Пејзажи и мртва природа

/, Критика, Блесок бр. 14/Пејзажи и мртва природа

Пејзажи и мртва природа

Фигури на љубовен дискурс
во бугарската литература од 50-те до 90-те години на овој век

We have lingered in the chambers of the sea
By seagirls wreathed with seaweed red and brown
Till human voices wake us, and we drown.
(T. S. Eliot, The Love Song Of J. Alfred Prufrock)

Во овој текст, сосем бегло, ќе бидат скицирани примените на љубовната топика; примени – кои во последниве десетлетија на бугарската литература од љубовта направиле општо место на спротиставеност во социјалниот притисок, љубов – која може да се сфати како штит, среде и од, а можеби и како пукнатина кон пишувањето надвор, наспроти, или покрај социјалната обврска.
Најнапред ќе стане збор за почетокот на 50-те години кој, по воспоставувањето на социјалистичкиот канон и цензура, го донесува првиот литературен скандал (но не во онаа Бахтинова смисла на зборот), сврзан со неколку циклуси интимни песни на Иван Радоев, објавени во тогашниот службен весник на Сојузот на бугарските писатели, познат под своето мирољубиво и нагалено име Литературен фронт. Во нив нема никакви инскрипции, никакави скриени алегории, никакви алузивни длабочини или езоповски јазик (т.е. сатира, скриена во расказот небаре нешто споредно, случајно и мало). Тогаш зошто тие песни предизвикале скандал?
Скандалот бил предизвикан поради една зачудувачки проста причина – се појавил вљубениот субјект. Субјектот, вљубен не во социјалните утопии, туку, едноставно, во спротивниот пол. Денес тоа може да предизвика недоумица, да звучи неверојатно, но во земјите од бившиот Источен блок историјата на литературата неизоставно ја содржи и таа епизода: се чини, како лириката да се раѓа одново, како со помош на меѓувоените авангарди да стигнува до својот зенит и сега, кога тие го достигнале својот крај, таа ги зграпчува и почнувајќи како на бели петна.
Интимната лирика на 50-те години што толку ја дразни тогашната власт, е неверојатно едноставна, и во поглед на исказот и во поглед на целите. Таа, практично, ја третира битовата проблематика, а опишуваниот свет во неа е ограничен до едно современие исполнето со првична емоционалност, лишено од историја. Всушност, важно е што таа (интимната лирика) деминутивно се спушта од утопија во конкретниот живот на еден субјект, кому најсвојствена му е токму „општочовечката“ проблематика. Значи, лириката треба да лиризира, а не да епизира, да елегизира, а не да одизира – посакуваат поетите од типот на Иван Радоев, а нивниот опит, како отпор од страна на литературата, го покажува првиот конфликт со тоталитарната власт. (Во своето Патување до Истанбул, Бродски мошне подлабоко ќе ја опише таа спротиставеност преку фигурите на Овидиј и Вергилиј, за да ја демонстрира разликата меѓу двата типа поезија, со оглед на нејзината врска со индивидуалниот свет, со светот на интимата, со приватниот човек).
Колку е предметно-битова таа фигуративност може да се види и од примерот на следнава песна:

Драматургија

Први љубови!
Момински куќи со обли балкончиња,
штрчат под тенкиот воздух!
Измислени ортомени скалички
по кои се качуваа нашите погледи
со плевенската стапка на Ромео!

Балконите се веќе микрореони.
Јажето – затегнато за вратовите железни
на Капулети и Монтеки.

И во продолжение на четири века
по она рано Џулиетино утро
ние висиме
над амбисот на семејната среќа
како пижами.

Денес се чини смешно што во потрага по водечките писатели на епохата, вакви или слични стихови можеле да се сметаат за репрезентативни, но – така е, а што се однесува до моминските куќички со балкончиња, тие потсетуваат на слики од мугрите на писменоста, наивна, топла и изградена како сред голо поле која преку улогата на љубовта како основен антагонист, го претставува оној познат литературен скандал.

60-те, пак години, минуваат во знакот на Боемијата. Во самата литература, во нејзините текстови, спротиставувајќи им се на (тогашните) општествените норми, се населуваат журките, пијанките по становите и слободната љубов и тоа еднопланово восприемани – никогаш како општествен договор, напротив – како прикриен терор. Текстов што ќе го наведеме во продолжение е една поема на Атанас Славов во која тој славејќи го малото општество изградено од пријатели, новиот став кон пишувањето го претставил како отпор, како верба во ослободување.
Во едно апсолутно интимно пространство, најчесто зад ѕидовите на викендичката сместена некаде надвор од градот, човекот е слободен, веруваат 60-те.
И во споменатата Порнографска поема на Атанас Славов кој во 1975-та година емигрира во САД, е воспеана оргијастичната моќ на еден мангуп/безделник – оној, творецот на боемијата. Боемот – писател, сликар, актер – со пасивно учество им се спротивставува на општествените пранги и на социјалните фантазми на модерноста. Лакоми по телесни можности, јунаците на боемштината ги исцрпуваат до крај своите физички дарби во името на една, за нив, конститутивна спротивност – мрзеливоста. Тоа не е ништо друго ами денгубење, арчење во име на општественото здравје.
Токму поради тоа, во овие стихови љубовниот акт е опишан како висење над ништо.

