Моби Дик

Моби Дик

Извадок од Моби Дик во превод на Огнен Чемерски. Извадокот е од деветтото поглавје. Дејствието се одвива во приморска црква а проповедникот е поранешен морнар. *Преводот ќе биде објавен во рамките на проектот „Ѕвезди на светската книжевност“ на Министерството за култура. Извадокот се објавува со дозвола од авторот на преводот. Дозволата важи еднократно и исклучиво за Блесок. Сите права се задржани. Забрането е секакво неовластено користење, проследување или умножување на овој материјал или на делови од него.

ПОГЛАВЈЕ ДЕВЕТТО

ПРОПОВЕДТА

Отец Мепл стана и со благогласие на ненаметлив авторитет им повела на раштрканите луѓе да се збијат: „Десни кораб налево, леви кораб надесно! Средеброда! Средеброда!“1F
Tивко меѓу клупите забаботија тешки морнарски чизми и зашушкаа женски чевли, та сè одново стивна и секое око во проповедникот се впери.
Подзастана малку; па клекна во прамецот проповедалнички, ги прекрсти долгите темни раце преку гради, внебеси заклопени очи и замолитви набожна молитва толку длабоко, небаре на дно море клекнал да се моли.
Штом и тоа се сврши, со развлечен свечен глас ко бродско ѕвоно што непрестајно ѕуми в магла од бродоломeн кораб на потон, зеде да ја чита следнава химна, но кај крајните строфи му зацимбале ѕвонливо грлото со заносна радост:

„Под ребра и грозомори во китот
Ме надсводил вилен свод мрачина
Татни од Божјите далги бабот
Дури удолу тонам в наказ и судбина.

И зина пеколот челуст што дрчно зјае,
Та укажа вечнини јад и тага
Што сал кој умее да сети ги знае
Оф, очај ми голташе и душа и снага.

Го призивше Бога избезуменава душа,
Кога дека е мој едвај верував,
Но сведна тој уво и лелек ми ислуша –
И во китот веќе не занданував.

Брзо ми притече в спас
Ко сјаен делфин да го донел;
Стуштен, но светол, ко ровја в стас
Блесна Богот избавител.

Во песнава вечно ќе го опевам
Тој страотен, тој радосен миг;
Семоќниот вечно ќе го славам,
Севишниот мој милосрден Бог.“

