Извадок од романот „Се викам Дамјан“ од Сузана Тратник

/, Проза, Блесок бр. 128/Извадок од романот „Се викам Дамјан“ од Сузана Тратник

Извадок од романот „Се викам Дамјан“ од Сузана Тратник

„Легни на клупата!“ ми викна во увото. „Сè ќе биде добро, премногу си испил. Одмори се.“ Од рака ми го зеде речиси полното шише пиво, а неговото празно ми го стави под глава – во меѓувреме веќе се испружив врз дрвената клупа до ѕидот. Роки дури и ме потчукна по рамото, демек, сè ќе биде кул, си го надигна моето шише и одјури на подиумот за играње. Не сакав да ги затворам очите, ама ми снема сила. Кога пак ги отворив, видов дека Роки и другите ме тресеа и ме викаа по име. Дискотеката изгледа беше пред затворање, а јас не можев да се помрднам. Ми се чинеше дека сум задремал само минута-две. Роки и другите беа пијани и весели, го извикуваа моето име како да навиваат на натпревар и се кикотеа. Сакав да ги треснам, толку ми беа одбивни.

„Дамјан, си одиме, брат“, пијано се дереше Роки. „Ајде! Си одиме дома!“ Му се врекнав да ме остави намира. Само што станав, ми се сврти и морав да се потпрам на Роки кој имаше слични тешкотии со рамнотежата. Така како двајца месечари се довлечкавме до најблиската постојка. Роки не престана да брбори, иако воопшто не знам за што, зашто ништо не разбрав. Најмалку петпати му реков да замолчи зашто ќе збеснам. Ама Роки е тврдоглав како магаре кога е натрескан, па нормално дека не замолче. Почна да ме предизвикува во стилот – ајде, збесни, збесни и удри ме ако така мислиш. Што му се заканувам толку, викаше, подобро да го плеснам по муцката. Се тргна, ме оттурна и почна да вика: „Мавни ме! Ајде, удри ме, што ми е гајле. Имаш ли јајца, а? Тресни ме, еве, повели! Кој те ебе!“

Ми го местеше левиот образ и некое време само бело го гледав, а потоа како во сон му врзав дебела шлаканица. И тоа затоа што бев толку уморен и папсан што не можев повеќе да ги слушам неговите молби да го удрам. И го удрив, што има да се убедуваме; маваш и работата е завршена. Роки се заниша, баш смешно изгледаше, такво џуџе каков што е, ама не престана. Уште еднаш се истопори пред мене, тогаш пошироко зашто по ударот уште потешко стоеше на нозе и ми го сврти другиот образ. Си ги истрив очите зашто ме печеа и сè уште гледав само црвено. И рака на срце, од минута во минута заборавав што се случува, а за три минути веќе не ми беше јасно зошто Роки стои пред мене и ме моли да го удрам. Ама за да не испаднам будала, за секој случај го плеснав.

„Ете, ајде уште еднаш! Ајде! Знам дека ти е сеедно. И мене ми е!“

И навистина го удрив уште еднаш, само затоа што ме принуди. Не знаев зошто го тепам, но сосема се сосредоточив на тоа да го погодам, зашто сето време се нишаше, а јас гледав најмалку двојно, ако не и тројно. Е, потоа ми го врати ударот. Автоматски ја кренав тупаницата, ама кога видов дека Роки е испружен на земја, раката сама ми падна крај телото. Беше премногу пијан за да се тепа, а и јас. Го кренав и му помогнав да седне на ниската камена ограда на постојката. И самиот седнав покрај него и запалив цигара, иако грлото ми беше уништено од цигари и алкохол. Ама по таква дива ноќ изутрина годи цигара. Запалуваш и малку се замислуваш над сопствениот живот, ако имаш над што да се замислиш. Никој не те слуша, никој не ни знае за што размислуваш. Затоа не е ништо страшно ако им се препуштиш на мислите – никој нема да дознае.

Кога се разбудив, веќе се разденуваше. Го отворив едното око и ја здогледав двојката за Мосте. Воопшто не можев да се сетам дали работам претпладне или попладне, па само се стрчав по автобусот како да се работи за живот или смрт. Кога стигнав дома, само се сетив дека сум попладне на работа и спокојно заспав.

Роки ми се јави дури по два дена. Ми се чинеше малку чудно што не се јавува толку време и веќе се исплашив дека можеби ми се налутил што му врзав две шлаканици. Мене сето тоа ми изгледаше смешно кога утредента се отрезнив, ама никогаш не знаеш што им се плетка на другите в глава по нешто такво.

„Па кај си ти, вчера не излезе, или?“ весело го прашав.

„Кај сум јас, а? А сега те интересира? А пред два дена туку си отиде и ме остави да спијам на постојката!“

Дури сега се сетив дека тогаш, кога ја здогледав двојката и побрзав дома, сосема заборавив дека Роки спиеше крај мене.

АвторСузана Тратник
ПреводЗорица Теофилова
2019-10-21T12:37:25+00:00 октомври 1st, 2019|Categories: Литература, Проза, Блесок бр. 128|