Поезија – Дамир Шодан

/, Литература, Блесок бр. 133 - 135/Поезија – Дамир Шодан

Поезија – Дамир Шодан

Ајша Кандиша
Дурути 1936
Во возот за Кашкаиш
Искушениeто на свети Антон
Поезијата на мал јазик


Во возот за Кашкаиш

во возот за Кашкаиш
ја виде најубавата девојка.

со маслинеста кожа
и тркалезни гради
(како Орнела Мути)
имаше маица
долче и габана
и држeње на Тереза Авилска
додека го контемплира копјето
кое наскоро ќе ѝ ги пробие градите
итн.

но веројатно ја одби
Витгенштајновата биографија
во твоите раце,
зашто одеднаш стана
и излезе во Есторил,
а ти продолжи за Кашкаиш
со тажно убедување
дека си ја пропуштил
жената на својот живот:
(или на некој друг):

Атлантиѓанка убава како
телото на нејзиното недофатно наречје
сочно и шушкаво
како самбата што ја
слушна она лето на Бохињ
кога имаше осумнаесет години.

и што можеше да сториш, освен да
продолжиш да ја читаш таа проклета книга
со горко спознание
дека границите на твојот јазик
се сепак и граници на твојот свет,
кој е само случајност
нималку различна од оваа
што ни мртов не би ја премолчил.

АвторДамир Шодан
2020-12-23T17:42:49+00:00 декември 22nd, 2020|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 133 - 135|