Облаци

„Е-ее-ејјј, облаци!“, и денес го гледам и слушам како, речиси засркнат од воодушевувањето, повеќе за себе изустува Пепи, загледан во синиот летен свод по кој пловеа јадрите, бели облаци на нашето детство… Сè уште сум уверен дека такви облаци веќе нема и дека никогаш повеќе нема да ги има, зашто и со облаците, е како и со останатиот дел од детскиот свет. Во него, имено, боите, формите, градбите, просторот, димензиите од детството никогаш не се повторуваат, дури и без оглед на тоа дали сите тие, со текот на времето, останале непроменети; кога одново се враќаме во еднаш напуштениот простор на детството, сè нешто е различно, поинакво, посиромашно, побледо, помало… од онаа слика останата од детските доживувања и понесена во сеќавањата, со која така неутешно се споредува стварноста. Старата магија на нештата што нив ги втиснува во паметењето, бесповратно е исчезната, дури и од најнепроменливите предмети и простори.
А, ете, со облаците сè е, сепак, поинаку: за разлика од застојаните предмети на минатото, тие не мируваат, неуморно се менуваат, без престан заземаат најнеобични позиции и најнестварни форми, веќе според вдахновеното наоѓање, или според налудничавите хирови на ветровите. Кога облаците се раздвижуваат и ги менуваат облиците по небото, тоа тие водат високопарни разговори со ружите на ветровите: некогаш брзо и високогласно, најчесто свечено и споро. А, понекогаш, во раздвижената полифонија на севозможните ветрови, низ отворениот простор се мешаат облачните тенори на високолетачите со басовите на тешките нимбуси, во величественото разногласие на небесните разговори. Таа богата игра со раздвижените положби и форми на белите, ту развлечени, истенчени, ту распенети, релјефни творби, на пати личи на тивка, ветровита или пак на бурна небесна бајка што тече независно од нас и што можеме да ја проследуваме само ако се загледаме во таа чудесна и неповторлива флуидна игра низ сводовите, препуштајќи ѝ се слободно на облачната фантазија… Но, токму тие приказни, тие возбудливи бајки денес ги нема.
Едноставно, исчезнаа, се изгубија, ги извејаа ветровите некаде далеку, во лазурниот непреглед на детското небо.
„Е-ее-јјј, о-о-облаци!“, извикуваше за себе Пепи, гледајќи ја таа игра на облаците, сеедно засркнувајќи се од воодушевувањето, што најчесто беше повод за неговиот тивок пелтечав говор. Ние четиримината лежевме на плеќи на полјаната во „третиот дел“ на градскиот парк, вдишувајќи ги свежите, чудесно измешани мириси на камилицата, тревите, билките и папратот, држејќи тревки во устите, стивнати и загледани високо над нас…
А, таму, расфрлани и развлечени по синилото како откинати парчиња памук, полни со сиви и меки релјефни сенки од попладневното доцнопролетно сонце, по сводот се движеа пастелите на облаците: некогаш големи, замрачени, крупни и обли, небесни кумулуси, понекогаш тенки, развлечени, прозрачни. Нив можевме да ги гледаме долго, речиси со часови, додека пролетното сонце пријатно нè допираше фаќајќи нè, онака уморни од игрите, во пајажините на една слатка дремлива неподвижност, од која сè нешто ќе нè тргнеше: или некој од нашите воодушевени гласови или црцорот на птиците што ги надополнуваше ливадските звуци на прекрасниот ден.
А, облаците, како бели, леки, нестварни кораби на мечтите распловени по небесната шир, продолжуваа да си ја менуваат формата. Напати, гледајќи ги тие метаморфози, додека на лицата ги чувствувавме првите прозрачни, тенки велови на дремката, облаците, онака недофатливи, богати со значења, таинствени, но и распослани, свежи, пријатни, чисти, ни се присторуваа како небесна постелнина што мами да се завалиш на неа, да се истегнеш и да лебдиш, да пловиш по бескрајното синило онаму кадешто високите, леки ветрови ќе те носат низ бескрајно отворениот простор. А, таму, долу, под тебе, останува сè, и училиштето, учителите, и директорите, и комшиите, и родителите, и здодевните патемни посети кај пријателите, и долго подготвуваните визити кај старите роднини, и сè полетаргичниот, летно задреман град…
Облаците, често слушавме, се згуснати водни пареи. Вака, со своите севозможни форми, нам нѝ личеа на сè друго, само не на некакви пареи, создадени и насобрани, веројатно, од сите тенџериња на Градот во кои се крчкаа најразлични летни манџи, кренати и нафатени таму, горе, под сводовите. За нас облаците беа нешто многу повеќе: небесни слики од фантазијата, пена од детските восхити со најразновидни облици, испарувања од нашите најчудни мечти запловени по небото…

„Е-ее-еј, гледате ли еден а-а-а-рхеоптерикс?…“, го извикуваше Пепи името на прастарата птица со најтешко име на светот позната од збирките сликички на чоколатчињата „Животинско царство“.