16.

А викендичката одново ќе се разбуди
небаре големиот часовник од Баварија
над карпата на светот
и од зелените капаци ќе излезат
со крици на сојки, млади луѓе
вљубени и пијаници и секакви
и скулптори и курви и какви ли не
И малиот ат на Фелини Волујак
ќе се чуди
како од големата цигарена кутија
на терасата
излегува беззаба домаќинка.
Ќе се сврти за поткрепа кон градината,
но секој јоргован ќе првне со грст
новородени кученца
и голиот професор ќе го подгони
најголемото
среде калинки и кипариси.
Тогаш тој ќе си замине кај Фелини
да го плаши
со манир и излитени фармерки
Ние остануваме
во црни костуми
зариени во огромни купишта сено
среде новозагорските еврејски гробишта
на штрафти и нереални
пијани и бескарајни неоти тракиски
погреб
а викендичката ќе пропаѓа
како песочен часовник
над германските каменливи наноси
над коските на германските крстоносци
над коските на германските мандадџии
над коските на кучки и професори.

Или, како што самиот Славов си го опишува своето произведение: „во уметноста, реалноста е унижена без посредство на естетиката“ и додава: „Николај Рајнов тоа, имено, го нарекуваше порнографија: будење на емоции коишто не се вечни и универзални, ами преодни и ограничени; и за него немаше никакво значење дали тие емоции се политички, социјални или просто, сексуални. Токму тоа и беше патосот на таа поема: да се однесува само за еден тесен круг пријатели кои и без тоа, уште пред нивните најзрели години, биле осудени на творечки заборав“.
Затоа, во дескрипциите на 60-те, изгледа како да „зеат“ откриени глетки на патувања меѓу градовите. Кон крајот на овие години, бугарската литература ја преживува својата варијанта на Нa пат.

Научена (низ развојот на 50-те години) да ја воспева природната љубов, поточно – љубовта како природа, и на тој начин да им се спротивставува на социјалната замисла и на социјалниот притисок, прифаќајќи го, при тоа (од традицијата на 60-те години) и контрастното разграничување меѓу индивидуалниот – „вистинскиот“ живот и оној јавниот – животот „во лага“, бугарската литература од 70-те започнува да слави еден особен неоромантизам во кој откажувањето од животот станува основна тема, а меланхонијата – основно чувство.
Типично стихотворение за овој период би било она на Борис Христов, Прозорец (Вечерен тромбон, 1997). Станува збор за едно момче кое сака да ги види голите женски тела што се капат, но прозорецот се наоѓа толку високо што тој никогаш не успева да го досегне. Никогаш.
А еве го, впрочем, и целиот текст:

Прозорец

Се поткревам да го досегнам
подотворениот прозорец.
Зад него се жените – заоблени од пареа,
прекрасни.
Колку сакам да ги видам! Да можев сега да
минам по стрмниот ѕид
или да ми беа пријателите тука, да ме
поткренат.

А како само се гонат – гонидбата потсетува
на враќање на стадо, што на залез јурнува…
И низ каква ли инка господ гради им налева,
штом нивното лулеење дур на улица се
слуша.

Ползи црвена мравка и некаде кон ручек
ќе ја стигне глетката и ќе умре над
прозорецот со поматен восхит.
Се поткревам одново и гребам по ѕидот
а телото чиниш вар гаси – така гори
однатре.

Секогаш во животот сум стигнувал до
прозорецот. И толку.
Најсетне само јазик ќе исплазам, едвај
здив да додржам.
И нема кој рака да подаде, и нема кој вода
да потера
кон сушата, кај мојата надеж се гуши ко
риба.

Но, напразно се мачам! Кој би ти помогнал
да видиш сè – овде, на небо, или в
бескрајот на уметноста.
И зошто се прашаме често кој е поет меѓу
нас?
И зошто стоиме еден пред друг, исправени
на прсти?

АвторЈордан Ефтимов
2018-08-21T17:22:04+00:00 април 1st, 2000|Categories: Литература, Критика, Блесок бр. 14|