Безмалку сите се придружија и ја испеаја химнава и ја кренаа високо над олујниот виеж. А потем настапи кратка штама, проповедникот бавно ги вртеше страниците од Библијата и конечно, стисна тупаница врз бараната страница и рече: „Драги собродјани, клин на последниот стих од првото поглавје за Јона: И нареди Господ голема риба да го голтне Јона“2F.
„Собродјани, книгава, која има само четири поглавја – четири преѓи – една е од најтанките нишки во великото пасмо3F на Писмото. Но до колкави душевни длабочини донурнува подморското јаже на Јона! Колку длабоко поучение ни глаголи пророков! Колку благоразумна е неговата песна во рибјата утроба! Колку талазно и олујно велика! Водиштата ко врз нас да се врушиле, небаре со него тонеме во вир до тињата на дноштините подводни, во од морскотревје реса и во сета морска поган запретани! Но каква поука учи книгава на пророк Јона? Собродјани, тоа е двосука4F поука; едната поука за нас грешните, другата за мене кој сум думенџија5F од живаго Бога. Бидејќи грешни, на сите да ни биде наук, зашто е приказна за гревот, за тврдодушноста, за одненадеж разбудените стравови, за брзата казна, покајот, молитвите и најпосле за спасението и радоста на Јона. Како и на сите грешни, така и на овој син Аматиев гревот му бил свесниот непослух пред заповедта Господова – не е важно каква и како му ја рекол – заповедта што на Јона му се сторила тешка. Но сè што Господ ќе поволи да чиниме, нам ни е тешко за чинење – запомнете ми го зборов – па затоа и заповеди ни дели, а не гледа да убедува и да моли. А ако сме Божји послушници, тогаш мора да сме непослушни кон себе, а токму во тој непослух кон себе е тежината на богопослухот.
„И не му е доста тој грешен непослух, та и натаму Јона му пркоси на Господа, па решил да избега од Него. Мисли дека ракотворен кораб ќе го однесе в страни што место Господ ги владеат само овоземни капетани. Се вртка по пристаните во Јопа и бара брод за Тарсис. Можеби и тука скрито лежи некое досега незнано значење. Ко што велат, тој Тарсис не можело да биде ниеден друг град освен денешниот Кадиз. Така велат учените. А каде е Кадиз, собродјани мои? Кадиз е во Шпанија, по вода онолку далеку од Јопа колку што Јона можел да доплови во тоа древно време, кога Атлантикот бил скоро непознато море. Зашто Јопа, денешна Јафа, собродјани, е на најисточниот брег од Средоземјето, во Сирија; а Тарсис или Кадиз е преку три илјади врсти6F западно од неа, токму зад Гибралтарскиот теснец. Па не гледате ли тогаш, собродјани, дека Јона сакал на крајсвета усвет да фати од Бога? Бедник! Ох, најѕвероподен и за презир најдостен, кривокап и со виновнички поглед се искрадува од својот Господ, се вртка меѓу корабите ко некое подло разбојниче што брза да превали море. Толку растроен, себеосудителен му е погледот што, да имало заптии во тие времиња, само од сомнение за недело ќе го апсиле Јона уште нестапнат на палуба. Колку упадливо е бежанец! Ни имање, ни кутија за капи, ни бовча, ни торба – никаде другар да го испрати до пристан со збогум. Најпосле, по многу потраги и лукавштини, го наоѓа тарсискиот брод што при крај е со товарење стока и, дури стапнува на палуба да го види капетанот во одајата, сите морнари подоставаат товар на скрипци,7F и гледаат да му го видат на туѓинот хулниот поглед. Сфатил Јона, но попусто се прави сиот смирен и самоуверен, попусто си силува усмев на јадните усни. Претчувства силно им зборат на морнариве дека од човеков не бидува праведник. По навика шеретски, но трезвено сосем, еден на друг нешто си тихо шептат: „Џек, овој ограбил вдовица,“ или „Го гледаш ли, Џо? Овој е двоженец,“ или „Хари, момче, овој е изгледа прељубникот што во древна Гомора провалил од затвор, ил може е некој избеган содомски крвник.“ Друг трча да ја прочита потерницата што, закована е на еден од колјата за кои е врзан едреникот, нуди петстотини златници да се фати некој таткоубиец и го кажува личниот опис на човекот. Чита и ту во Јона гледа ту во потерницата, а сите соморнари истомислено му се збираат на Јона и се готват да го зграбат. Устравен се тресе Јона и сета своја смелост в лице си ја тера, но ликот му е уште покукавичав. Не признава дека на душа му тежи грев, но токму тоа скорива сомнеж. Па си трае, а кога морнарите гледаат дека не е тој што се бара, го пуштаат да мине и слегува Јона под палуба.