„Каде? – прашував тивко – Јас гледам два бели коњи во трк…“
„Мене ми изгледаат како целувките што ги прави баба ми“, велеше Мишко. „Никогаш не ѝ се погодуваат две исти“.
„Мммм – се сладеше Чапе – а замислете облаците да се пена од шненокли!…“
„Би каснал само малце! – ќе речеше Мишко – Да се шампити, би ги изел сите!“
„Е-ее-ене ти! – се смееше Пепи – С-аа-амо ти лапај!“
Така се смеевме, сè додека не ќе нè обземеше промената на облаците во нови форми и не ќе нè совладаше молкот на воодушевувањето. Во таков еден миг ја доживеав мојата најубава облачна фантазија, една приказна што започна сосем обично, тука, на крајот од паркот, на една оближна полјанката, токму во таков еден момент на границата на облачната глетка и дремежот што, онака замолчени, неосетно нè фаќаше. Мишко веќе дишеше длабоко и тој тивок, но едноличен шум уште повеќе нè омамуваше. Само што и јас потонав во пријатниот сон заситен од благата сончевина и од мирисот на свежите билки што се разлеваше низ полјаната, почувствував најнапред лесна трепетлива сенка пред затворените очни капаци, а потоа и сличен, прпелкав допир по лицето. Ги отворив очите и видов една прекрасна, пеперутка со раскошно исшарани главно жолтеникави крилја, една крупна, распрпелкана „Ластовичина опашка“ како, онака разлетана, конечно наоѓа починка на моето рамо. Само за миг, зашто, онака чудесно привлечна, со необични шарки на склопените и наполно смирени крилца посакав да ја допрам, и внимателно ги подадов двата прсти кон неа, нежно допирајќи ѝ ја свилената прашинка што ме натера брзо да ги тргнам прстите, додека пеперутката чудно се распрпелка, за кратко време безглаво летајќи пред мене, сè додека крилцата што на две места јас ѝ ги соголев, повторно не ги посипа со нов прашец и конечно, повратувајќи ја рамнотежата и ведрината на летот, не почна да заминува. Очигледно не ѝ се допадна мојот допир. Макар и онака краткотраен и нежен беше опасен и пореметувачки за нејзиниот лет.
Тајната на летот на пеперутките, се уверив тогаш, се наоѓа во свилениот, речиси волшебен прашец што на нивните крила складно го нафрлаат ветровите, а кој сега, ситен, мазен, речиси влажен, го чувствував меѓу прстите, смеејќи се во себе на помислата дека сега, кога го имам на рацете, можеби ќе можам да полетам, како пеперутка, и јас.
Потстанав и ја погледнав пеперутката. Таа на кратко подзастануваше на цветовите, летајќи напред, сè подалеку од мене. Наеднаш посакав да не ја изгубам, најмногу заради радоста на нејзиниот лет и насетувањето на една нова ведра игра со неа, заради желбата уште еднаш да ѝ ги допрам нежните жолти крилца покриени со необични црни шарки, но и заради чувствувањето на една чудна посебност на тоа малечко, живо летало. Така, појдов по неа оставајќи ги другарите зад себе. Набрзо навлеговме во оближната шумичка, додека пеперутката подзастануваше на стеблата, по папратите и билките, намамувајќи ме кон себе, и само што ќе ѝ се доближев сакајќи повторно да ја фатам за раскошно испошараните крилца, ненадејно ќе ми избегаше повторно напред, терајќи ме во смеа од ведрата игра што тоа чудно, малечко суштество така спретно ми ја приредуваше.
И како што ловот на пеперутката продолжуваше, мене ме обземаше едно безгрижно расположение, некаква неопислива ведрина слична на онаа што ја предизвикуваше нејзиниот прпелкав лет, бездруго од радоста на играта и пријатноста на безопасната брканица. Набрзо повторно излеговме од честарот и додека пеперутката леташе напред, застанав на работ од шумичката затечен од чудесноста на една глетка што сосем ненадејно се покажа пред мене.
