Поетска тригонометрија на европското-свое и европското-туѓо

/, Критика, Блесок бр. 85/Поетска тригонометрија на европското-свое и европското-туѓо

Поетска тригонометрија на европското-свое и европското-туѓо

(Иван Џепароски: Грабнувањето на Европа, Скопје: Дијалог, 2012)

#1 Во оваа стихозбирка тринаесет поетски триптиси, како триаголни огледала на калеидоскоп, вибрираат низ просторот и времето, создавајќи необични проблесоци на енигмата наречена Европа, прекршена преку призмата на интимниот искуствен свет на нивниот автор. Тие покажуваат дека вон од заглушувачкиот галиматијас на евро-темите, кој секојдневно не притиска од сите страни, чувсвувањето, промислувањето и доживувањето на Еропа и европскиот дух може да има префинет, стилизиран поетски израз и да проникне многу подлабоко во болните и проблематични места од дузина научни студии, политички говори или медиумски дебати. Повеќето од стиховите се зародени при реалните физички патувања на авторот низ европските градови (првенствено во необичниот проект-манифестација наречен „Литературен Експрес Европа 2000“, како и при други конкретни патувања прецизно документирани со неодамнешни датуми), но, исто така, дел од нив се темелат и врз духовните лутања и авантури низ ризницата на европската култура и традиција, сфера во која Иван Џепароски се чувствува навистина дома. Како филозоф и врвно рафиниран и едуциран естетичар, тој суверено колажира филозофски сентенци со филмски сцени, наслови на филозофски списи со наслови од дневните весници, стихови од познати поети со политички фрази, математички операции и научни теореми… Кантовски безинтересно разиграно поетот ги демистифицира култните европски амблеми и ги поставува пред параметрите на духот на денешницата, кој немилосрдно ги сведува на туризам, спектакл, профит… Со голема доза на иронија и резигнација тој се навраќа на вртоглавите бесконечни контрапунктирања од типот Исток-Запад, Европа-Азија, Европа-Балкан, Турција и Европа, Европа и јас, Европа и ти… кои, сепак, се распрснуваат како балон од сапуница пред ултимативната опозиција живот-смрт. Апстракцијата наречена Европа, која претставува комплекс од лични патувачки искуства, енциклопедиски познавања на хуманистичките сфери, проникнатост во филозофската мисла и цивилизациските вредности, кај поетот буди амбивалентни чувства кои ги определува преку фројдовскиот концепт на unhеimlich, нелагодното блиско, а туѓо; заплашувачкото свое, кое го носи како внатрешна содржина, но кое му го врти грбот; познатото и сопствено, во кое тој, сепак, „невдомено домува“. Целата стихозбирка на Џепароски, која не случајно е насловена Грабнувањето на Европа, го има горкиот вкус на стигматизација, со децении карактеристична за македонските интелектуалци, неоспорни европејци според духовниот хабитус, но не и според својот пасош.
Првите два триптиха во збирката го задржуваат континуитетот во поетскиот свет на Џепароски, бидејќи во потходот се надоврзуваат на неговите претходни поетски збирки (Слики од изложбата и Еклоги). Во сега „новите“ слики, поетот се фокусира врз неколку парадигматични сликарски дела: платната на Рембрант Ван Ријн „Грабнувањето на Европа“ и „Чевли“ на Винсент ван Гог, како и фреските на Микеланџело Буанароти од сводовте на Сикстинската капела во Ватикан, а и фреската „Атенската школа“ на Рафаел Санти, насликана во една од просториите на Ватикан. Тие му овозможуваат да ја маркира вертикалата на европскиот дух, да ја долови енергијата на „трансферот на знаење и убавина“ низ времињата и просторите, но и да се замисли пред комерцијализацијата и бесконечната репродукција на уметничките дела, како доминантни културолошки појави во нашата современост. Во еклогите, пак, кои сега стануваат „градски“ и добиваат соодветен поднаслов, поетскиот нерв е возбуден од контроверзите на три урбани средини, три европски метрополи: Рим, Париз и Амстердам, кои