Супа

Супа

Станувам наутро и го гледам ѓезвето во кое си вареше вода. Веднаш до теглата со кафеав шеќер, неговото кутиче со зелен чај. Го отворам кутичето и гледам дека внатре има уште три ќесички. Ќе го допијам, си мислам. А после што, не знам. Не знам ни дали ќе ја фрлам кутијата или ќе ја оставам да седи таму, бидејќи тоа е неговата кутија со зелен чај.
Чајот има горчлив вкус и не ми се допаѓа. Знам дека треба да се пие без шеќер, како што го пиеше тој. Кога сè би било в ред, би си ставила шеќер. Не, би се напила кафе, како што правев секое утро досега. Но сега морам да го испијам неговиот чај. Тој горчи и е невкусен. Мене не треба да ми биде ништо вкусно. Жежок и горчлив, чајот ми одговара.
Околу ручек ми доаѓа на гости другарка ми Марија. Станувам да ѝ отворам, и кога ќе се вратиме во дневната, таа секогаш седнува на моето место. Никогаш не се прашува дали можеби јас сум седела таму. Никогаш на газот не ѝ доаѓа топло, не се запрашува, чекај, да не седела тука другарка ми, да не сум ѝ го зафатила местото? Тоа е Марија. Никогаш ништо не се прашува. Доаѓа во црно мини здолниште, во тенки црни хулахопки, чизми со штикли, сако, црвена блуза, црвени нокти, кармин, маскара, туш на очите, светки на очните клепки, обетките нападно ѝ болскотат и ѝ се нишкаат од ушите секојпат кога малку ќе ја затресе главата. Била на фризер. Била на маникир. Мириса на некој нападен парфем, длабок и горчлив, од кој ми се повраќа. Ама треба да ми се повраќа, па седнувам поблиску до неа.
„Ти донесов супа“, ми вели Марија.
„Не сум болна за да ми носиш супа“, одговорам јас. Знам дека сум дрска, ама мене ми умре мажот.

„Ја направив денеска за тебе. Треба да јадеш малку почесто. Можеш да се разболиш“.
Молчам. Не морала толку да се дотерува за да доаѓа кај мене. Палам цигара.
„Проветри малку“, ми вели, како да е ова нејзин стан. „Чудно мириса тука“.
„Ти мирисаш чудно“.
Марија воздивнува.
„Имам работа. Ќе дојдам пак утре“.
Застанувам на прозорот и ја гледам како си заминува. Си го фрцка газот лево-десно кога оди на високите штикли. Косата ѝ се павта ваму-таму. Буричка во чантата со тенките прсти и долгите лакирани нокти. Сигурно се слуша клокотот на клучеви, шминки, пакетчиња со миризливи марамчиња, мастики. Го вади клучот од колата и го вперува кон нејзиниот сјаен, штотуку измиен автомобил. Трепкачите светнуваат и автомобилот испушта еден мал восклик, како да е среќен што Марија ќе влезе во него да го вози. Дувна топло пролетно ветре и ѝ се пика во косата пред да влезе во колата. Новите ливчиња и кревките гранки почнуваат да шумолат. Како сите да ѝ велат „чао Марија!“ Таа излегува од паркингот и оди некаде, каде што ќе се смее со белите заби, ќе се кикоти, ќе прави шеги, ќе си продолжи со животот. Улицата е сè уште облеана во свежо сонце кога ја снемува, и набрзо тука поминуваат момче и девојка. Се држат за раце. Се смеат гласно. Девојката го бакнува момчето во вратот. Зад нив одат двајца тинејџери. Зборуваат гласно и нешто се смеат. Сите се расоблекле. Сонцето им ги стеснува зениците и им ги истакнува дамките на белите лица. Како не им е срам на сите, си мислам. Светот не престанал, а Свето е в земја. Сега почнува да се распаѓа. Телото му е студено, како да бил во фрижидер, какво што беше кога го пипнав кога лежеше во ковчегот. Земјата притиска врз сандакот. Се вели дека мртвите ги јадат црви. Како влегуваат црвите во ковчегот, се прашувам. Или сами се создаваат од телото. Како може сами да се создадат, се прашувам. Пред зградата застанува автомобил со гласно пуштена музика. Музиката е весела и грозна. Се тргам од прозорецот.
Палам цигара и гледам во супата на Марија. Пилешка е, како да сум болна. Пилешка супа често му правев на Свето. Многу ми ја сакаше. Ќе му направев едно огромно тенџере, и јадеше по три чинии двапати во денот – за ручек и за вечера. Дури некогаш го болеше стомак од толку супа. Најубава супа на свет правиш, ми велеше. И еднаш Д. Ми рече да му донесам нешто за јадење. Свето беше на работа. Во една тегла ставив од супата на Свето. Му ја однесов на Д. Правевме што правевме. Кога се вратив дома видов дека ми пишал. Дека супата била превкусна, ми рече. Следниот пат да сум му донела повеќе, оти многу малку сум му донела, а тој бил голем човек. Помина една недела и пак му направив супа на Свето. Сега направив повеќе, и половина од супата му ја турив на Д. Во две тегли. Пак си ми донела малку супа, ми напишал вечерта. Те молам следниот пат цело тенџере да ми направиш, ми рече. Тоа почна секоја недела да ми го зборува. И така еднаш направив големо тенџере со супа кога Свето беше на работа. Наполнив четири тегли, и во тенџерето остана само уште малку. Кога се вратив вечерта дома, Свето ме чекаше во дневната соба. „Мила моја, ќе се караме“, ми рече. „Зошто толку малку супа си ми направила?“
Мајка ми ми ѕвони на телефон. Знам дека ќе сака да дојде кај мене и повторно да ме тормози со глупости. Секојпат кога доаѓа се обидува некако да ме орасположи – демек, да ми ги тргне мислите од тоа што ми се случува, па ми зборува нешто за нејзините другарки, за внуците од брат ми, а некогаш дури почнува да ми зборува и за политика. Сето тоа страшно ме нервира. Сепак го кревам телефонот и прифаќам да дојде кај мене. Можеби конечно ќе сфати дека не сакам да ја гледам ниту неа, ниту кој било друг.
Доаѓа приквечер. Ја познавам по чекорите во влезот. Оди како војник. Нејзиниот чекор би можел да го разбуди човек од најдлабокиот сон, но не и од смртта. Дури и на погребот така чекореше, војнички, дури и тогаш немаше чувство за тоа како треба да се однесува. Ѕвони на вратата неколкупати, со тоа сигнализирајќи ми дека е таа. Ѕвони кратко, испрекинато, нападно. Решавам да не станам веднаш од каучот. Ја оставам малку да стои пред врата, па така да сфати дека можеби и не сакам да доаѓа. Пак заѕвонува и за да не ме нервира и понатаму, станувам да ѝ отворам.

