ДОРА И МИНОТАУРОТ – Мојот живот со Пикасо

/, Проза, Блесок бр. 126 - 127/ДОРА И МИНОТАУРОТ – Мојот живот со Пикасо

ДОРА И МИНОТАУРОТ – Мојот живот со Пикасо

Уметноста е лага што ни помага да ја сфатиме вистината.
Пабло Пикасо

Неодамна, барајќи примерок од некое списание, меѓу хартиите најдов еден стар бележник. Мислев дека е празен, но на првата страница најдов белешка од април 1945 година:
Вчера откај Жак си заминав толку расположена! Веќе се чувствувам како да ми е подобро.

По електрошоковите и лежењето в болница, со денови ме болеа нозете, одев вкочането, како на патерици. Всушност, целото тело ме болеше. Се влечкав по ходникот што гледа кон двориштето, но не знаев дали сум сè уште во болницата или во мојот стан. Зелената боја на грмушките во двориштето се мешаше со белата и сивата од околните ѕидови, како пред очите да ми е префрлен превез. Се чувствував како да пливам во матна вода. Мозокот бавно ми се оправаше. Жак ме извлече од Санта Ана, каде што безмалку ќе ме убиеја. Ќе те врзат за креветот, ќе ти пикнат тутка платно во устата и потоа низ телото ти пуштаат струја. Всушност, и не знам колку пати го поминав тој „третман“, како што го викаат во болницата. Не ни прашав.

Мода, рече Жак за време на нашата прва средба по излегувањето од болница, обична глупава мода. Во медицината е исто како и со шапките или чевлите.

Но таа мода е причината зашто телото ми е сè уште како претепано!

Заборави на електрошоковите, ќе се оправиш, па сè уште немаш ни четириесет. Ќе доаѓаш тука, кај мене и ќе разговараме. Ништо повеќе. Не ти треба никаква терапија, ни лекови, веќе не мора да се плашиш.

Не сакам да зборувам за болницата, едвај преживеав…

И не мораш, ти решаваш за што ќе разговараме.

Претпоставувам за тоа зошто воопшто завршив во болница и сега кај тебе на психотерапија. Наводно сум доживеала нервен слом. Пикасо се исплашил за моето психичко здравје, па те повикал тебе на помош. Всушност, не верувам дека навистина се загрижил, тоа може да го мисли само некој што не го познава. Мислам дека едноставно ме пикна во лудница за да се ослободи од мене…

Тогаш зборувај за тоа што мисли некој што го познава.

Неодредено одмавнав со раката. Во неговиот кабинет попладневното сонце ги осветлуваше полиците со книги, масивната маса од ореово дрво и ковчестото суштество со клапушести уши во темносин џемпер. Мирисаше на книги и цигари.

На пат кон дома, во книжарницата купив бележник со линии и со тврди корици. На училиште ги мразев ваквите бележници оти бев многу уредна и буквите не ми бегаа ни под ни над линијата. Но сега имав чувство дека баш ми се потребни, дека со вака замајана глава ќе ми биде тешко правилно да ги испишам буквите. Купив и шишенце виолетово мастило. Можам да се обидам некои работи да ги ставам на хартија, си помислив ставајќи го бележникот в чанта. Впрочем, тоа никому не мора да му го покажам, дури ни на Жак.

Дури и решив овие белешки да ги пишувам на хрватски и на тој начин подобро да ги заштитам од сечие љубопитство, иако тука не познавам никого освен татко ми, кој го разбира овој јазик. Верувам дека ова ќе ми помогне да се приберам. Мора и самата да се обидам нешто, не смеам сосема да му се препуштам на Жак. Затоа што го познавам од претходно, и тоа не преку Пикасо туку преку жена му Силвија, со која се спријателив уште додека беше мажена за Жорж Батај, чувствувам дека познанството со сите нив некако ме попречува во нашиот нов однос на пациентка и лекар. Затоа верувам дека, ако се присетам на некои случувања од моето минато, ако ги запишам, можеби и самата подобро ќе сфатам зошто доживеав психичка криза и завршив во болница. Мора да се сконцентрирам, исто како да се подготвувам повторно да застанам зад објективот на камерата и да погледнам – во себе. Ми се чини дека сега го можам тоа, со Жак и со бележников. Тоа е истата постапка како и во мојата професија: кога фотографирам или сликам, јас одбирам кого и како ќе го снимам, јас владеам со стварноста и јас ја обликувам. Јас одлучувам и тоа ќе го направам и сега. Ти решаваш, зар тој не ми рече така?

АвторСлавенка Дракулиќ
ПреводКалина Б. Исаковска
ПреводЗорица Теофилова
2019-08-06T13:00:15+00:00 јули 31st, 2019|Categories: Литература, Проза, Блесок бр. 126 - 127|