НАДМИНУВАЊЕ НА ЖЕНСКИОТ МОЛК

/, Критика, Блесок бр. 101-102/НАДМИНУВАЊЕ НА ЖЕНСКИОТ МОЛК

НАДМИНУВАЊЕ НА ЖЕНСКИОТ МОЛК

НАДМИНУВАЊЕ НА ЖЕНСКИОТ МОЛК

(Кон книгата „Од собата до Холивуд (Сликата на жената уметник во биографскиот филм)“ (Зојдер, 2014) од Весна Дамчевска
Исто како што патувањето од илјада милји започнува со еден чекор, така и секоја приказна започнува со само една реченица. Свесна за правилото дека секоја добра книга започнува со одлична прва реченица, Весна Дамчевска ја започнува својата книга „Од собата до Холивуд“ со едно провокативно прашање, кое многумина го сметаат за нерешливо: Што сакаат современите жени?
Тоа ме асоцираше на една легенда за кралот Артур кој бил фатен како лови во соседното кралство, па за да не биде убиен, морал да одговори на најтешкото прашање за тоа што всушност сакаат жените? Тој се обидел да добие одговор од принцезите, кралицата, простутките, калуѓерките, мудреците, дури и од дворскиот шут, но залудно. Последна надеж му била старата вештерка, која во замена за одговорот побарала да се омажи за најблагородниот витез од Округлата маса – сер Гевејн. Вештерката била грбава, грда, со еден заб, со непријатна смрдеа која излегувала од нејзиното тело и испуштала необични крици, но Гевејн решил да се жртвува за својот пријател и за кралството. На венчавката старата вештерка рекла: “Секоја жена сака да биде сопственичка на својот живот!”, а сите веднаш сфатиле дека е во право. Артур бил спасен. Но, дошла и првата брачна ноќ кога Гевејн ја чекал својата невеста во креветот и за чудо, дочекал прекрасна млада жена. Таа му рекла дека половина од времето ќе биде вештерка, а половина убавица, а тој треба да избере кој изглед го сака дење, а кој ноќе. Тежок избор, ќе признаете. Дали преку денот да има прекрасна девојка со која ќе се гордее пред другите, а во интимноста на креветот да има грозна баба, или обратно? Што би избрале вие?
Гевејн мудро ѝ дозволил самата да одлучи! Таа постапка ја носи нашата приказна до очекуваниот хепиенд. Тој ѝ дозволил да биде сопственичка на сопствениот живот, па како награда таа одлучила засекогаш да биде млада и убава. Ако сѐ уште се прашувате која е поентата на приказнава, еден шеговит машки коментар вели: Не е важно дали жената е убава или грда, таа е секогаш вештерка.
Шегата настрана, неколку века по Артур, оваа книга треба да ни го понуди одговорот на Дамчевска. Во потрагата таа поаѓа од не(видливоста) на жените во уметничката продукција преку кус преглед на феминистичките теории, посебно на денешната перспектива и сѐ поактуелните прашања: Дали феминизмот ја заврши својата борба? Дали е време за еманципација на мажите? Зошто помеѓу двесте најголеми уметници на век на листата на The Times има само деветнаесет жени? Дали жените не создаваат големи дела или тие немале услови (финансиска независност и сопствена соба)? Или затоа што за тоа што е големо дело одлучува естаблишментот кој го сочинуваат претежно мажи? Што уште треба да се стори за наместо досегашниот машки елитизам на историјата на уметноста, конечно и женската уметност да стане подеднакво видлива и присутна? Конечно: Дали ако елистистичката култура на историјата на уметноста ги става жените во сенка, ги отстранува од архивите, не ги вклучува во канонот, масовната им овозможува излез од таквата состојба? Верувам дека токму нејзината способност да ги постави вистинските прашања, што веројатно има свои корени во нејзината професионална, новинарска верзираност, а е подеднакво важно кога се занимавате со научно истражување, е и врвниот квалитет на оваа книга. Патем речено, станува збор за нејзиниот магистерски труд од Културолошките студии во книжевноста при Институтот за македонска литература во Скопје.
Во него, Дамчевска особено се бави со филмот како репрезент на масовната култура, која (би требало да) ги прави жените повидливи. Таа прави исцрпен преглед на експлоатацијата на жените во филмската уметност и на женската филмска историја, за да заклучи дека сликите на жените се сѐ уште во голема мера стереотипизирани. На тој начин таа доаѓа до својот потесен предмет на интерес – биографизмот и биопикот како жанрови. Биографските филмови за жени уметници, пак, се уште еден поджанр, и нив ги нема многу на број, особено во споредба со оние направени за мажи уметници. Веројатно токму тука лежи и привлечноста на нивното проучување и провокацијата на Дамчевска да се занимава токму со нив. Во овие филмови, таа лоцира неколку доминантни слики кои смета дека е потребно да се декодираат/деконструираат: односот со мажот, нивната сексуалност, мајчинството, телото како репрезент на женскост и неговата деструкција, женскиот номадизам и најпосле, потиснатоста на креативните потенцијали и неможноста за нивна експресија.