„’Кој иде?’ вика капетанот од натрупаната маса кај што спрема царински списи. ’Кој е?’ Ох колку невиново прашање нашиов Јона го жега! Еден миг си вели да се сврти и повторно да бега. Но се прибира. ’Барам брод до Тарсис; колку скоро ќе испловите, господине?’ До сега задлабочен капетанов не го ни погледнал пред него застанатиов Јона, но штом му го слуша тој шуплив глас, мигновено го опстрела со продорно око. ’Ќе испловиме на прва плима’ најпосле одговара бавно и уште втренчено го гледа. ’Не поскоро, господине?’ – ’Доволно скоро за секој чесен патник’. Ха! Ете ти Јона уште една стрела. Но брзо го одвлекува капетанот од таа трага. ’Ќе пловам со вас,’ вели, ’бродарината, колку ќе ме чини? Ќе платам сега.’ Зашто токму така е запишано, собродјани, како да не смее во повеста да биде невлезено дека ’ја плати бродарината таму’8F пред да исплови морепловот. И гледано во целиот сплет, тоа врви од значења.
„Сега капетанов на Јона, собродјани, ви бил човек прониклив да сети во секого злочин, но од лакомост само бесребрените ги разоткривал. На овој свет, собродјани мои, гревот што плаќа друмарина слободно си врви, без пасош, а Доблеста, ако е сиромашка, на сите граници ја држат. Па зел капетанот Јонин да мери колку длабоко е ќесето на Јона, пред отворено да му суди. Му го утроил вообичаениот износ, а овој се сложил. Така капетанот узнал дека Јона е бегалец, но истовремено решил да помогне бегство што зад себе постела злато. Ама и кога Јона на зборот го вади ќесето, капетанот уште мудро го мачи сомнеж. Секое париче го ѕвецка за да му најде кривотворба. ’Кривотворец не е,’ си мрмори; и така Јона си пазарил прелез. ’Покажете ми ја одајата, господине. Изморен сум од патот, ми треба сон,’ вели сега Јона. ’Ти се гледа на лицето,’ вели капетанот, ’ене ти ја одајата’. Влегува Јона и би заклучил врата, но во клучалката нема клуч. Слуша капетанот дека Јона ко недоветен фаќа и бара, и тивко му се смее, та и мрмори нешто дека на осуденик никогаш не му се дало одвнатре да си заклучи ќелија. Сиот таков облечен и правлив, Јона се фрла врз бродското легло и гледа дека одајчево речиси му го натиснало таванот на чело. Згуснал воздухот, а Јона бревта. И тогаш, во тоа окно збиено ко затворена ниша, уште и подолу од водолинијата на коработ, Јона го сетува предвесното чувство на тој задушен час, кога китот ќе го смести во најмалата ќелија од својата утроба.
„Прикована кај оската за ѕидот, во чекмеџето на Јона полека се лула светилка, а од тежината на последните товарени бали коработ се поднаведнал кон пристанот, но светилката, сосе огнето и секој нејзин дел, иако малку се ниша, сепак во одјачето изгледа везден поднакривена; а таква сосем права, само ги открива измамните и криви рамнини меѓу кои виси. Виделцево на Јона му скорива немир и уплав дури легнат во чекмеџево околум превртува очи, па до предмалку успешниов бегалец нема кај да си го скраси немирниот поглед. Но противречново кандило сè повеќе го страви. Подот, таванот, страните, сè е накриво. ’Оф, совеста во мене виси вака!’ офка Јона, ’право нагоре, токму така гори, но сите одаи во душава ми се криви!’
„Ко некој е што ноќта ја пропил и сега шумоглав брза да се доклати в постела, но со совест како бодеж кој му се зарива пожестоко од челично шило што скоковити римски коњи денело в трка, ете баш е ко некој што толку јадно пати и само се врти и се превртува во вртоглава мака и силно се Богу моли да го снитши дури да му мине патилото; а најпосле среде тој развиорен чемер, му влазува на Јона длабок трпнеж, како кога смртно се крвави, зашто совеста му е незацелива рана, ете токму така по болежни борби во леглото, буновниот тучен јад го влече Јона давеник да тоне в сон.
