Фирма / Жена во просторот (извадок)

/, Проза, Блесок бр. 122/Фирма / Жена во просторот (извадок)

Фирма / Жена во просторот (извадок)

Фирма 1
Фирма 2
Фирма 3


ЖЕНА ВО РАБОТНИОТ ПРОСТОР Си помислила кога некој навистина ќе те сака? Целосно? Си останала ли некогаш седната на столчето до ручек и макар што си испила многу вода телото сепак станало налик столот? Жена во работниот простор, просторот се менува, работата се менува, фирми во подем и пад. Сега, на пример. Дури и да ја затвориш вратата зад себе сè уште ќе ја слушаш тридимензионалната машина како работи, како го потпомага производството на единечни модели, заштедува време, а цената е ниска. Се сеќавам, еднаш имав интервју за работа каде што дизајнираа и правеа тридимензионални машини како онаа таму, не се сеќавав дека биле толку бучни. Водителот на интервјуто ми ја гледаше биографијата и, откако ми постави неколку стручни прашања, ми рече „па, си пукала некогаш со пиштол?“ Му реков да, ама само во картонски мети. Тој поставуваше прашања, јас давав одговори, а тоа беше точниот одговор. Жена во работниот простор, си сакала некогаш? Искрено сакање, и во целост? Повеќе не ја слушаш тридимензионалната машина, тоа е тип на звук на кој за некој месец се привикнуваш, ѕидовите се сите од гипс и сè се слуша, сè што ти зборуваш, сè што другите зборуваат, можеш и да чуеш кога воздивнуваат. Жена во работниот простор, можеш да ја чуеш портата како титка, портата за влез на набавувачи, купци, клиенти, работници и снабдителот од ДХЛ. Некои губат трпение, па ќе легнат на свирка како надополнување на ритмичното титкање на портата, па некој од нас ќе излезе да им отвори. Жена во работниот простор, некогаш мислам дека е подобро приказната да започне тука: жена во работниот простор во форма на стол, што најчесто не станува до ручек, што има СНВХ1 и покрај целото тоа титкање и зборување и бучава, најмногу ѝ пречат луѓето. Жена во работниот простор, си била ли некогаш во состојба на љубов, а не во нејзино отсуство? Просторот се менува луѓето се менуваат работата е потешка или завршува. Понекогаш ја реновираат канцеларијата, не во секој случај твојата, носат саксиски растенија од ИКЕА, од тие што не мора да се полеваат. Стартуваат нов софтвер за контрола на инвентарот, процесите, контрола на датотеките, всушност, контрола на сè

Фирма 1

Извршниот директор рипна на масата и ни се раздра. Рече: Не се трудите доволно. Срипа на масата и застана на бирото од рецепционерот. Долго бело биро. Рече: Губиме време, а не ги исполнувате групните цели. Рече: Мора да останете фокусирани. Нагласи: Нашиот успех зависи од вас и само од вас. Како и: Мора да побрзате. Потоа рече: Времето е пресудно, и нема да дозволам да има продолжение. Стоевме и молкум го гледавме. Па додаде: Само преку мене мртов. Дел од нас разменија погледи со останатите. Стоеше многу цврсто на бирото, со нозете во расчекор. Зборуваше саат и половина, можеби и повеќе. Најголем дел од она што го кажа беше упатено до нас, тимот од одделението за технологија. Неколкупати нè предупреди за вообразеноста до последната минута. Очите му светеа. Па рече: Само еден чекор сме од остварување на сонот, нема време за одмор. Ќе спиете во гроб. Ги повторуваше истите реченици одново и одново. И за цело тоа време стоеше на бирото на рецепционерот, со нозете цврсти, а рацете размавтани во ритам со говорот кој стануваше сè побрз и побрз. Се разотидовме во моментот кога заврши. Беше единаесет сабајле, скоро час и половина пред ручек, еден час по првата кафе-пауза. Се вратив во работната станица. По пат ја поминав работната станица на менаџерот. Беше зафатен со телеконференција. Зборуваше гласно во микрофон, а ушите му беа покриени со големи слушалки.


На англиски ADHD, синдром на недостаток на внимание и хиперактивност. (заб. на прев.)

АвторТехила Хакими
ПреводТеа Дуза
ПреводМајан Еитан
2018-11-30T13:14:03+00:00 ноември 29th, 2018|Categories: Литература, Проза, Блесок бр. 122|