„Многу мириса овде на цигари“, вели само што влегува и почнува да ми ги отвора прозорците и балконската врата.
„Остави“, ѝ велам, иако знам дека тоа нема да има никаков ефект. Секојпат кога доаѓа почнува да се однесува како тоа да е нејзин дом, па ми преместува работи, ми средува, отвора врати и прозорци.
„Мораш малку да намалиш со цигарите“, се врти накај мене откако сè испоотворила. Низ станот почнуваат да се разлеваат портокаловите зраци од сонцето што се спрема да зајде. Внатре влегува мирис на липи. И природата продолжува да си живее, си мислам налутено, иако Свето е в гроб.
„Ништо не морам“, ѝ велам и палам нова цигара.

Седнува до мене и воздивнува.
Почнува да ми раскажува за пријателка ѝ Мира, како се однесувал шефот со неа. Како дури и кога синот имал свадба не сметал за одмор или нешто така. Не ја слушам, како и секогаш. Се концентрирам на брчките на нејзините усни. Долги години пушеше и ѝ се направија бразди од шумкањето на цигарите. Тие посебно се гледаат на горната усна, кога ќе ја собере за да ги каже гласовите „о“ и „у“. Во браздите ѝ се напикал портокаловиот кармин кој ужасно ѝ стои и ѝ го истакнува жолтеникавиот тен. Кога ја отвора устата пошироко за да ги изговори гласовите „е“ и „а“, ѝ го гледам старечкиот јазик, напластен со бело, како да е болна, како устата страшно да ѝ мириса, иако не ѝ мириса, а би требало. Гледам како во горната вилица ѝ се поткршила тројката. Другите заби што ѝ се вистински ѝ пожолтеле, а тие што ѝ се коронки ѝ потемнеле кај непцата што почнале да ѝ се повлекуваат. И непцата ѝ изгледаат болно и старо.
„Мораш да одиш на забар“, ја прекинувам.
Мајка ми си погледнува во скутот каде што ги има склопено рацете на кои веќе има старечки дамки. Молчи.
„И кармин нов да си купиш, некој поквалитетен. Овој ти се пика меѓу брчките. Знаеш ли како ти изгледа устата вака“, ѝ велам. Осеќам дека сум безмилосна, ама ми е гајле што ме родила.
Мајка ми продолжува да гледа во нејзините прерано остарени раце. Гледам дека ставила и креон на очите и дека и тој ѝ се напикал во брчките. Сакам и тоа да ѝ го кажам.
„Од каде толку пари сега за тоа, мама“, ми вели и го крева погледот. Ми се чини дека очите ѝ се солзливи. Од каде ѝ па нејзе право да плаче, си мислам и погледнувам пак во рацете. Забележувам дека на ракавот има дупче и дека блузата ѝ е изветвена. Молчам и палам нова цигара.
„Јадеше ли денес нешто, мама“, ми зборува со мек глас како што никогаш порано не ми зборувала, пред да го стават Свето в гроб.
Одмавнувам со раката.
„Да ти зготвам нешто? Да излезам нешто да ти купам? Мораш да јадеш нешто, мама“, ми вели и ме фаќа за коленото. Се ежам кога ќе ме допре. Ми се гади од неа и од тагата што треба да ја чувствувам бидејќи сум безмилосна.