„И дошло плимно време, коработ се одјажува од пустиот пристан и непоздравен бродот за Тарсис се лелее лево-десно и испловува на море. Тој ви е, драги мои, првиот бележан кријумчарски брод! А скришниот товар му бил Јона! Но морето се буни, нејќе да го носи опачниот товар. Се крева страотна луња, коработ ќе се крши. И дури првопалубникот ги заповеда сите души да го олеснат бродот, дури преку разма драскаат сандаци, бали и стомни, дури ветрот пишти а морнарите кричат, а секоја штица грми под тркум носени нозе баш над главата Јонина, при сето тоа викобесие, Јона си го спие грозниот сон. Не гледа тој небесни црнила и морски киптеж, несвесен е за завитланите деблишта,9F не го слуша и не го сеќава грамадниот кит што оддалеку баш во тој миг зинат јазди кон него и го растерува морето вудве. Да, собродјани, Јона да ви бил долу во бродските ниши, на легло во потпалубно окно, ко што разбрав, и цврсто да ви спиел. Но преплашен капетанот му иде и во глувото уво му вреска: ’На кој ум си ти! Станувај бе, заспанину!’ Сепнат од замреноста при тој ужасен крик, Јона се порева на нозе и се пресопнува до палуба, пофаќа плашт и испаѓа да го види морето. Но токму во тој миг преку разма префрла слапеј10F и му рипа ко пантер. Бран на бран, така префрла морето во бродот и, немушто брзо да си најде одлив, бие напред-назад рикајќи, безмалку непотонати ќе ги исподави морнарите до еден. И тогаш, токму кога белата месечина си го укажува устравениот лик од стрмите пороишта среде црнилата вишеглава, ужаснат Јона го гледа косникот11F ту високо внебесен ту наеднаш устрмен кон бесенот понор.
„Безброј ужаси му брзнуваат низ душа. По скукуленоста богубежанецот сега јасно се познава. Морнарите го гледаат, сè посомнителен им се чини и најпосле, за да ја пробаат вистината докрај, препуштајќи им на Небеса сè, се фаќаат за ждреб да видат кој страшнава луња им ја свалил. Јона излегува најкус; баксузот разоткриен, колку жестоко сега со прашања го гонат! ’Што занает имаш? Од кај си? Од која земја? Кој народ?’ Но гледајте, собродјани мои, како сега се држи кутри Јона. Жарно морнариве го прашуваат Јона само кој е и од кај е; но, добиваат одвет не само на тие прашања, ами и друг одговор им иде на прашање не нивно, туку небаран одговор кој од Јона го изнудува цврстата тупаница што врз него Бог ја стуштил.
„’Евреин сум,’ извикува – а потоа вели – ’и бојам се од Господа Бога на небесата, од Оној што ги создал и морето и сувата земја!’ Боиш се од него, Јона, а? Е па и да се боиш најмногу токму од Господа Бога! Веднаш зел Јона исповедание цело да исповеда, а морнариве сè повеќе ужас ги трпне, но пак се милостиви. Зашто кога Јона, кој сè уште не моли од Бога милост, оти познат му е многу мракот на неговите пустини, – велам, кога пусти Јона им вика да го земат и да го фрлат в море, зашто знае дека токму тој е кабаетлија што ги снашла страшнава луња, тие милостиво му вртат плеќи и гледаат како поинаку да го спасат бродот. Но попусто им е сè, гневно ветриштето сè погласно им вие и тогаш, со едната крената рака го призиваат Бога, а со другата сепак колебливо го фаќаат Јона.
„А сега ене кај го креваат Јона ко сидро и го џиткаат в море, и кај мигновено од исток дотекува мирноводие ко зејтин, и морето стивнува, зашто Јона ветриштето си го носи со себе, а одзади остава мазна вода. Низложен тоне во водовртежно гротло од толку разуздан киптеж што дури и не знае дека среде зовриени пени е устремен право во зинатата челуст што оздола го чека, а китот ги штракнува филдиш забите12F ко многубројни бели рези и чивии на Јониниот зандан. Тогаш Јона од рибјата утроба се помоли Богу. И видете сега каква е неговата молитва и извлечете битна поука. Зашто и грешен ко што е, Јона не плаче и не рида спасение да му дојде веднаш. Знае дека праведна му е страотната казна. Сето свое спасение му го препушта на Бога, и доста му е што, и при сите свои болки и страданија, сепак ќе гледа кон Неговиот свет храм. А тоа, собродјани мои, е вистинско и верно покајание, што не вреви за прошка, туку благодари за казна. А колку Богуугодно било тоа поведение Јонино се гледа од неговото конечно спасение од морето и од китот. Собродјани мои, не ви го приложувам Јона за да му се угледате на гревот, туку го ставам пред вас ко урнек за покај. Не грешете, но ако и згрешите, гледајте да се покаете како Јона.“
Додека ги глаголеше зборовиве, однадвор виежната и пискотна стрма луња како да му вдахнуваше на беседникот нова сила, а и тој самиот ко шибан да беше од луња дури го опеваше Јона во олујното море. Му се креваа снажните гради како високи подвалици13F, а кога размавта раце небаре елементите се судриле на страшен мегдан; а ровјите што му молскаа преку темните веѓи и искрите што му брзгаа од очи ги подзинаа слушателите и им втераа до тогаш несетен наврапит страв.
