Потеклото (генезата) на моралот

/, Критика, Блесок бр. 16/Потеклото (генезата) на моралот

Потеклото (генезата) на моралот

На човечката природа својствена ѝ е потребата за вистината
која никогаш нема да дозволи да останеме во лажен или нестварен свет.

Л.Н. Толстој

Моралот како етичка вредност е поврзан со категориите на алтруистично и егоистично однесување. Внатрешната етика на секоја индивидуа зависи од нејзиниот филозофски поглед на светот и животот. Па од тука и функцијата на моралните идеи од различни проучувачи во одделни временски и општествени услови поинаку е толкувана. Ќе започнеме со излагањето на две познати дијаметрално спротивни теории за настанувањето на алтруистичкото однесување.
Постојат теории дека алтруизмот не е висок идеал, туку инструмент орудие создадено од експлоататорите за да ги заштитат своите интереси. За да може еден вистински експлоататор (готован) да опстане во светот тој го принудувал производителот (креативецот) да работи за него. На почетокот тоа го правеле со насилни методи, но откога луѓето посветени на мислењето и креативноста научиле како да се бранат и станале исто толку силни како и насилниците тогаш се јавила потребата од алтруистичката филозофија. Експлоататорите свесни за неефективноста на својот ум морале да го развијат алтруизмот со кој си гарантирале себе си сигурност дека некој може секогаш ќе ја заврши работата за некој што не може. Со злоупотребата на моралноста тие си ја гарантираат егзистенцијата барем за определено време. Со алтруизмот тие ги убедиле креативците доброволно да ги жртвуваат производите на својата рационална работа во корист на пасивните егоисти. Алтруизмот во оваа смисла навистина е прекрасен бидејќи оние кои го прифаќаат не се поразени од него, туку тој ги убедува да се поразат самите себе си. Алтруизмот се раширува брзо бидејќи бил прифатен од интелектуалците.
Но постојат и други теории дека алтруизмот е создаден токму од интелектуалците (Кант) во времето на хуманизмиот и ренесансата кога за прв пат во историјата разумот и науката почнале да стануваат толку продуктивни така што идејата за алтруизам само им помогнала на интелектуалците да ја задржат својата продукција и да ја заштитат од уништување. Преку алтруизмот тие сакале да го рашират своето производство низ светот, и да го заштитат од егоистичните потфати на уништување.
Основната дилема која се јавува во расправата за потеклото на моралот е дали е тој стрикно врзан со човековата личност или пак е наметнат однадвор како социолошки модел на однесување. Пред нас се отвара прашањето дали луѓето a priori се предодредени за добро, односно дали моралот му е иманентен на човекот кој во себе ја носи надежта за спас или пак треба да застанеме на страната на оние кои мислат дека луѓето се предодредени за зло и дека човекот е непоправливо себично и агресивно суштетво на кое што моралот му е наметнат однадвор. На прашањето за кое станува збор се можни неколку релевантни одговори.
Првиот одговор ќе го најдеме во списите на оние теоретичари кои се склони да ја порекнат улогата на човековата природа во формирањето на моралните принципи. Тие се придржуваат до теоријата дека моралните принципи се наметнати врз човекот од некој надворешен извор. Во древната Еврејска цивилизација се сметало дека моралот му е наметнат на човекот од страна на Јахве, а од таму ваквото убедување се раширува во сите религиозни заедници и претставува основа на теолошкиот концепт за потеклото на моралот. Подоцна теолошкиот концепт се напушта но сепак останува убедувањето дека некој друг недворешен агенс му ги наметнува моралните принципи на човекот. Најчесто тоа се општествените институции.
Во последно време кај антрополозите преовладуваат мислите од оваа насока. Тие поаѓаат од фактот за истоветната биолошка опременост на човечкиот род, но неа ја сфаќаат само како граѓа со помош на која се обликуваат различните културни институции. Еден од нив е Клајн Клонхон1F кој тврди дека нема некоја човечка природна предопределеност за доброто ниту за злото, туку дека во овој поглед постои крајно флексибилна биолошка подлога од која или со помош на која може да се формира со подеднаква ефикасност и општество со мирољубиви и конструктивни граѓани кај кои преовладува принципот на алтруизам и општество во кое преовладуваат егоистични и агресивни луѓе. За ваквата релативистичка антрополошка опција тој наоѓа емпириска потпора во бројните истражувања за различниот начин на живеењето и сфаќањето на моралот во различни цивилизации почнувајќи од најпримитивните до најсовремените. Во прилог на оваа теза ќе ги спомнеме истражувањата на Маргарет Мид која во својата книга „Созревањето на Самои“ кажува дека: „човековиот карактер и можности зависат од тоа како се учат младите и од општествените конвенции кои владеат во општеството во кое човекот се оформува“.2F За размислувањето за проблемите на човечката природа посебно се интересни страниците на кои Рут Бенедикт го анлизира впечатливиот контраст на доминантните форми на однесување на племињата Зунија и Добу. За припадниците на племето Зунија идеалниот човек е достоинствен, со пријатно однесување, попуслива природа и широкоградо срце. Наспроти ова, на островот Добу се води подмолна војна на сите против секого, што личи на онаа природна состојба што ја замислувал Хобс. За добуанците добриот човек е успешен човек кои со подметнување и итрости успева да го заземе туѓото место. За нив доблеста се сосои во изборот на жртвата врз која може да се излие злобата.3F Од изложеното, лесно е да се поверува во така наречената апсолутна превласт на културните форми.
Според ова гледиште моралот не е иманентен на човековата природа туку тој се формира во зависност од улогата на културните институции. Значи не постои еден морал туку постојат онолку морали колку што има културни заедници. Уште еден заклучок би можел да се изведе од темелите на овој антрополошки релативизам. Ако со истоветна биолошка опрема можат да се вообличат во вредносен поглед толку различни општествени институции тогаш тешко е да се определат посебни типски обележувања во човечкото однесување а таму каде што нема законитости тешко е да се зборува за примена на научен метод. Дека човековото однесување е контролирано и насочено, а не слободно и одговорно, не тврдат само приврзаниците на антрополошкиот релативизам туку и психологот Скинер во книгата „Науката и човечкото однесување“4F во која ја оспорува доктрината на личната слобода. Тие радикални ставови ја доведуваат во прашање хуманистичката претстава за човековата слобода и ги релативизираат појмите за доброто и злото третирајќи го човекот како неутрално суштество.

#b
1. Klaide, Klonchon: Initiation a l’Antropologie, Bruxelles, str. 267.
2. Margaret Mid, Sazrevanje na Samoi, Beograd, 1978, str. 12.
3. Rut Benedikt, Obrasci kulture, Beograd, 1976, str. 192.
4. Види кај Skiner, Sience and human Behavior, New Jork, London, 1965, str. 448.

2018-08-21T17:22:02+00:00 август 1st, 2000|Categories: Литература, Критика, Блесок бр. 16|