„Марија ми донесе супа“.
„Јадеше ли?“
„Не. Ако сакаш ти, јади ја. Јас не сакам“.
Мајка ми станува и оди во кујната. Од дневната можам да ѝ го видам грбот. Гледам како тенџерето што ми го донесе Марија завиткано во некаков идиотски завој за да не се отвори капакот го става на рингла и го пали шпоретот. Потоа со двете раце се потпира на плотната и ја крева главата нагоре, како да си го тегне вратот. Слушам едно придушено шмркање. Потоа главата ја спушта надолу. Оди лесно, претпоставувам во тоалет, каде што се задржува некое време, а јас седам на каучот и пушам.
Мајка ми се враќа во кујната и слушам тропање на чинии и прибор за јадење. Нешто става на масата. Отвора креденци. Ги затвора со тропање, затоа што никогаш не била нежна. Кога бев мала и ми ја сушеше косата, секогаш ме кубеше и ме гребеше со ноктите.
„Дојди да ми правиш друштво“, ја слушам како седнува на трпезариската маса во кујната. Немам избор. Ако јаде, си мислам, можеби ќе си оди, а и супата не морам џабе да ја фрлам.
На масата има две чинии полни со супа – требаше да претпоставам.
„Ама не сакам да јадам, жено, ти објаснив“, велам луто и потегнувам огромен дим од цигарата.
„Може ќе ти се пријаде кога ќе почнам да јадам јас. Не мора да јадеш ака не сакаш. Ќе ја фрлиме супата, не се секирај“, ми вели и седнува на своето место. Од супата се извива пареа. Како и обично, ја прегреала. Секогаш ги прегрева работите. Како мала стопати си го имав изгорено јазикот од нејзините жешки јадења. Ќе ти згрее нешто за да ти направи услуга, а со тоа ќе те повреди.
„Како не научи еднаш во животот да не ги прегреваш работите? Сакаш да се изгорам?“, ѝ велам луто и седнувам. „Не дека ќе јадам, ама ако си планирала да јадам не си требала да ја прегрееш супата, па уште и внатре да ги раскашавиш до крај работите“, зборувам заплеткано. Мајка ми молчи. Ја гали дршката од лажицата што внимателно ја поставила врз салфетката, и пак се загледувам во нејзините свежо остарени раце, во огрубените нокти на кои се направиле долги вертикални бразди.
Мајка ми воздивнува.
„Се сеќаваш ли тогаш кога го чуваше брат ти и проба да му ја стоплиш манџата што остана од ручекот и се изгоре?“, ме прашува.
„Не баш, ама знам дека од тогаш ми е лузната“ решавам дека со ова сеќавање и можеби малку ќе ја повредам.
„Дај ми ја да ја видам“, ми вели мајка ми.
Ѝ ја подавам левата дланка. На долната страна од палецот имам розова дамка во облик на зајче. Мајка ми се обидува да ми ја бакне и ме згрозува. Ја истргнувам рака и ја ставам в скут.
„Татко ти беше на семинар. Се враќаше наредното утро. Јас останав сама со вас. Требаше да ве чува тетка ти, па баба ти, ама сите ми откажаа во последен момент. А јас имав договорено да излезам и да се видам со еден мој пријател“. Застана и подголтна. „Пријателот многу ќе се налутеше ака не дојдам. Бев заљубена во него“. Ме погледна во очи. „Ме држеше како маѓепсана. Бегав од работа за да се видам со него, или дури после работа останував уште по еден час подолго ако имаше вас кој да ве чува само за до го мирисам“.

Додека ми зборува мајка ми, чувствувам како умот ми се празни.
„И затоа ти реков да го почуваш малку брат ти и дека ќе се вратам за два саата. Ама станаа три. И брат ти бил гладен. И ти си решила да му стоплиш манџа за да јаде, затоа што ти реков ако е гладен да му дадеш нешто да јаде – ама не ти кажав што. И кога се вратив дома осетив како нешто смрди уште од првиот кат. Почнав да трчам нагоре по скалите и си ја скршив штиклата. Се слушаше како ти врескаш и како и брат ти вреска. Влегов внатре и целата кујна беше бела од чад. На подот стоеше превртено тенџерето со манџата, храната истурена и поцрнета. Од вецето се слушаше твоето врескање. Влегов внатре“, тука мајка ми ја стегна лажицата со раката, „и те видов тебе како стоиш со рачето под млаз ладна вода и плачеш гласно. Брат ти, таков малечок како грашоче, ти ја имаше гушнато ногата. Лицето му беше црвено како никогаш дотогаш. Брат ти се удри од машината и ушите погласно списка. Ти викна кога ме виде и почна да скокаш в место и да викаш боли, боли, боли, и тогаш ти го видов рачето подуено од што си се изгорела. Сакав да умрам, дете мое“, ми вели мајка ми и ја спушта главата. Со старечката рака си ги прекрива очите.
Ми се замаглува погледот и гледам како нешто капнува во чинијата со супа пред мене. Потоа ја земам лажицата в рака и почнувам да јадам.

2018-08-21T17:20:36+00:00 јануари 23rd, 2017|Categories: Литература, Проза, Блесок бр. 111|