Спуштен речиси до самото тло, на полјанката беше распослан еден голем, густ бел кумулус. Облакот лебдеше над билките, така што ги допираше врвовите од нежните топченца на глуварчињата – што, расфрлани во густи купчиња, ја исполнуваа ливадата – едноставно стопувајќи се со него. Од тогаш знам дека глуварчињата се всушност малечки парченца облаци, паднати на врвовите на билки; затоа така лесно и можеш да ги оддуваш, како никогаш да не биле тука…
Пред мене, значи, стоеше тој чудесно спуштен кумулус, во кој, за да е изненадувањето поголемо, влета и се изгуби и мојата пеперутка. Така, одејќи по неа, во облакот зачекорив и јас. И само што помислив дека, внатре ќе се најдам обвиен во непрегледна сива магла, упаднав во еден неправилен отворен простор обвиен од сите страни во меко бујно белило, газејќи по неговата внатрешност што личеше на широк, пенлив, снежно-бел ходник низ кој лесно се движев и имав чувство дека останувам в место, иако, бездруго, одминував, се качував, слегував. Одејќи така низ чудесната внатрешност на кумулусот, наеднаш ја видов пеперутката што и самата прпелкаше низ неговите ходници што се раздвојуваа, се заплеткуваа со облачни пасажи и скалила, кои чудно го искршуваа просторот што беше налик на игриво променлив лавиринт, исполнет со белата мекост. Пеперутката, со своите жолтеникави крилца, во памучната белина на отворениот простор на облачниот лавиринт најнапред убаво се распознаваше, а потоа, започнав да ја забележувам сè потешко, особено кога ќе застанеше на некоја од многубројните, речиси орнаментални облачни пени, онака како што облакот полека започна да ја менува бојата во една мека и топла жолтеникава нијанса. Потоа, мојот чудесен кумулус одново ја смени бојата, најнапред во портокалова, и најнакрај во една неописливо зажарена румена.
Беше тоа прекрасна глетка. До пространата внатрешност на облакот низ надворешните ѕидови се процедуваше пурпурот на чудесната, нестварна залезна сончевина. Продолжив, како по неправилни скалила од пена, да се движам низ пламнатиот облак, сè повеќе претворен во румен пастел од вжештени нијанси, чувствувајќи се сè полесен, како и самиот да станав облачен дел. А, тогаш, надворешниот ветер пред мене полека раствори еден отвор низ кој, како во чудо, некаде долу, ги видов реката, паркот и Градот, во една прекрасна и неповторлива глетка што се распукнуваше низ чудно отворениот простор, додека далеку пред мене полека тонеше доцнопролетното западно сонце, разруменувајќи го насекаде просторот: и на планините, и на полјаните и на бујните крошни на дрвјата од паркот, и на реката, и на небото, и на мојот и на сите други облаци меѓу кои и самиот пловев високо, високо над скопското небо.
А, некаде директно пред мене, од кај што допираше неговиот глас, јавнат на својот облакот-археоптерикс, восхитен ме поздравуваше, мојот другар Пепи. „Е-ее-еј, о-оо-облаци!“, постојано извикуваше смеејќи се, сакајќи да искаже многу неизречливи нешта со тој извик, што јас совршено ги разбирав и исто така му мавтав, му одвикував и му се насмевнував, додека тој ми покажуваше на другите облаци. А, таму, на моите два облачни коњи, јаваа Мишко и Чапе, и тркајќи се со ветровите, извикуваа и гласно се смееја, додека квечерниот вардарец им ја мрсеше косата и им влегуваше во ширум отворените усти, ведро испресечкувајќи им ги и менувајќи им ги веќе неразбирливите извици. А, наоколу, како небесни глуварчиња, беа расфрлани некои необично обли, тркалезни облачиња што ветровите ги туркаа, ги поткреваа и ги спуштаа низ широко отворениот простор над Градот. А, на секој од тие облаци чудно раздвижени на небото над Градот, леташе по едно дете: моите другари од забавиштето, децата од зградата, маалските уличарчиња и познатите градски скитници, моите соученици, но и многу непознати, разведрени, разџагорени, насмеани деца. И таа игра по раноквечерно небо во која заедно со мене учествуваа и моите најдобри другари, уште долго време се огледуваше по водите на Вардар, плашејќи ги со детската палавост и среќните викотници ластовиците, дивите гулаби и страчките, а со чудните движења, промени на формите, боите и необичните рефлексии, и вардарските кркушки што, саштисани од тоа налудничаво движење и промени на светлината, се распрснуваа во водата, и самите започнувајќи една необична, плашлива игра.
А, за тоа време ние не престанувавме да се занесуваме со играта… Силно и слободно викајќи, воодушевени од таа чудесна прошетка по вечерното небо над Градот, додека ветровите далеку ги разнесуваа нашите гласови.
Деца разлетани по облаците над Градот…
Секогаш кога одново ќе се присетам на таа моја облачна фантазија и кога ќе го кренам погледот угоре, обидувајќи се да ја преоткријам во денешните кумулуси, без оглед што тоа не веќе никако ми поаѓа од рака, одново ми станува јасно дека облаците не се никаква вода присобрана од испарувањата, високо на сините сводови. Облаците, тоа веќе сосем добро го знам, се создадени од бели, бујни, чисти и само детски сни.
Можеби затоа денешните облаци не се како оние, од моето детство; можеби затоа не умеам веќе на нив да видам ведри, разлетани, насмеани детски лица. Што никако не значи дека дури и сега, макар на еден од облаците што ни се наоѓаат над главите, не играат некои сосем други деца, залутани во нив при ловот по некоја сопствена, прпелкаво разлетана пеперутка.

АвторТомислав Османли
2018-08-21T17:22:16+00:00 април 1st, 1998|Categories: Блесок бр. 02, Литература, Проза|