Преку компетентна анализа на женските филмски слики и феминистичката естетика на филмот, Дамчевска доаѓа до централниот интерес во книгата, кој е насочен кон четири женски биопика – за мексиканската икона, сликарката Фрида Кало, писателката под стаклено ѕвоно Силвија Плат, пионерката на феминистичката идеологија Вирџинија Вулф и неконвенционалната уметница Дајен Арбус. „Биографските филмови за нив можат да се сметаат за феминистички, но прашање е колку успеваат во тоа?! Во нив се разоткрива нерамноправната положба на жените во општеството под доминација на мажите, или се следат жените во здобивањето на еднаквост или надмоќ. Тука не станува збор за феминистичко пропагандни филмови, туку за филмови во кои е нагласено и во кои се негува женското гледиште на светот, се откриваат конкретни духовни чувства и однесувања на тие жени и се следи специфичната женска култура.“
Она што е особено важно да се истакне е тоа што Дамчевска ги чита овие филмови критички и укажува на тоа дека како и повеќето холивудски продукти и тие се концентрирани не толку на нивната уметност, колку на нивните приватни животи, односите со мажите, сексуалноста, мајчинството, телото, номадизмот, шизофреничноста и сл. како клучни филмски слики кои се многу „пожелни“ за воајерското око на (машкиот) гледач. Така, во однос на „Фрида“, таа исправно истакнува дека филмот го потенцира заводливиот декор околу уметницата, нејзиниот егзотичен изглед, љубовта, политичкиот ангажман, а не нејзиното суштество, болката која ја трпи и начинот на кој таа болка е изразена во нејзината уметност. На неа „се гледа како на некој вид ретка птица, дури и гротескен папагал… наместо да се стави акцент на жената која се осмелила да влезе во светиот машки простор на уметничка експресија и да го присвои за себе.“
Филмот „Силвија“ е исто така разочарувачки за авторката, и тоа поради фактот што во него има многу помалку приказна за творештвото на Плат, колку што има за нејзиниот живот, љубовта, несигурноста, мајчинството и на крајот смртта, слично, дури уште подрастично од филмот за Кало, кој барем може да се пофали со визуелната естетика. И повторно одличното прашање на Весна: Вреди ли единствениот филм снимен за оваа вонредно талентирана поетеса да се занимава подеднакво и со поетот Хјуз?
„Часови“ за Вирџинија Вулф може да се смета за „силна и автентична јавна изјава во корист на феминистичката ’борба’, но не како феминистички памфлет, туку како дело кое и дава глас на вистинската женска ’различност’ – различност која долги години и векови била осудена на тишина. Или, во овој случај со часови, со многу многу часови тишина, живот со грижа за другите, а најмалку со занимавање со сопствениот живот. Часови кои тешко и болно поминуваат како што е тежок и боли овој полубиографски а полуфикциски филм, а сепак повеќе биографски од повеќето останати, бидејќи се занимава само и исклучиво со биографијата на една жена или на сите жени заедно, без ’неодоливо’ присутната машка конкуренција.“ Очигледно Дамчевска ги препознава вредностите на овој филм во споредба со останатите.
И на крајот „Крзно: Имагинарен портрет на Дајен Арбус“, како бизарна приказна сиромашна со емоции и значења, каде чудесниот свет на кој Арбус ненадејно посакува да му припаѓа е лишен од каков било шарм, … на моменти дури и незанимлив и банален.“. Очигледно, сите четири разгледувани филма го фаворизираат спектаклот на несекојдневието и ги зацврстуваат романтичните претстави за креативните жени уметници.
Оттука, главниот заклучок на Дамчевска е дека „Колку и да се скромни и срамежливи овие женски примери во светската филмска кинематографија од последниве десетина години даваат надеж дека во иднина ќе биде надминат женскиот молк, но и дека сликата за жената во филмските остварувања ќе биде редефинирана и ослободена од стеротипи и митови.“. Истото можеме да го кажеме и за ова феминистичко истражување на Дамчевска, кое претставува значаен придонес кон надминувањето на женскиот молк, отворањето на нови женски перпективи во проучувањето на биографските филмови, а со тоа и нивно архивирање, па дури, ако сакате, и канонизирање во рамките на нашата културолошка наука.
Ако се вратиме на легендата и прашањето од почетокот на овој текст, јасно е дека оваа жена авторка посакува филмаџиите конечно да направат филм за жена уметник кој нема да го претворат во љубовна мелодрама. Она што јас посакувам во овој миг е читањето на книгата на Весна Дамчевска „Од собата до Холивуд“ да придонесе за поинаков поглед кон филмовите кои ги гледаме. Па како за почеток, барем како во Бехделовиот тест, сите ние, и жените и мажите, да се прашаме дали во него има барем два женски лика кои не се анонимни и кои зборуваат за што било друго освен за мажите.

2018-08-21T17:20:40+00:00 ноември 12th, 2015|Categories: Литература, Критика, Блесок бр. 101-102|