Празнина

Празнина

(Прва награда на конкурсот за краток расказ ЛИК, Нова Македонија, 2010)

Дента на погребот за првпат го виде татка си гол. Го пресоблекуваа неговото исушено, суво и од болеста измачено тело на каучот во дневната, на истото место од кое тој со години гледаше телевизија. Го пресоблекуваа мртовецот со агилност и брзина со која човек прави нешто што мора да го направи, воден од желбата што побргу да заврши. Тежината на телото што омрцлавено им лежеше во рацете не соодветствуваше на неговата смаленост, и го дигаа со напор додека некои мртовечки течности му гргореа во градите, создавајќи илузија дека нешто во тоа празно тело сè уште е живо. Го пресоблекуваа други, но таа стоеше тука, обидувајќи се од време на време да помогне пикајќи ја раката со долг нокот на малото прсте во ракавот на кошулата, навирајќи ги чорапите на нозете кои татко ѝ со години ги киснеше во некакви си води и ги виткаше со некои лисја за ноктите да не му растат во месото, и врзувајќи му ја вилицата во која стоеја вештачките заби со шамиче за да не зјапне. Соголеното тело на татко ѝ што веќе пожолтуваше и се ладеше, брзо се скри во нови гаќи и маица, врз кои го навлекоа неговиот најдобар костум, оној кој го носеше на нејзината свадба.
Мајка ѝ и татко ѝ не правеле свадба, ѝ кажа еднаш баба ѝ. Едноставно избегале. Или, подобро кажано, мајка ѝ избегала со него, а татко ѝ ја однел некаде, го собрал колегите од работа да се потпишат како сведоци и тоа било сè. Така мајка ѝ ја донела одлуката што засекогаш им ги одреди животите. И остана цврсто на таа своја одлука дури и оној еден единствен пат кога таа ѝ кажа дека ја сака. Кога тогаш си замина од дома, мајка ѝ дојде да ја викне да се врати. Лицето ѝ беше модро и потечено, кога со стегната вилица и строг глас едноставно ѝ нареди да се врати дома. Солзите сами ѝ потекоа уште кога ја виде. Никогаш претходно немаше сетено колку боли кога страда некој што ти дал живот. „Зошто плачеш?“ промрморе мајка ѝ низ отечените усни. „Затоа што те сакам.“ го рече таа единственото нешто што можеше да го каже во тој миг. „Разведи се од него.“ ѝ ја рече единствената друга работа што ѝ дојде на ум. „Тоа не е твоја работа.“ студено процеди мајка ѝ низ забите. Во тој миг, за првпат сфати дека можеби животот на нејзините родители навистина не е нејзина работа, дека судбината на мајка ѝ не е и нејзина судбина, и дека секој го одбира својот пат, и решава дали ќе остане на него или ќе го напушти тогаш кога ќе разбере дека патот што го одбрал не води никаде.
Кога размислуваше за годините минати дома, ѝ се чинеше дека никогаш не знаела што ќе ја пречека зад вратата на која отсекогаш стоеше само името на татко ѝ. Некогаш (ако имаше среќа) дома немаше никој, па можеше мирно да седне во клацкалката во ќошот на дневната соба, да си ја земе омилената книга и да чита, грицкајќи ја врвката за покажување страници. Некогаш, мајка ѝ миеше чинии во кујната, а татко ѝ гледаше телевизија, па таа одеше во својата соба, легнуваше на креветот и сонуваше со отворени очи за некој иден живот во кој ќе биде посреќна. Но некогаш (а тие некогаш беа најтешките некогаш), по викањето што се слушаше уште од скалите знаеше дека пак ќе ја види сликата од која најмногу се плашеше – мајка ѝ липа зад некоја врата, расплакана и намрсулавена, со искинати алишта и размрсена коса падната над лицето, а татко ѝ, вцрвенет во лицето, ги мие рацете во бањата и ја пцуе на глас.
А сепак, еднаш ги виде своите родители како водат љубов. Беше рано наутро, и чудните звуци што ги слушна ја разбудија од најслаткиот сон. Не знаејќи што се случува, стана, и ги виде низ отворената врата. Глетката ја смрзна толку што не можеше да се врати в кревет, туку едноставно продолжи и седна на клацкалката во дневната, ја зеде омилената книга и лижејќи ја врвката за покажување, апсурдно, се обиде да чита. Никогаш дотогаш не се почувствувала толку измамена, предадена и изиграна. Двајцата луѓе што секојдневно ѝ го загорчуваа животот со својата омраза еден кон друг, што со невидена леснотија си ги кажуваа најлошите зборови, што никогаш не беше ги видела да се допрат освен случајно, водеа љубов. Тогаш ја порази она што во сето тоа ѝ се причини како фарса и ужасно се навреди зашто не знаеше дали дење се мразат, а ноќе глумат дека се сакаат, или пак обратно.
Многу години подоцна, на погребот на татко ѝ, додека восокот од свеќата ѝ поткапнуваше на прстот, а попот таговно пееше барајќи прошка за неговата душа, во главата ѝ се вртеа сликите од неговиот живот кој пред само еден ден ѝ истече низ рацете, и од мртвото тело што го пресоблекуваа. Се сети на стравот и на гневот што со години ги чувствуваше за него, и сфати дека во тој миг, над отворената дупка која само по некоја минута засекогаш ќе го скрие неговиот лик од нејзиниот живот, во себе немаше ништо друго освен сожалување за страдањето на уште еден човек кој заминал без да научи како да биде среќен.
„Празно е некако без него.“ воздивна мајка ѝ додека по погребот седеа дома околу масата полна со шолји од кои се креваше топла мисковина на штотуку сварено кафе. „Да.“ си помисли таа и за првпат виде дека испиеното, од солзи подуено лице на мајка ѝ е само уште едно од многупојавните лица на љубовта која никогаш нема целосно да ја сфати.
Ноќта по погребот на татко ѝ водеа љубов. Тој заспа прв, а таа остана будна уште неколку мига, размислувајќи дека еден ден и тие ќе се разделат кога еден од нив двајцата за последен пат ќе го види другиот гол и ќе го облече во најубавите алишта. Го гушна топлото тело што дремливо ѝ ја возврати прегратката и спокојно потона во сон без соништа.

2018-08-21T17:20:59+00:00 март 1st, 2011|Categories: Литература, Проза, Блесок бр. 76|