ОДБРОЈУВАЊЕТО НА ВРЕМЕТО КАКО РАСКАЖУВАЧКА ПОСТАПКА

/, Критика, Блесок бр. 106/ОДБРОЈУВАЊЕТО НА ВРЕМЕТО КАКО РАСКАЖУВАЧКА ПОСТАПКА

ОДБРОЈУВАЊЕТО НА ВРЕМЕТО КАКО РАСКАЖУВАЧКА ПОСТАПКА

ОДБРОЈУВАЊЕТО НА ВРЕМЕТО КАКО РАСКАЖУВАЧКА ПОСТАПКА


Кон книгата „3ʼ53ˮ (Интимна историја на музиката од 1984 до 2004 година)“ (Готен, 2015) од Берт Стајн

Дарин Ангеловски

ОДБРОЈУВАЊЕТО НА ВРЕМЕТО КАКО РАСКАЖУВАЧКА ПОСТАПКА

(Кон книгата „3ʼ53ˮ (Интимна историја на музиката од 1984 до 2004 година)“ (Готен, 2015) од Берт Стајн

Упатените веќе знаат дека необичниот наслов 3ʼ53ˮ под кој се обединети дваесет и една приказни, колку што содржи делото, според статистичките податоци на пребарувачот Гугл, претставува, всушност, просечно времетраење на една модерна песна. Според авторот, пак, 3 минути и 53 секунди е она просечно време, коешто му е потребно на читателот да прочита една од неговите приказни. Имајќи ги предвид овие основни податоци, она што привлекува внимание при читањето на автобиографската проза од Берт Стајн е неговата намера да ја скротува личната приказна во специфична временска капсула, што како постапка неодоливо напомнува на раскажувачката стратегија на одбројувањето на времето со која се служи Георги Господинов при структурирањето на неговиот расказ 8 минути и 19 секунди.1F Станува збор за своевидна приказна на апсурдот, која се одигрува во текот на последното зајдисонце на светот, за време на осумте минути, колку што ѝ се потребни на светлината од сонцето да стигне до земјата и колку што, всушност, авторот на расказот му отстапува време на читателот да ја прочита приказната.

Доколку прифатиме дека ова поигрување со формалната страна на раскажувањето кај Господинов е во функција на актуeлизирање на темата за соочувањето со „крајот на краиштата“, односно, со нашето замислено сфаќање за крајот на светот или со карактерот на неговата содржина, тоа, од своја страна, го овозможува повлекувањето на бројни интертекстуални референци кон некои мотиви и теми од други негови претходно објавени дела, дела создавани во сосема поинакви поетики (на пр. драмата Апокалипсата доаѓа во 6 вечерта (2009)). Од друга страна, имајќи ја предвид играта со авторството што ја презема Берт Стајн во случајот со 3ʼ53ˮ, ваквото сосредоточување кон творечкото минато на авторот, иако не е сосема невозможно, е прилично ограничено и стегнато, та она што преостанува да се каже произлегува не само од обликувањето на приказните според времетраењето на музичките хитови, туку и од фината симболичка спрега што се создава при меѓусебниот допир помеѓу ритамот на музиката и зборот.

Сето тоа дозволува овој автобиографски испис, кој според својата жанровска одредница осцилира помеѓу роман, новела, расказ, да се разгледува во контекстот на двата слоја од коишто е составен. Едниот, имплицитно содржан во именувањата на посебните приказни според внимателно избрани „парчиња“ хитовска и андерграунд музика и другиот слој што експлицитно го развива гласот на раскажувачот. Специфичната аудио техника на рецепција во која се соочени раскажувачка постапка со популарната странска / домашна музика и графичките илустрации неизмерно помага во оживувањето на спомените од минатото на една цела генерација, сега веќе зрели луѓе. Таквата спрега добива карактер на сублиминална порака, која навестува бурна интермедијална авантура во чијшто епицентар е поставена темата за момчештвото и потрагата по себеси преку растењето и созревањето.

Имено, оваа „интимна историја на музиката од 1984 до 2004 година“, како што гласи поднасловот на 3ʼ53ˮ, на макроструктурно рамниште поаѓа од најраните спомени на раскажувачот коишто се врзани за личните доживувања од детството (стравот од чудовишната трансформација на Мајкл Џексон во видеото за неговиот планетарен хит Трилер наспроти ужаснувачката претстава за мајката наметнатата од најблиските и сакани луѓе) и едновремено се однесува и на настаните од поширок интерес што се одигруваат пред детските очи во предвоено Сараево во текот на осумдесеттите години (Зимските олимписки игри во Сараево од 1984 год., фотографијата со прегратката со Вучко или на пр. победата на Југославија на изборот за песна на Евровизија во 1989 год.).

Во почетокот на деведесеттите години со распадот на Југославија, преселувајќи се од Сараево во Скопје, автобиографската исповед продолжува да се развива според еуфоричното чувствување својствено на младиот човек и неговата жед за осознавање на светот. Книжевното обликување во овој дел ја поприма магијата на фланерот и го исцртува градот според културата на урбаниот простор и на настаните што се случуваат во него. Тоа се креативните енергии што го тресеа Скопје кон средината на деведесеттите, свирките во „езотеричниот Куршумли ан со веќе митските концерти на Архангел, Кисмет, Кирил или Њу Ејџ фестивалите“, пробите по гаражите и клупчињата, но и новите музики што доаѓаа во култната продавница Баги Шоп. Сториите што се намотуваат околу култните и веќе подзаборавени сврталишта (Багдад кафе, Џаџо, Дваескец во чаршија, Зизи, Њу Ејџ, Аеро, Мјузик Гарден, Зот, итн.), или веќе сосема заборавените книжарници на Култура преку мост и на Табернакул во МНТ ја збогатуваат личната интимна архива во која се присутни одгласите од родното Сараево.

Делот од крајот на деведесеттите што е обележан со периодот на осаменоста во Болоња, преку патувањата во Будимпешта, Лондон, Белград, освен со музика, изобилува со најразновидни сетилни стимули, интензивни како ефектот од канабис или како возбудата од возењето точак на звукот на Блок рокин` битс на Кемикал Брадерс. Оваа целина хронолошки се заокружува во првите четири години од новиот милениум, кои соодветствуваат на стабилизирањето на поривот за себепронаоѓање преку емотивната упатеност кон другиот и јавувањето на првото чувство на задоволство од самиот себе според креативната сатисфакција што ја искусува писателскиот нерв.

Според начинот на изведба, 3ʼ53ˮ е хибридно книжевно ткиво, кое со нагласената монологизација и отсуството на дијалошки ситуации се доближува до мемоарската проза, која го истражува внатрешниот свет на раскажувачот и авторското животно искуство. Ваквото линеарно претставување на „текот на свеста“ соодветствува со намерата на 3ʼ53ˮ Интимна историја на музиката од 1984 до 2004 година да понуди една поширока општествено – културолошка анализа на локално, глобално и на индивидуално ниво во кои се пресекуваат светските збиднувања со личните приказни. Дека авторот успеал во оваа своја намера говори и влезот на 3ʼ53ˮ во најтесниот избор на дела што се борат да го понесат насловот на македонската книжевна награда „Роман на годината“ за 2015 година.

 


1. Господинов. Георги (2013) И всичко стана луна. Пловдив. Жанет 45, стр. 5-13.

АвторДарин Ангеловски
2018-12-19T12:11:38+00:00 март 30th, 2016|Categories: Литература, Критика, Блесок бр. 106|