Мопед на море

Мопед на море

Исаак стоеше на крмената палуба со часови. Тој беше фино дете, но малку чудно. Кога работеше на брод, копнееше по работа на брегот, а кога работеше во канцеларија, копнееше по морето. Исаак не можеше да ја поднесе монотонијата на копнениот живот, а немаше пари за крстосувања. Но кога беше на море – работејќи како обичен член на екипажот (носеше очила и затоа секогаш или служеше во кабините, или како помошник на готвачот, или како офицерски аѓутант, никогаш како морнар – а камо ли како кормилар, неговата најголема амбиција), беше изложен на грубото подбивање на морнарите кои се коцкаа со карти, со ножевите извадени на маса. Исаак едноставно не се вклопуваше. На море беше дури и поголем чудак отколку кога работеше во пристаништето, во фабриката, во канцеларијата или во постројката за полнење шишиња. Сепак, токму на море се надеваше дека ќе му случи вистинска авантура.
Кога ќе завршеше со работата, Исаак секогаш одеше на крмената палуба. Полноќта беше минала пред два часа, но Исаак стоеше на место. Ноќта беше осветлена од месечина, јасно се гледаа сите големи соѕвездија на јужното небо, како и густата бела пена од бродскиот пропелер. Секој оној кој со часови стоел на крмената палуба на брод кој се движи знае дека во заминувањето на ноќта, во првата дневна светлина, при дожд или магла, во поларните региони или во тропите, во сива, зелена, или сина вода, бродот секогаш плови по бел пат, по морска патека која се протега од хоризонтот до перките, пат невидлив за бродоломците ако минат преку него по само петнаесет минути од минувањето на бродот.
Дуваше топло, пријатно ветре. Ако добро се загледаше – човек можеше да го види хоризонтот и, малку поблизу, светлата на еден брод кој би бил насочен токму кон Исаак, доколку овој беше на палубата саат време порано. Но, како што ќе видиме, нашите сетила можат да нè залажат. Постојат философи кои тврдат дека сè е илузија, а кој може да каже дека грешат? Бродот на Исаак беше трговски пароброд, а тој никогаш не беше видел некој друг брод ноќе. Си мислеше уште колку има до враќањето дома. Гледаше во ортомите, столбовите, алките, оградата и лесното столче кое тој го беше донел на крмената палуба.
Потоа Исаак виде како светлото во далечината нагло скршнува. Се чинеше како брзо да ита по водата и сега доаѓаше право кон него. Додека светлото рамномерно се приближуваше, Исаак сфати дека тоа веројатно не е брод; не само што удираше во брановите со голема брзина, туку имаше и само едно светло. Брод кој плови со само едно светло? Премногу опасно.
Кога несекојдневното возило се наближи на двесте фатоми1F од местото каде што Исаак стоеше, тој распозна дека тоа е мопед. Конечно нешто чудно и прекрасно му се случуваше на Исаак. Она што го виде пред себе ја надминуваше мечтата. Отпрвин, Исаак беше исплашен, но кога се прибра едноставно не можеше да верува дека еден нов пророк или Месија би се движел по лицето на земјата на таков начин. Иако христијаните тврдеа дека Исус чекорел по вода.
Сега мопедот беше оддалечен само петнаесетина метри. Исаак викаше и широко мавташе, но во возбудата заборави да ги спушти скалилата од јажиња. Мажот на мопедот, чиј акцент кажуваше дека е сонародник на Исаак, му обрна внимание на ова. Човекот го насочи мопедот кон скалилата со исклучителна умешност и крајна претпазливост; се справи со самиот ѕид од бродот како боксер во ринг: прво неколку испитувачки удари, со благ замав од половината, мрдајќи со нозете и блокирајќи со рацете. Одеднаш, во едно меко движење, се исправи – сосе мопедот – на скалилата.
„Пази!“, рече. „Пази!“.
Човекот носеше многу замаглени очила и капа со големи кожени наушници за да ги заштити очите и ушите од солта. Мопедот беше обична машина, без специјални додатоци. Исаак му помогна да го префрли моторот на палубата.
„Дај ми нешто за јадење“, рече човекот.
Исаак отиде по храна. Под палубата, забележа дека морнарите, персоналот и машинистите, сите значи, си легнале. Кога се врати, го праша туѓинецот: „Зошто се возиш по вода?“.
Човекот рече дека сака да постави рекорд.
„Ама, како можеш да возиш по вода?“, праша Исаак воодушевен.
„Сè е вежба“, му објасни човекот. „Почнав со тоа што ставив игла на површината на водата. Ако многу внимаваш, иглата ќе плови. Постепено ја зголемував тежината на објектите, во еден долг временски период. Природно, напредував до мојот мопед; конечно можев да извозам еден круг во езерцето во паркот. Сега се возам околу светот. Никогаш не одам на копно, но често пресретнувам бродови за да земам нешто за јадење. Претпочитам тоа да го правам среде ноќ, кога сите спијат. Првите неколку пати се доближив до бродовите сред бел ден, но тоа беше премногу за некои луѓе. Прво почнуваа да врескаат дека тоа е најубавата работа која ја виделе во животот; потоа почнуваа да дрдорат или комплетно полудуваа. Тргнав да минам четириесет илјади километри преку море, ама нема да ми пречи да минам уште некој додека ја обиколувам планетава. Сакам да направам нешто кое никој не можел да го направи порано. Тоа отсекогаш ми било сон“.
„Не се плашиш ли од давење?“, праша Исаак.
„Воопшто“, одговори човекот. „Сè зависи од начинот на кој управуваш, плус внимателното забрзување и забавување, секако. На пример, никогаш не минувај голем бран пребрзо, зашто ќе ти се наводенат страните од тркалата. Ако еднаш тоа се случи, готово е“.
„Да, секако“, рече Исаак, престрашено зјапајќи во човекот кој брзо јадеше и пиеше големи количества млеко и алкохол. Кога заврши, го замоли Исаака за шише јод, рече му требало.

#b
1. Фатом, поморска мерка за должина, најчесто се користи за одредување длабочина. Еден фатом = 1.9 метри. (заб.прев.)

АвторЈ.М.А. Биешовел
2018-08-21T17:21:25+00:00 јуни 4th, 2006|Categories: Литература, Проза, Блесок бр. 48|