„Гордана меѓу врбите“, Ана Ѓокиќ

/, Литература, Блесок бр. 133 - 135/„Гордана меѓу врбите“, Ана Ѓокиќ

„Гордана меѓу врбите“, Ана Ѓокиќ

 НАЗАД – февруари 1966 (извадок од романот)

Ене ја, пак цвили! – луто промумла Драго нерасонет.

– Знам – одговори Љуба и седна на каучот наслушнувајќи го плачот од другата соба. – Да викнеме доктор?

Виде како мажот ѝ ѕирка со едното око кон будилникот што правеше тик– так сред кујнската маса прекриена со плетен чаршаф.

– Каков доктор во еден и пол сабајле, дали си жено нормална?

– Па кога плаче…

Љуба и понатаму наслушнуваше.

– Нешто ја мачи – искоментира грижливо. – Не спие веќе трета ноќ по ред.

– Е богами не спијам ни јас – повторно се јави мажот ѝ. – Ајде оди веќе докај неа, види што сака. Ќе ја разбуди цела зграда!… Лесно ви е и на двете после да си ’рчите до пладне. Не мора да се будите секое сабајле во пет.

Љуба стана без збор, иако сакаше да праша а кој секој ден ти вари кафе штом ќе се разбудиш?!, ги обу влечките на босите нозе и полека ја отвори вратата од соседната соба.

Во старото детско креветче огреано од месечината стоеше, држејќи се за оградата, нејзината мала Гордана. На момент ја обзеде страв од тоа непознато тело на кое не можеше или не знаеше да му помогне. Ја запали ламбата покрај креветчето и уште малку стоеше неподвижна, набљудувајќи го своето дете, цело црвено од плач. Потоа се навали и ги подаде и двете раце за да ја подигне, притоа нежно шепотејќи ѝ:

– Што се случи Гордана? Што те мачи, мамино?

Престана да плаче и високо ги крена рацете.

– Дојди си кај мене… Така.

Ја почувствува пријатната топлина на мајчиното тело. И препознатливиот мирис на нејзината кожа.

– Сега е подобро, така?

Со главата почна бргу да бутка лево– десно, душејќи се во наборите од мајчината ноќница, барајќи брадавица.

– Сакаш да цицаш, а?

Седна на отоманот и со веќе извежбани движења со едната рака ги отпетла копчињата, ја извади дојката и полека ја стави брадавицата преку усните на Гордана.

– Еве ти.

Во истиот момент ја грабна понудената брадавица. Силно повлече уживајќи во сладникавата течност која ѝ се лизгаше низ грлото.

– Ау, ама шмукаш! Пополека малку. Пак сè ќе исповратиш.

Со ќерка ѝ в прегратка, Љуба гласно проѕевна и по којзнае кој пат се загледа во тапетите на ѕидовите во собата. Многу ги сакаше тие тапети! Во изнајмениот стан во Нова Градишка тапетите не беа интересни, светлокафеави. Без никакви шари. Кај нејзините, во Годињак, во куќата имаше само голи бели ѕидови. Но овие во Рума, овие беа посебни! Бели, со расцветани рози и понекоја пупка. Исто рози! Драго, штом ги виде, изјави дека во таа буржујска соба негова нога нема да стапне и дека порадо ќе спие на каучот во кујната. Таму и таа му се придружи. Што да прави, маж ѝ е. Мора да спијат во ист кревет. Иако ѝ е сè потешко да води љубов со него. Секојпат кога ѝ се приближува, чувствува грч во градите, а таму долу целосно се стиснува. Не знае зошто ѝ е така. Можеби би требало да причекаат со тие работи, како што рече докторот. А не веднаш по породувањето да се почне. Ама кој да му објасни на Драго? Особено таква работа. А по секој однос наутро гледа барем една флека крв на чаршафот. Тоа ја плаши. Дури и повеќе отколку Драго… Можеби би требало да биде поодлучна? Кој друг ќе внимава на неа ако не самата? Се сеќаваше на мајка ѝ која често, додека Љуба беше мало девојче, одеше кај една жена во селото за оние работи. Откај неа се враќаше со бавен чекор и неколку дена лежеше на отоманот во кујната, скришно ставајќи платнени крпи меѓу нозете. Подоцна не ги фрлаше туку ги переше во леѓен и ги сушеше во дворот за повторно да ги искористи. Сето тоа Љуба го гледаше. И крвавите платнени крпи и мајката што лежеше на отоманот, тивко плачејќи сè додека татко ѝ на Љуба не се побунеше барајќи го своето машко право. Тогаш мајка ѝ ќе станеше и ќе отидеше со него во заедничката спална, затворајќи ја вратата зад себе. Но Љуба, сеедно, ги слушаше чкрипењето на креветот и татковото стенкање. Сето тоа ѝ беше чудно додека и самата не се омажи. Почувствува мало гадење кон машките. Сакаше да му се допадне на Драго, но тој како и да не ја гледаше во креветот. Како да му беше сеедно чие тело ќе биде под неговото. Битно му беше да се олесни. На неа никогаш не мислеше. Дали сите машки се такви?, често се прашуваше, иако тоа прашање ја плашеше. Имаше чувство дека со својот сомнеж во добрината на сопствениот маж го издава нивниот брак. Па сепак, не можеше да се согласи на тоа што мајка ѝ го прифаќала. На тие постојани бремености и абортуси. Со мачнина се присети на мајчините тивки офкања. Таа не сака низ тоа да поминува. Ги стисна забите. Нејзиниот маж е сепак образован човек, војник, а не селанец како нејзиниот татко. Ќе разбере кога ќе му каже дека не сака да спие со него. Барем некое време. Барем додека малечкото не наполни една година. А потоа ќе видат што понатаму. Почувствува олеснување. Како голем камен, што ја притискал цело време, да ѝ се струполи од градите.

Повторно ги погледна тапетите. Баш би било прекрасно наместо покрај Драго да спие меѓу рози! Па да, ќе се пресели во собата на Гордана. Се насмевна, со сила ја извлече брадавицата од устата на детето и го префрли бебето на другата дојка.

– Ајде, ајде. Мора малку и од оваа да поцицаш, инаку мајка ти многу ќе ја боли цицката, знаеш?

Ждригна додека проѕирната течност ѝ се слеваше сè до зад увото. А потоа пак се фати за работа.

Ги затвори очите, препуштајќи се на убавото чувство во дојките. Сакаше да ја дои, иако Драго веќе неколкупати поради тоа ја нарекуваше примитивна селанка. Денешните жени на бебињата им даваат млеко во прав и ги хранат со шишенца и не ги подаваат цицките како да се крави! Во право е Драго. И докторите препорачуваат млеко во прав. Викаат дека е поздраво и похигиенско. Бидејќи мајката преку брадавиците може на детето да му пренесе болештини. Како се викаше, веќе ѝ го кажа педијатарката во детскиот диспанзер… Лактовит. Да! Се купува во аптека во големи лименки и се меша со стоплена вода. Навистина ќе мора набргу да прекине со доењето. Ама, ете, уште малку. Барем навечер. Барем кога Гордана не може да спие. Се смести уште поудобно на отоманот.

АвторАна Ѓокиќ
ПреводКалина Б. Исаковска
2020-12-23T17:42:40+00:00 декември 22nd, 2020|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 133 - 135|