„Гордана меѓу врбите“, Ана Ѓокиќ

/, Литература, Блесок бр. 133 - 135/„Гордана меѓу врбите“, Ана Ѓокиќ

„Гордана меѓу врбите“, Ана Ѓокиќ

Нејзината мајка ја има доено дури до третата година. Ама така беше на село. Луѓето беа сиромашни. Денес сепак е различно, фала Богу. Ги отвори очите и прво ја погледна ќерка си која мирно спиеше навалена врз брадавицата која ја имаше исфрлено од уста, а потоа уште еднаш во ѕидот со расцветаните рози. Имаше чувство дека е во градина со рози. Некаква каква што нема видено во животот. Никаде, освен на овој ѕид. Повторно ги затвори очите. Можеби би можела и таа малку да дремне…

Од сон ја разбуди силна болка во стомакот. Заурла на цел глас.

Не знаеше дали ја разбуди плачот на Гордана или дерењето на Драго:

– Да ти ебам Бога, Љуба!

Почна бргу да чекори по собата, непрекинато нишкајќи го детето во прегратка.

– Шшшш. Немој да плачеш. Сè ќе биде во ред. Шшшш.

Ја болеше. И плачеше.

Се обидуваше да ја смири. Ама не можеше. Го слушна Драго како пцуе, од другата соба. Се обиде повторно да ѝ ја понуди дојката како за утеха, но детето, освен сопствената болка, веќе ништо не забележуваше.

– Нун– нин, нан– нин, мајка има син – запеа приспивна на која се сеќаваше од детството, синот прдна, мајка мрдна, ојојој!

– Нун– нин… – продолжи да ја повторува – мајка има син… како мантра – синот прдна, мајка мрдна… – сè додека бебето сосема не се смири во нејзината прегратка.

– Нун– нин, нан– нин, мајка има син… – несвесно потпевнуваше, истовремено гледајќи низ прозорецот во детското паркче, опкружено со врби и прекриено со снег.

Како мала, многу сакаше да се лула. Во дворот на братучедот Гоќе имаше една цреша на која нивниот деде Иво им прикачи дебела ортома на која сите деца од селото се лулаа. Девојките, сè додека не пораснат доволно, не смееjа надвор бидејќи мораше да остануваат дома за да им помагаат на своите мајки. Mачките многу подолго. Пред колку години последен пат се лулаше? Се сеќава дека татко ѝ прописно ја ишиба со ремен по газето зашто по школо, наместо да оди дома, онака убаво облечена за школо и со убаво свиени плетенки, отиде директно во дворот кај Гоќе на лулашката. Колку имаше? Седум? Или осум?

Копнежливо погледна кон лулашката во празното детско паркче. Гордана некое време беше мирна, па повторно заплака.

– Шшшшшш – ги допре усните на нејзиното увце (притоа почувствувајќи го мирисот на засиреното и закиселено млеко) шепотејќи:

– Ќе го разбудиш тато. А тој мора да спие. Утре изутрина оди на воена вежба и нема да се врати два дена. Да, да. Ќе командува со војниците. И тие сите ќе го слушаат. Баш сите! И ти мора да го слушаш, знаеш? Не смееш да го будиш. Не, не, никако. Твојот тато е воено лице и сите мора да го слушаме. Тој има униформа. И капа со ѕвезда петокрака. Има и ремен и пиштол за да пука во непријателот. Да, да. Сешто има твојот тато!

Повторно заплака.

– Љубо!!! – се јави и Драгољуб.

Уште еднаш погледна кон паркчето со врбите.

– Ќе одиме ние двете малку да се луламе, а?

Гордана за момент ја погледна со своите големи кафеави очи и трепна, како да се согласува со предлогот.

– Па да – се насмеа и ја прегрна. – Одиме да се луламе!

Не испуштајќи го детето од прегратка, во ходникот ги навлече чизмите а потоа со една рака го зеде од закачалката цивилниот кафеав капут на Драго и го наметна врз себе и бебето. Потоа ја отклучи влезната врата и излезе во ходникот. Само сега да не заплаче – помисли додека ги одминуваше другите станови. Се спушти по скалите кои водеа директно во дворот и загази во снегот. Ако сега завреска, сите комшии ќе ни ја расплачат мајката, помисли загрижено. Но некако беше убедена дека детето нема да заплаче додека е на лулашката. Се протна низ гранките од врбата и одеднаш почувствува возбуда и страв. Ѝ се чинеше дека прави нешто што е забрането. Како од мракот да ќе се појави татко ѝ и повторно ќе ја ишиба.

-Одиме да се луламе! – промумла бодрејќи се себеси.

Ја исчисти лулашката од снег и седна, стискајќи ја цврсто до себе ќерка си. Во истиот момент целиот страв го снема. Силно се бутна.

Ја спушти главата на мајчините гради и замижа. А потоа нагло ги отвори почувствувајќи како лета. На една па на друга страна. Напред. Назад. Напред. Назад. Напред. Назад.

И по повеќе од дваесет и пет години, чувството беше исто.

Волшебно! Како да лета!

Чувството беше ново. И пријатно. Се насмеа со малите уснички.

– Па кој мене ми се насмеа? Среќо мајкина!

Не знаеше зошто плаче ама ете, плачеше. Детето се насмеа, а таа поради тоа почна да липта. Баш е глупава!

Ги избриша со работ од ракавот влажните очи, длабоко воздивна и продолжи да се лула.

Напред. Назад. Напред. Назад. Напред. Назад.

Леташе! И веќе ништо не болеше.

Превод: Калина Б. Исаковска

АвторАна Ѓокиќ
ПреводКалина Б. Исаковска
2020-12-23T17:42:40+00:00 декември 22nd, 2020|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 133 - 135|