Приказната за доброто момченце

/, Проза, Блесок бр. 98/Приказната за доброто момченце

Приказната за доброто момченце

Си живееше еднаш едно добро момченце, по име Џејкоб Бливенс. Секогаш ги слушаше своите родители, колку и да беа бесмислени и неразумни нивните барања; и секогаш учеше од Библијата, и никогаш не доцнеше на неделното училиште. Не бегаше од часови, дури и кога сметаше дека тоа е најкорисната одлука. Ниту едно од другите момчиња не го разбираше, беше толку чудно. Не лажеше, колку и да беше тоа погодно. Само велеше дека е погрешно да се лаже, и тоа му беше доволно. Неговата искреност беше едноставно смешна. Необичните навики му надминуваа сè. Не играше џамлии во недела, не крадеше од гнездата на птиците, не им даваше вжештени парички на мајмунчињата на верглашите; се чинеше како да не е заинтересиран за никаква разумна забава. Другите момчиња се обидуваа да го одгатнат и да го сфатат, но не доаѓаа до никаков задоволителен заклучок. Како што кажав претходно, тие имаа само нејасна идеја дека тој од нешто „страда“, па затоа го штитеа, и не дозволуваа ништо да му наштети.
Ова добро момченце ги прочита сите книги од неделното училиште; тие му беа најголемото задоволство. Тоа беше целата тајна. Им веруваше на добрите момченца од книгите од неделното училиште; имаше целосна доверба во нив. Мечтаеше да сретне едно од нив во животот, барем еднаш; но тоа не се случи. Сите тие беа веќе одамна мртви. Кога читаше за некое посебно добро, тој набрзина вртеше до крајот за да види што се случило со него, бидејќи сакаше да патува илјадници милји и да му се восхитува; но тоа беше бескорисно; тоа мало добро момче секогаш умираше во последното поглавје, и таму имаше слика од погребот, со сите негови роднини и децата од неделното училиште кои стоеја до гробот во прекратки панталони, и преголеми шешири, и сите плачеа во своите шамичиња. Секогаш беше вака. Никогаш не можеше да види ниту едно од овие момчиња бидејќи секогаш умираа во последното поглавје.
Џејкоб имаше благороден стремеж да биде во книга од неделното училиште. Сакаше да биде прикажан на слики каде што гордо одбива да ја лаже својата мајка, а таа да биде прикажана со своите солзи радосници; и слики кои ќе го претстават како стои на прагот давајќи паричка на сиромашна питачка со шест деца, и советувајќи ја да ги троши слободно, но не прекумерно, бидејќи прекумерноста е грев; и слики каде што великодушно одбива да го издаде лошото момче кое секогаш го чекаше зад ќошето кога се враќаше од училиште, и го маваше по главата со стап, и потоа го бркаше дома, велејќи, „Здраво! Здраво!“ како што одеше. Тоа беше стремежот на младиот Џејкоб Бливенс. Сакаше да биде ставен во книга од неделното училиште. Се чувствуваше малку неудобно кога сфати дека добрите момченца секогаш умираа. Знаете, тој сакаше да живее, и ова беше најнепријатната карактеристика во тоа да се биде момче во книга од неделното училиште. Знаеше дека не е здраво да се биде добар. Знаеше дека е кобно да се биде толку натприродно добар како што беа момчињата од книгите; знаеше дека никое од нив нема издржано долго, и го болеше кога размислуваше дека доколку биде во книга тој никогаш нема ни да ја види, или, и кога би ја напишале книгата пред тој да умре таа не би била толку позната без слики од неговиот погреб на задниот дел. Не би била баш добра книга од неделното училиште ако не би го опишала неговиот совет за заедницата додека умирал. Така, на крајот, реши да го направи најдоброто под околностите – да живее правилно, и да се задржи што е можно подолго, и да го има својот последен говор спремен за кога ќе му дојде времето.
Но, некако, ништо не му одеше од рака на ова добро момченце; ништо не му испадна како на добрите момченца од книгите. Тие секогаш добро си поминуваа, а на лошите момчиња им беа скршени нозете; но во неговиот случај нешто не беше во ред; и сè се случуваше обратно. Кога го фати Џим Блејк како краде јаболка, и застана под дрвото за да му прочита за лошото момченце кое паднало од јаболкницата на соседот и си ја скршило раката, и самиот Џим падна од дрвото, но падна врз него, и ја скрши неговата рака, а Џим не беше воопшто повреден. Џејкоб не можеше да го сфати тоа. Немаше ништо вакво во книгите.
И еднаш, кога некои лоши момчиња турнаа слеп човек во калта, и Џејкоб се затрча за да му помогне и да го добие неговиот благослов, слепиот човек воопшто не го благослови, туку го удри по главата со неговиот стап и му кажа тешко него ако повторно да го фати како го турка, а потоа се преправа дека му помага. Ова не беше во склад со ниедна од книгите. Џејкоб провери во сите.