И тогаш накратко му стивна погледот и пак тивко прелистуваше Свето Писмо, а најпосле, исправен и неподвижен, со склопени очи, во тој миг, како да општеше со Господа и со себеси.
Но пак се наведна кон луѓето и ниско сведна глава, та со глас најдлабоко понизен но и најмажевен, овие зборови ги прозборе:
„Собродјани, Бог на вас положил само една рака; врз мене тежат двете Негови раце. Ви поведав што при слабово светло на умов видов дека е наравоучението на кое Јона ги подучува сите грешни, а тоа значи вас, а уште повеќе мене, зашто сум поголем грешник од вас. Ох колку би сакал да слезам од вршкава и да седнам на катарите и баџите14F кај што седите, да слушам ко што слушате вие, дури некој од вас мене ми ја очитува другана и пострашна поука на која Јона ме учи мене, дујменџијата кој живому Господу служи. За тоа како Јона, помазан пророк дујменџија, вистинозборител, кому Бог му заповедал да им ги глаголи сите неканети вистини во ушите на луѓето низ порочната Ниневија, преплашен од омразата што може да си ја навлече, се одрекол од своето пратеништво и гледал да избега од својата должност и од својот Бог фаќајќи брод за Јопа. Но сеприсутен е Бог; не стасал Јона до Тарсис. И ко што видовме, Бог му дошол преку китот, го проголтал во живи понори злокоба и жестоко го џиткал низ морето кај што подморските струи го потомориле десет илјади сажни удолу15F и ’со трева морска главата негова била обвиена’16F и сиот воден свет јадови се врушил врз него. Но сепак дури и таму кај што оловницата не донурнува – од ’утробата на пеколот’ – кога китот легнал на најдолното океанско дно, дури и таму, Бог го слушнал голтнатиот покајан пророк кога го довикувал. И тогаш Бог ѝ заповедал на рибата, та од морничавата студен и црнилата морски, китот испливал кон топлото и благозливо сонце и до сите радости на воздухот и земјата; и ’го изблувал Јона врз сувата земјица’; а тогаш вторпат му дошол Божјиот збор и – здробен и папсан, а во ушите ко во две морски школки уште шумно му шумел океанот – Јона ја послушал заповедта на Севишниот. А што му заповедал, собродјани мои? Вистината да му ја проповеда в лице на Лицемерието! Ете тоа!
„Ова, собродјани, е таа друга поука и горко на дујменџијата на живиот Господ кој ќе ја презре. Горко на оној што овоземниов свет ќе го заведе од евангелската должност! Горко на оној што сака да истура масло во водите кога Бог олујно ги скиптел! Горко на оној што е угодлив кога треба да е журлив! Горко на оној кому доброто име од добрината му е помило! Горко на оној што, на овој свет, од немилости се трга! Горко на оној што не би да е искрен, макар токму лагата да му е спас! Да, горко на оној што, ко што вели дујменџија Павле, дури на другите им слови самиот е прогнан.“
Малакса и малку се подизгуби, а потоа, пак крена поглед кон нив, а очите му ги зарадува длабока радост, баш кога до небеса полетен извика: „Но, ох! Собродјани! Оддесно на секој горчлив јад сигурно му седи благодат; а височината на таа врвна благодат е поголема од длабочината на горкото дно! Зарем височината на јаболчето врв јарбола не е поголема од длабочината на наткобилицата?17F Благо оному – неизмерна возвишена и длабока душевна благост оному што пред горделивите богови и комодори на овој свет се исправа себеси стамен со сиот свој бој. Благо оному чии цврсти раце уште го крепат кога бродот на овој поган и подол свет му потонал под нозе. Благо оному што не отстапува од вистината и ги убива, ги гори и ги ништи сите греси, дури и кога мора да ги отпрета од под сенаторски и судиски одори. Благо – до врв јарбола благо оному што не признава друг закон и бог освен својот Господ Бог и само на рајот му е родољуб. Благо оному кого ни сите бранови од дотечените мориња вревита раја не можат да го скршнат од правецот кон Вечноста. Благо до века и вечни благости оному што кога ќе му дојде часот да легне, со последниот здив ќе може да рече: „Ох, Оче! Ти што главно по Твојот стап си ми знан – еве ме умирам, смртен или бесмртен. Секогаш управен да бидам Твој, Тебе да Ти припаѓам повеќе отколку на светов и себеси. Но не е тоа ништо; Тебе вечноста ти припаѓа; зашто, што е човек па да го одживее векот на својот Бог?“
И не изусти веќе ни збор, туку бавно благослови со раката, си го покри лицето со дланките и остана така, клекнат, дури не си заминаа сите и не го оставија сам.

