Прослава на животната енергија

/, Критика, Блесок бр. 87/Прослава на животната енергија

Прослава на животната енергија

(Владимир Мартиновски, Пред и по танцот, Скопје, Кликер, 2012)

„Танцот е славење, танцот е јазик.
Јазик од оваа страна на зборот.“
Шевалие, Гербран, Речник на симболи

#1 Најновиот поетски ракопис на Владимир Мартиновски – Пред и по танцот – претставува, несомнено, продолжение на истиот сензибилитет, на истиот светоглед, како и на истиот структурно-композициски, идејно-тематски и стилистички концепт понуден во стихозбирката Квартети: за читање, гледање, пеење и слушање, за којашто авторот ја доби престижната награда „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата во 2010 година. Од друга страна, оваа непретенциозна, спонтана и едноставна лирика упатува на наследството на јапонското хаику и на повеќекратното искуство на нашиот автор во оваа сфера.
Континуитетот на поетската вокација говори за една изградена и низ творечката практика веќе потврдена поетика на Мартиновски, но и за неговата свесна доследност во поглед на архитектониката на песната како свет за себе. За реципиентот, пак, овие стихови исткаени во старо-ново руво значат покана за танц во процесот на следење и препознавање на трагите, од една, но и чувство на блискост и вдоменост, од друга страна, во склад со читателскиот „хоризонт на очекување“. Провокацијата за нови искуства и копнежот за непознатото, парадоксално, резултираат со впечатокот за номадско домување во стариот добро познат свет во кој суверено царува Нејзиното Височество – Љубовта. Преку љубовта како доминантен принцип, патем речено, оваа книга стихови остварува континуитет со претходната збирка на Мартиновски – песните во проза Побрзај и почекај. Токму прославата на љубовта во Пред и по танцот е прослава на животната енергија, токму магијата на љубовта поставена на пиедестал умее, со својата движечка моќ, да ги сруши сите временски и просторни граници дури и низ соседните галаксии, како и сите ограничувања на индивидуален план и да понуди вртоглаво пијанство од шумски и морски плодови, од ноктурналии и вински апокрифи (според насловите на неколку циклуси песни).
Идејниот аспект на книгата Пред и по танцот кореспондира со нејзиниот формален концепт; композициски, поетскиот универзум на стихозбирката се темели врз поливалентна нумеролошка симболика и претставува низа од единаесет циклуси со по четири песни (или вкупно четириесет и четири песни). Четири, патем речено, алудира на поетовиот стремеж по целосност, совршенство, севкупност.., аналогно на сродниот комплексен арсенал од значења содржан и во поимот „љубов“. Системот на авторовата аrs combinatoria мошне успешно се заокружува во хомогена целина (од „алфа“ до „омега“) преку влезната и излезната рамка на книгата: почетниот циклус „Утрото пред танцот“ и финалниот, „Ноќта по танцот“, како парадигми за авантурата на душата и телото во ритмот на едно деноноќие/еден животен циклус. Небаре еден вид иницијација, зашто состојбата пред и состојбата по имплицираат промена, премин од еден во друг, повисок степен на постоење или симболичка смрт и симболичко раѓање, во крајна инстанца. Впрочем, како и самиот чин на творење/пеење: пишувањето е копнеж по систем, обид во вителот/нередот/хаосот на надворешните сили кои ја одредуваат човековата судбина, да се пронајде и да се воспостави некаков ред.
Но, „потенцијалот на фантазијата е во изменетите облици“ – со право предупредува хрватскиот теоретичар Виктор Жмегач во книгата СМС есеи (Žmegač, 2010: 165), мислејќи притоа на моќта на поезијата да креира „обратни светови“ (mundus inversus). Оттаму и специфичната визура на еден поет од типот на Мартиновски. Во неговата поезија градот нѐ следи, шумата е подвижна, морето се шета, се смее (неговата смеа одекнува кон работ на небото / а потоа се враќа до морските ѕвезди), езерото расте, сенките танцуваат… А во стварноста ништо не се изменило, сѐ си останало на свое место. „Поезијата е царство на исклучоци“ – изјавил во една пригода германскиот поет Ханс Магнус Енцесбергер. Поезијата ги пресвртува нештата, па она што е горе – станува долу, и обратно. Еве што вели по тој повод споменатиот Жмегач: „Сцената на светот се состои од катови и подруми… на хоризонтално ниво (…за разлика од митската вертикалана) (…) таа сцена се темели на ширината или на тесноградоста, на динамизмот или на авантурата на духот… Афективниот однос, ирационален по својата природа, ја отфрла прагматичноста на светот и копнее за освојување на просторот како подрачје на играта. Таму ги гради своите светови homo ludens-от. Негова енергија е спонтаноста. Оттаму и категоријата слобода. Архаичното поимање на телесните натпревари и некои видови танц се најблиски до оваа категорија“ (Žmegač, 2010: 100-101). Звучи неверојатно, но изречените ставови во голема мера кореспондираат и со поетиката на нашиот поет.
Одбирајќи го танцот како основен spiritus movens, како централна, амблемска одредница на својата стихозбирка, Мартиновски недвосмислено се определува за воспевање на бесмртноста, зашто танцот е олицетворение на: динамизмот, енергијата, екстазата (естетска, емотивна, еротска, мистична…), слободата, спонтаноста; танцот го отфрла секој облик на детерминизам и прагматизам, а тежнее за освојување на вонвременскиот простор како место за игра. Оттаму и оние духовити графити кои ја чинат стихографијата на песната „Играј кога не играш“, од типот на:
Кога играш учи, кога учиш играј
(…)
Болен е само оној што заборавил да игра
(…)
Играј дури и кога не ти е баш до игра
(…)
Кога ќе се родиш пак играј пак играј пак играј.

Играта (како и љубовта) е придружна компонента на танцот, тој врвен арбитер на поетската потрага по смисла во оваа стихозбирка. Познато е дека танцот како експресивна (дионизиска) уметност, уште од самите почетоци на раѓањето на уметноста, претставува амалгам од поезија, музика и игра. Токму таква е и поезијата на Мартиновски: своевиден mélange на воковизуелното и апстрактното, на сликата и зборот, на музиката и движењето… Бинарните опозиции се поништени, а микро- и макро-космосот се во чудесна спрега, во хармонично созвучје, бидејќи, ѕвездите, снегулките и атомите / деноноќно танцуваат (во песната „Пред танцот“), а поетот добро знае дека секоја музика е фалш / кога душата е раштимана (според зборовите на Сервантес цитирани во мотото на песната „Подредување“).
Преку танцот индивидуата учествува во големата драма на создавањето/постоењето: движењата на телата се рефлектираат на небото како траги од авиони, а енергијата од танцот полека се шири низ соседните галаксии – констатира лирскиот субјект во финалната песна „По танцот“. Од друга страна, моментот на „освојување на битието“ Михаил Бахтин го гледал токму во танцот. „Во танцот“ – вели тој – „се слеваат мојата надворешност, видлива само за другите и постоечка само за другите, и мојата внатрешна самочувствена органска активност; во танцот сета моја внатрешност се стреми да излезе на површина, да се совпадне со надворешноста, во танцот најмногу се овоплотувам во битието, се приопштувам кон битието на другите; танцува во мене мојата појавност (вредносно утврдена однадвор), мојата софијност, другиот танцува во мене“ (Бахтин, 2007: 48).
Преку танцот, значи, се проблематизира идентитетот, двојната природа на индивидуата, прашањето за другоста… На маргините на лирските акорди, на тој начин, одѕвонува ехото од некој филозофски лавиринт. Впрочем, поезијата е, едновремено, и чувствен и мисловен дискурс, универзална потрага по ненасетените можности на звукот/зборот/мислата.
Владимир Мартиновски со својата стихозбирка Пред и по танцот ќе внесе многу свежина и креативен дух во македонскиот поетски Пантеон, а нејзиниот интермедијален карактер, како и авторовиот дијалог со омилените творци од книжевната и уметничката традиција кај нас и во светот, ќе ги иницираат, меѓу другото, интердисциплинарните проучувања, толку актуелни во културните студии од најново време. Овој исклучително талентиран поет, ритмички пријатен и суптилно духовит, а притоа и многустрано образован, продолжува да нè фасцинира со исклучителната леснотија со којашто умее – на нему својствен и оригинален начин – да ги естетизира и најобичните, навидум безначајни животни мигови од нашето секојдневие и на читателите да им понуди незаборавно естетско задоволство и уживање.

Извори:
• Бахтин, М. (2007). „Временската целина на јунакот (проблемот на внатрешниот човек – душата), Компаративна книжевност (прир.: С. Стојменска-Елзесер). Евро-Балкан Пресс, Менора, Скопје, 19-48.
• Žmegač, V. (2010). SMS eseji. Zagreb, Profil.
• Шевалие, Ж., А. Гербран. (2005). Речник на симболи. Скопје, Табернакул.

2018-08-21T17:20:51+00:00 декември 16th, 2012|Categories: Литература, Критика, Блесок бр. 87|