Едно нешто што Џејкоб сакаше да го направи е да најде куцо куче кое нема каде да живее, гладно и прогонето, и да го донесе дома и да го милува и да ја добие неговата вечна благодарност. Конечно најде едно и беше среќен; и го донесе дома и го хранеше, но кога сакаше да го погали кучето скокна кон него и му ја раскина целата облека, освен таа однапред, и направи од него една страшна глетка. Го преиспита настанот, но не можеше да го сфати. Беше истата раса на куче како и тие во книгите, но се однесуваше многу различно. Што и да направеше ова момче, влегуваше во неволја. Истите работи за кои беа наградувани момчињата од книгите се покажаа како неговите најнепрофитабилни инвестиции.
Еднаш, додека одеше кон неделното училиште, виде некои лоши момчиња кои со задоволство се качуваа на едрилица. Беше запрепастен, бидејќи од книгите знаеше дека момчињата што едреа во недела секогаш се давеа. Се качи на сплав за да ги предупреди, но еден трупец се изврте и го лизна во водата. Еден човек го извади набрзо, и докторот ја испумпа водата од него, и му ги испразни белите дробови, но тој се разболе и лежеше болен в кревет девет недели. Но најнеобјаснивата работа беше што лошите момчиња на бродот се забавуваа цел ден, и за чудо, стигнаа дома живи и здрави. Џејкоб Бливенс кажа дека немаше ништо такво во книгите. Беше целосно вџашен.
Оздраве, и иако беше малку обесхрабрен, сепак реши да продолжи да се труди. Знаеше дека неговите досегашни искуства не се за во книга, но сè уште го немаше достигнато одредениот животен век на добрите момченца, и се надеваше дека ќе живее доволно долго за да направи некој запис. Кога ништо друго не би успеало, барем секогаш можеше да се потпре на неговиот смртен говор.
По долго размислување, реши да работи на брод како чирак. Најде капетан и поднесе барање, и кога капетанот ги побара неговите препораки тој гордо извади трактат и покажа кон зборовите. „До Џејкоб Бливенс, од неговиот срдечен учител“. Но капетанот беше груб, вулгарен човек, и кажа, „Ох, никако!“ Ова не беше никаков доказ дека тој знае да мие чинии или да ја користи кофата за мраз, и реши дека не му треба. Ова беше најнесекојдневното нешто што му се случило на Џејкоб во целиот негов живот. Пофалба од учител, на трактат, секогаш успевала да ги разбуди најнежните чувства на капетаните, и да ги отвори сите врати до честа и заработувачката – секогаш, во секоја книга што ја прочитал. Не можеше да поверува што се случува.
Момчево постојано наидуваше на тешкотии. Конечно, еден ден додека бараше наоколу лоши момченца за да ги укорува, најде многу од нив во една ливница за железо, како си прават шега со четиринаесет или петнаесет кучиња, кои ги имаа врзано во долга поворка, и ќе ги украсеа со празни конзерви нитроглицерин врзани за нивните опашки. На Џејкоб му се скрши срцето. Седна на една од конзервите – не му сметаше масло кога во прашање беше исполнување должност – и го фати првото куче за огламникот, и го насочи своето прекорувачко око кон злиот Том Џонс. Но во тој момент дојде Алдерман МекВелтер, полн со гнев. Сите лоши момчиња избегаа, но Џејкоб Бливенс застана, свесен дека е невин, и започна еден од тие свечените говори од неделното училиште кои секогаш почнуваа со „Ох, господине!“ во комплетна спротивност на фактот што ниедно момче, ниту добро ниту лошо, не започнува забелешка со „Ох, господине!“ Но Алдерман не почека да го дослуша останатото. Го фати Џејкоб Бливенс за уво и го сврти, и го удри одзади со раката; и во истиот момент доброто момченце излета низ покривот и полета кон сонцето, со деловите од петнаесетте кучиња нанижани по него како опаш од змеј. И не остана никаков знак од тој Алдерман или таа стара ливница за железо на лицето на Земјата, а што се однесува за младиот Џејкоб Бливенс, тој никогаш не доби шанса да си го каже смртниот говор после сета таа мака со поправањето, освен ако не стигнал до птиците; бидејќи, иако најголемиот дел од него падна на врв на дрво во една гранична покраина, остатокот беше распределен во четири подрачја, и мораа да направат пет истраги за да дознаат дали е мртов или не, и што се случило. Никогаш не сте виделе толку распространето момче.1F
Така загина доброто момченце кое се трудеше колку што можеше, но не заврши според книгите. Секое момче кое што правеше како него успеа, освен тој. Неговиот случај е навистина извонреден. Најверојатно никогаш нема да биде објаснет.

Превод од англиски: Карло Брсак Крстески

#b
1. Оваа глицеринска катастрофа е позајмена од статија во весник, чие авторско име би го дал кога би го знаел. – [М.Т.]

АвторМарк Твен
2018-08-21T17:22:00+00:00 ноември 2nd, 2000|Categories: Литература, Проза, Блесок бр. 98|