре: на небо / Прекриено со облаци / Сиви крави пасат“ (Галмиц); 3) „Фрлам цвеќиња / Врз цврстите ѕидови… / Се уриваат“ (Галмиц) и „Сенката крепи / стара куќа. Без неа / би се урнала.“ (Ости); 4) „Има мигови / кога маргаритките се – еврејски ѕвезди.“ (Ости) и „Ханука: / Менори запалени / Ѕвездите горат“ (Галмиц); 5) „Бескуќник в парк – / Слуша жолти звуци / Лисја паѓаат“ (Галмиц) и „Птици на голо / дрво. Полетуваат. / Лисјето паѓа нагоре.“ (Ости); 6) „Цел ден в градина / си шептам со ѕвездите. Крикнувам во сон.“ (Ости) и „Ноќевам надвор / Во реката од ѕвезди / Се кревам горе“ (Галмиц); 7) „Црно сонце – / Си го чекам редот / Да летнам со птиците“ (Галмиц) и „Една книга не / ќе прочитам докрај. Не / знам само која.“ (Ости); 8) „Повик на птица / Ме крева од светот на мртвите“ (Галмиц) и „Утре земјата / ќе ми биде мајка, а / Бргу јас нејзин син.“ (Ости)…
Иако би можеле да бараме многу причини или да поставуваме различни хипотези на што се должат овие „творечки совпаѓања“ (Б. Конески), можеби би било поблиску до духот на хаикуто да побараме еден од можните одговори токму во едно хаику на Јосип Ости: „Има мигови / кога сите поети / ми се еден поет“.

нарачај Ден и ноќ на секојдневието

нарачај За врабец

2018-08-21T17:21:17+00:00 јуни 19th, 2007|Categories: Литература, Критика, Блесок бр. 54|