Превод: Огнен Чемерски

#b
1. Тука свештеникот користи морнарички жаргон, па вели „десница“ (starboard) и „левица“ (larboard), но треба да се има на ум и тоа дека средишниот дел од црква се вика брод или кораб (грчки: наос), а црква може да биде еднокорабна, двокорабна или трикорабна, па оттука и играта на зборови (бел. прев.).
2. Мелвил ја цитира т.н. Библија на крал Џејмс, а и во сите англиски верзии споменатиот стих е последен во првата глава (1:17), додека во македонскиот превод стихот е 2:1 и гласи: „И му заповеда Господ на еден голем кит да го проголта Јона“. Решив да не го користам македонскиот превод, туку да преведувам од изворот на Мелвил и да споредам преводи на Библијата на други јазици, како и да користам дословни толкувања на изворниот текст. Оттука, решив да го употребам зборот „риба“, наместо зборот „кит“ кој од за мене непознати причини го има во македонскиот превод, а во сите останати преводи на Библијата што ги разгледав стои зборот „риба“. Исто така, го користам зборот „нареди“ зашто хебрејско-арамејскиот збор е „маунау“ (מָנָא), што значи „подготви“, па оттука го користам и првобитното значење на „нареди“. (бел. прев.)
3. Пасмо, јаже плетено како плетенка. Кај нас постои изреката: „не го гледа (жала) пасмото, туку го гледа (жала) влакното“.
4. Сук – сукан коноп (бел прев).
5. Думенџија или спроводник (денес се вика пилот) е овластен пристанишен работник кој помага бродот да вплови или да исплови, па дури и да го изведе на отворено море доколку подводниот терен е опасен. Тој стапува на бродот и е привремен заповедник додека не се завршат споменативе операции кои денес се викаат пилотажа. Надоместот за услугата тука е спроводнина. Зборот дујменџија е од кај Цепенков, а изворно на турски значи крмар/кормилар или скелеџија, како што и pilot некогаш значело само кормилар или веслач. Сметав дека е потребно да се постигне истата меѓусебна врска помеѓу некогашните синоними кои добиле поинакви значења. Во јадранската терминологија се користи зборот пељар. Проповедникот игра со привременото водство што думенџијата го има на бродот (бел. прев.).
6. Врста – стара мера, малку над 1 километар (бел. прев).
7. Скрипец – вид макара (бел. прев).
8. И овој пат цитатот е преведен од изворот, а не од македонскиот превод на Библијата. Во македонскиот превод наместо „бродарина“ стои „возарина“, но бидејќи етимологијата на зборот „брод“ е од народниот јазик, а значи „прегаз, газ“ т.е. место каде може да се мине вода, употребата на овој збор и на сите негови изведенки во овој превод има исклучително важна улога. И англискиот збор „fare“ изворно значи „поминува, преминува“. Оттука, погоре Јона, иако се наоѓа на бродот, вели „Барам брод до Тарсис“, што во смисла на „прегаз“ и „прелез“ е доследен превод на англискиот збор „passage“ (бел. прев.).
9. Дебло – долна хоризонтална греда на јарболот (бел. прев.)
10. Слапеј – вал единак, висок и стрмен, како слап (види Песни поморјански, