Утро на последниот ден

/, Проза, Блесок бр. 107/Утро на последниот ден

Утро на последниот ден

Утро на последниот ден


Која сум? Во оваа ноќ? Овој ден? Воопшто? Што сум? Баданта.1F Алат. Лежам во ходникот, не сум сигурна дали сум будна или спијам и се испитувам себеси во тивкото празно глуво ноќно сивило. Ме нервира чаршафот? Дали сè уште е ноќ? Или веќе е ден? Кој ден?

Имам вид остар како око соколово. Сè гледам од висина. Пет е наутро. Петок. Има вкус на горчливо-киселкасто кафе. Седнувам во старото и ‘рѓосано твинго. Сосетката секогаш ме зема со себе. Врнежливиот пат се вие од Перој до автобуската постојка во Пула. Не сум наспана. Вознемирена. Ноќта пред патување никогаш не спијам. Ме боли заминувањето. Ме нервира. Или можеби само чаршафот. Од багажникот ја вадам количката за пазарување. Секоја баданта има таква количка. Или куферче на тркалца. Јас повеќе сакам количка. Полесна е. На количката врзав свилена панделка зашто сè уште има убавина на светот. Во количката ставив работи за четиринаесет дена. Купувам билет. Ме чини еден ден работа. Чао, сосетката го бакнува воздухот покрај мојот образ. Ќе дојдам по тебе, јави се. Не ѝ мавтам. Не можам. Погледот кон неа ме парализира. Таа е слободна. Не треба да оди. Таа уште денес дома ќе си ја готви својата супа од компири. Уште денес нејзината кујна ќе мириса на мајчина душичка. Нејзина. Сопствена. Од леата под прозорецот.
Добро утро, Марија, ме поздравува Ото којшто воедно е и кондуктер и возач. Моето име е сè уште мое име. Четиринаесет дена нема да го слушнам. Куќите покрај патот се во темнина. На стаклото паѓаат капки и шуркаат надолу во бразди. Брзината или јужниот ветар ги размачкуваат хоризонтално. Стаклото мириса на челик, сол, игла и уште на нешто. Зошто ова што го гледам има миризба? Да немав очи на сокол, ќе можеше да ме прободи. Со нож, виљушка, со што било што ќе му се најде за да ме прободи откако ќе му го завртам грбот. Тогаш кога навистина ќе ги затворам очите. Кога не гледам. Дури и со некоја срча?

Баданта сум. Имам подвижно тело на змија. Немам екстремитети. Моиве раце се тажно и мртво виснати, нозете отсечени. Можам да се проврам низ темнината, со расцепениот јазик го забележувам присуството, неговото, нејзиното, таа не е опасна, чувствувам каде се движат нивните бранови и како, без да го запалам светлото. Тој може да стане гаден. Не го гледам во очи. Не му дозволувам да пронајде нешто во нив. Нешто на што би можел да се закачи. А треба да гледам во темнината. Ако го запалам светлото неочекувано, може да ми скокне, да ме турне на земја, да ме задуши… Тој е сè уште голем и силен. И луд. Силен лудак.

Користам календар за можам да издржам. Секој ден чкртнувам по еден датум. Одработувам. Чкртнувам. Одам напред. Одработувам. Чкртнувам. Одам. Напред. Прв петок. Последен петок. Последно крвче. И чекам смена. Времето се влече како долга змија. На нејзиниот крај има една друга баданта. Од Крас. Не разговараме многу. Кога доаѓа таа, едвај си ги задржувам чекорите за да не истрчам надвор. Количката е сосема лесна. Панделката мавта. А и за што да зборуваме. Знаеме како е. Јас завршив. Сега таа е на ред. Ѝ ја предавам тагата. Сега сета е нејзина. Во џебот имам 525 евра. Надвор има ветар и сонце и миризба на градот и миризба на солта. Автобусот тргнува во два. Дотогаш можам да ги разгледувам излозите. Седам на клупата. Дишам. Невообичаено, но си купувам сладолед. Уште поневообичаено е што си купувам кафе. Ото ќе ме викне по име. Поздрав, Марија, ќе рече. И? Одиме дома?

2018-12-17T12:47:33+00:00 мај 31st, 2016|Categories: Литература, Проза, Блесок бр. 107|