Неостварливоста на љубовта

/, Критика, Блесок бр. 25/Неостварливоста на љубовта

Неостварливоста на љубовта

Не е случајно што тој друг простор се насетува токму во моментите на еротски копнеж и занес или во моментите на загрозеност, а не ретко чувството на загрозеност и еротскиот занес се јавуваат заедно. Дури е можна и една констатација дека, и двата романа напредуваат така што љубовта спрема татковината се заменува со љубовта кон саканата, односно почетно поставената нерамнотежа предизвикана со прогонот преоѓа во љубовна нерамнотежа. Семејниот триаголник во Селидби (во кој се вклучени ликовите Вук, Дафина и Ангеле) се заменува со љубовен триаголник, а патриотскиото чувство на Доне се заменува со љубовно чувство спрема Ангелина. Посредник во тој пресврт е граничната состојба меѓу сонот и јавето.
Особено сакаме да го истакнеме фактот дека централно место во симболичкиот систем на романот Селидби е бескрајниот син круг со ѕвезда, а кај Ташко Георгиевски – аловото веленце. Во таа смисла, местата на кои тие се појавуваат ќе има особена функција во градењето на романите, а најчесто се јавуваат во контекст на еротскиот занес или при чувството на загрозеност, изгубеност, предизвикано од губењето на родниот крај, што оди во прилог на тезата дека и двете теми: прогонот и љубовта се комплементарни, а мотивот страст (било да станува збор за патриотска или еротска) се чувствува како можност за повторна интеграција. Во Селидби, најизразит пример за ваквата постапка наоѓаме во моментите кога г-ѓа Дафина го извршува неверството, а потоа и тогаш кога умира. Обземен од нејзината убавина, девер ѝ Ангел во нејзините очи го чувствува оној друг свет, а кога умира, во состојба на целосна душевна растрепереност, тој над неа здогледува сини кругови со ѕвезда, истите оние што во миговите на решавачките воени походи Вук Исаковиќ ги здогледува над заматеното небо. Можеби паралелизмот меѓу еротското и патриотското чувство не би бил толку воочлив ако не постоеше уште еден детаљ – тие исти кругови со ѕвезда му се присторуваат на Вук и во моментите на неверство на неговата жена. На тој начин сликата на кругот со ѕвезда по пат на метонимија (допир) го достигнува нивото на симбол кој ја навестува неостварливоста на љубовта во услови на прогон.
Слична постапка, но уште поексплицитна, во која се инсистира на паралелизмот меѓу еротското и патриотското чувство сретнуваме и во Црно семе на Георгиевски. Фасцинира едноставноста на мотивираноста на ликот Доне Совичанов, осуденик на „островот на смртта“, да го издржи теророт што над него се прави. Во моментите на физичка загрозеност, во состојба во која реалноста и привидот не се сосема разграничени, тој во мислите го повикува ликот на својата жена Ангелина како противтежа на ужасот што му се случува. Така таа станува потпора на неговата упорност да не го потпише документот со кој се откажува од комунистичката партија на која никогаш не и припаѓал. Сонот за саканата станува основна потпрна точка во неговиот одбрамбен механизам да преживее, а при тоа да остане верен на патриотското чувство, кое кај него вродено постои. Во натамошниот развој на настаните, во останатите романи е индикативен фактот што идеалот на жената се заменува со реликвија, аловото веленце, кое исто како и кругот со ѕвезда, ја врши функцијата на пренесување во рамките на идеализираниот простор. Навестен уште со мотивот на отфрлениот венчален прстен, замената на еротското чувство со една алтруистичка љубов ќе се развие во настаните што следуваат, токму преку мотивот на аловото веленце. И како што тоа „летнува“ во воздухот и со тоа се претвора во еден идеален знак (што подразбира негова не-егзистенција во реалноста), така се кристализира и сознанието за невозможноста на остварување на љубовта.
Преку симболичноста на текстот, на крајот се доаѓа до резултат: како што на општ план се доаѓа до ставот дека човекот без татковина, прогонет од родното тло, е човек без корен, така и на поединечен план се доаѓа до сознанието дека њубовта кон саканата е неостварлива.
И во романот на Георгиевски и на Црњански се открива еден необичен феномен: перцепирањето на природата, онаа туѓата, го открива човекот, што не е редок случај во литературата, но и доживувањето на сликата, што е поретко, ја открива поврзаноста на ликот со родниот крај и земјата; во ликот на саканата се наѕира целокупната општествено-политичка заплетканост на состобите во кои ликовите живеат и дејствуваат. Таа паралела е неодредена, само се насетува, но неодреденоста што ја нуди писателот не е случајна. Таа не настанува поради неусогласеноста на двете средишни теми, кои на прв план може да изгледаат неспоиви. Таа непрецизност, замагленост ја оддава двосмисленоста на самата љубов/страст, која по дефиниција, е противопштествена, но едновремено е и врзана со општествената средина со трајни врски, вон кои и не би постоела. Во таа смисла, невозможноста да се доживее родниот крај како остварен сон произведува и слика на неможност на остварување на еротската љубов. Трагичноста е во исходот и на двете.
И во Селидби и во романите на Георгиевски се сретнуваме со мотивот на неостварена љубов, односно мотивот – трагична љубов. Семејниот триаголник се разрешува со смртта на Дафина, а љубовта на Доне спрема Ангелина – со исчезнување. Како што во романите се укажува на неповратната загубеност на родниот крај, така се чувствува и невозможноста на среќно остварена љубов. Недостатокот кој го предизвикува чувството на несигурност, бара компензација преку освојување на еден нов простор, ново место на живеење. Тој простор не може да се изнајде во реалноста, па оттаму се заменува со просторот на љубовта. А и кога таму не можат да се најдат очекуваната сигурност и стабилност, се бара нов простор – алтруизмот кај Доне, или, пак, се отстапува преку чивството на онтолошка фрленост во светот, што е и основна разлика во наведените романи. Додека кај Георгиевски, и покрај мрачните чувства и трагичните настани, токму преку изнајдениот простор на љубовта – сега алтруистичка се наоѓа и можноста за егзистенцијално преживување изразено преку ликот на Доне, при што опстојува една виталистичка линија, дотогаш во Селидби доминира застрашувачката слика на оностраната ништожност.
Или: Филозофското средиште на романите е доживувањето или барањето на љубовта, како што вели Фром, како одговор на проблемите на човековата егзистенција. Исфрлени од природната средина, ликовите во романите се наоѓаат во една неодредена, несигурна и отворена ситуација. Да се биде одвоен (прогонет) значи да се биде немоќен. Немоќта ја подразбира и способноста за давање и примање љубов. Апсолутниот неуспех во надвладувањето на одвоеноста (немоќта) доведува до лудило или смрт, за што на специфичен начин сведочат и посочените романи.

АвторЛорета Георгиевска Јаковлева
2018-08-21T17:21:51+00:00 март 1st, 2002|Categories: Литература, Критика, Блесок бр. 25|