Феликс

Таа едноставно беше грда старица која живееше во мал стан. Сепак, недостигот љубов на неа имаше оставено чудни траги кои ја правеа речиси интересна. Со години беше наставничка во основно училиште, посветена на својата работа, така си мислеше. Но се чинеше дека сите тие потполно ја заборавиле. Никогаш не виде ниедно од нив. Ова ѝ пружи одредено задоволство: повеќето луѓе беа помалку доблесни од неа.
По пензионирањето, живееше самотен живот во еден стан на една тмурна улица во Хаг. Се викаше Убрехстраат, според композиторот, но името беше единственото убаво нешто кое улицата го имаше, а луѓето кои на неа живееја веројатно и за тоа не беа свесни. Нејзината осаменост ја споделуваше со малата мачка која ја сакаше. Колку што беше можно, се криеше од соседите. Излегуваше во набавка само кога мораше, рано наутро. Не ги познаваше дури ни луѓето во становите под нејзиниот. За да го спречи ѕиркањето на луѓето отспротива, имаше ставено дебели завеси кои никогаш не ги креваше. Себеси се сметаше за прилично добра личност. Нејзиниот единствен вистински грев беше желбата за слатко – колачи, евтина чоколада – од што се срамеше, но никој од нејзините соседи тоа никогаш не го откри. Со ова, таа си ја задоволуваше повредената суета. А бидејќи имаше неколку живи роднини, сета топлина за која што беше способна беше насочена кон мачката.
Животното навистина беше исклучително мало, џуџе меѓу мачките. Дури и кога подостаре, сè уште личеше на шестмесечно маче. Ова не беше неговиот единствен шарм. Тој беше и многу приврзан, и интелигентен и убав: темно жолт со малку кафено, речиси како да не беше од овој свет. Или така барем таа си мислеше. Иако со својот мал Феликс немаше вистинска врска, нејзиниот однос со него беше крајно интимен, речиси сомнителен. Година по година, Феликс смирено ги прифаќаше нејзините секојдневни галежи, брборењата, и другите покази на нејзината љубов. Тој ја наградуваше со триење на главата од неа и слатко мјаукање. Мачките понекогаш се исклучително вешти во умилкувањето.
Но исто така, кога ќе дојде мигот, го покажуваат својот суштествен недостиг на морален карактер. Се однесуваат речиси како уличари. Феликс се однесуваше чудно веќе неколку недели. Не јадеше. Веќе ги немаше нежните мјаукања. Понекогаш испушташе крик кој беше речиси човечки. Пиеше без да моча. Беше малку надуен. Ништо не можеше да го натера да ја напушти својата корпа. Еден ден дури и се дрзна да легне веднаш крај неа, здрвен како камен. Без и најмало навестување. Три дена пред Денот на мајките.
Таа беше неутешна и долго плачеше. Сега немаше никого. Се надеваше дека нема долго да го надживее!
Но, после тој прв ден на силна жалост, се фати себеси како копнее по храна. Сфати дека тоа е скандалозно и погрешно. Тоа беше во голема спротивност со нејзината тага… но, сепак. После четири вафли, едно парче супермаркетска торта и безброј грстови сирење кои ги изеде со прсти во кујната, мораше да си признае дека солзите ѝ секнале. Наместо нив, ја обзеде чувство слично на бес. Феликс ја напушти. Тоа беше речиси предавство на нејзината љубов, на нејзината нежна грижа. Во тој миг, знаеше дека неговата смрт ја повредила, но не ја скршила.
И, понатаму, сфати дека ќе треба нешто да стори со телото.
Секако дека пристоен закоп би бил најдоброто нешто. Но, живееше во стан на кат, без градина. А да ги праша луѓето под неа… немаше смисла да оди кај нив – мачешки труп меѓу нивните стерилни леи цвеќе!
Сивата вреќа за ѓубре на тротоарот ја исполни со одбивност. Феликс тоа не го заслужува. Да го кремира? Се стресе. Можеше да го однесе на ветеринар или во дом за животни. Но што ќе направеа тие со него? Беше сигурна дека едноставно би го фрлиле в ѓубре.
Постепено стигна до потполно хумано и прифатливо решение. Ќе го стави во кутија и потоа ќе го „заборави“ кога ќе се симнува од трамвајот. Феликс ќе има целодневен закоп, по патот кој нема крај. Некој ќе го најде и со љубов ќе го закопа во својата градина. Така барем се надеваше.
Длабоко во срцето знаеше дека ова е само пуста мечта, заснована на кукавичлак и самозалажување, но тоа ѝ ја потсмири совеста зашто истовремено помисли дека тоа би бил најдобриот начин. Да се остави Феликс назад, на задното седиште, завиткан во картонска кутија. Да се симне и никогаш да не дознае каде завршил. Заниша со главата, честитајќи си себеси за тоа што е доволно умна за тоа да го смисли. Избра една убава кутија од колач, потполно бела, природно. Каков било напис на неа би сведочел за лош вкус. Бел закоп. Напика мека памучна волна во кутијата и од неа направи кревет. Беше кралски. Од одамна, се сеќаваше на закопот на Принцот Хендрик. Смртта беше бела, снежна прекривка. Ја затвори белата кутија со проѕирна леплива лента. Носејќи ја пред себе, отиде до постојката за трамвајот бр. 11, кој што одеше во Шевенинген. Во трамвајот, веднаш се упати кон задното седиште и внимателно ја спушти кутијата крај себе. Беше пролет, денот беше убав, беше доцна наутро. Трамвајот беше полн сонце. Повеќето од патниците не патуваа до последната станица и се симнаа порано. Со чувство на мир и тивка разочараност во душата, таа стигна до последната постојка.
Излезе, оставајќи ја кутијата зад себе. Сега срцето почна силно да ѝ бие, зашто ова беше моментот на разделба. Храбро ги проголта зачетоците на липтежот и вкочането но одлучно замина кон шеталиштето.
„Госпоѓо! Госпоѓо!“, слушна како некој одзади ја вика. Погледна назад. Насмеаниот млад возач на трамвајот трчаше по неа: „Вашиот колач. Го заборавивте колачот“.
Благо растреперена, таа ја зеде кутијата, промрморе благодарност и гледаше како трамвајот тргнува назад кон градот. Што сега? По долго размислување, реши да се врати во Хаг и таму повторно да се обиде. Овојпат ќе биде поумна. Ќе остане во трамвајот сè до Холандс Спур и потоа ќе се мушне на железничката станица. Меѓу сите тие луѓе…
Кога трамвајот наближи кон плоштадот пред станицата, таа со задоволство виде дека навистина има многу луѓе. Брзо се симна. Речиси се сопна на шините и потоа на работ од тротоарот додека се упатуваше кон влезот на станицата.
„Извинете, го оставивте колачот во трамвајот“.
Еден маж ѝ ја подаваше кутијата.
„Ох“, рече таа, со болна насмевка, „многу Ви благодарам. Колку сте љубезен“. Можеше да осети – за првпат после колку време? – како црвенило ѝ се качува по вратот. За да ја поврати присебноста, се качи кон билетарницата.
Мажот тргна по неа и ја праша: „Ќе можете ли да ми дадете гулден или два?“. Бесрамно ја испружи раката.
Сега уште ова, згора на сè, си помисли таа. Некој хероински зависник. Еден од оние џанкерите. Ја спушти кутијата пред билетарницата и ископа монета од чантата.
Збунета и надвор од умот, во очај купи повратен билет за Лејден. Добро, барем не беше далеку. Сепак, мораше некаде да замине. Изгледаше многу чудно, таму крај билетарницата. Луѓето ја гледаа.
Во возот, овојпат со кутијата во преградата за багаж, смисли нов план. Ќе се симне во Лејден, но дури во последниот миг, пред да се затворат вратите. Тешко дека ќе се најде некој толку умешен за да тргне по неа заедно со кутијата.

АвторФ.Л. Бастет
2018-08-21T17:21:25+00:00 јуни 4th, 2006|Categories: Литература, Проза, Блесок бр. 48|