провоцираат кон преиспитување на проблемот на глобализацијата и на сопственото (не)автентично вклопување во нивниот урбан пејсаж. Следните пет поетски триаголници („Возот и јас“, „Кант препосетен“, „Возовите на светот“, „Возовите на Западен Балкан“ и „На пат“) се своевидни патописни импресии од исклучителното патување со „поетскиот“ воз „по северните рабови/ на престарената Европа“ и фасцинации од ајнштајновскиот феномен на возовите и пругите, зашто, како што вели поетот: „Безброј тешки прашања ритмички/ се создаваат од звукот што возовите/ низ просторот и времето го сеат“. Низ овие стихови воздржано се провлекуваат авторовите погледи за обединувањето на Европа, за имагологијата на Балканот, за босанските лузни и рани, но сепак меѓу нив доминира силната возбуда од стапнувањето во градот на Имануел Кант, денешен Калининград, предизвикана од дисонанцата меѓу тескобноста на она што тој град претставува денес, наспроти ширината на духот и енергијата што зрачи од делото на филозофот-икона, кој, парадоксално, во својот земен живот никогаш не го напуштил својот Кенингзберг. Со особен луцидно-хуморен набој се карактеризираат стиховите од триптисите „Animalia“ и „Исхрана и закрепнување“, меѓу кои, на пример, песната „Метафизика на кромидот“ предничи според манифестацијата на специфичниот поетски лудизам. Во поетските триаголници „Искон и историја“ и „Градби и градини“ се варира сфаќањето на историјата и меморијата, цикличноста и кружењето на „сеништата“ над Балканот, со асоцијации на актуелните македонски состојби. Тројката песни именувана како „Трауми“ ја донесува веќе апострофираната песна, наречена според изразот на Фројд „Unheimlich“, во која прашањето на европската припадност се пренесува од општествено на лично интимно рамниште. Последниот триаголник во оваа книга се занимава со „Старост(а) и смрт(та)“ и во него, со гротескнен призвук се релативизираат поделбите на мажи и жени, на источно-европејци и западно-европејци, европејци и балканци – пред лицето на смртта сите се еднакви: „Така сите на Балканот,/ и живи и мртви,/ Стануваме европејци“. Сосема на крајот, како последен агол од последниот поетски триаголник, проблеснува лапидарното четиристишие со наслов „Фатална фобија“, во кое е испишано: „Се плашам/ Да не престанам/ Да се плашам/ Од смртта“ – стихови кои дисперзираното разнообразие од поетски интереси и провокации го фокусираат врз интимно-исповеден, егзистенцијално-филозофски фон и го потврдуваат истенчениот лирски сензибилитет на поетот, кој честопати вешто се задскрива зад неговите церебрални акробации.
Факт е дека поезијата што ја донесува новата стихозбирка на Иван Џепароски е првенствено интелектуална, рефлексивна и проблемска. Зад оваа малечка по обем книга може да се претпостават уште десетина полици со книги (и/или барем уште стотици посети на Wikipedia, впрочем, спомената и во една од песните) за да се развијат во длабочина сите можни толкувачки пристапи. Има во неа многу имиња на славни уметници, многу конкретни наслови, цели филозофски парадигми, многу географски локации, разни уметнички дела, многу асоцијации на нашето секојдневие, но има во неа и еден неприкосновено интимен, исповеден авторски печат. Оваа поетска книга е необичен хибрид од елементи на автобиографија, патопис и есеј, кои по својата природа се поблиски до наративниот книжевен модел, така што добиената комбинација восхитува со епската широчина на изразот, многу често обоен со иронично-хуморен и циничен тон. Тоа е поезија сега и овде, но и изместена низ простор-времето… Тоа е поезија многу лична, но и сосема хетеротопична… Тоа е поезија сериозна како смртта и вистината, но и луцидна и спокојна во својата автентична сооченост со нив. Поезија – игра, поезија – судбина… А за читателите – интелектуален стимуланс par excellence!

2018-08-21T17:20:53+00:00 септември 2nd, 2012|Categories: Литература, Критика, Блесок бр. 85|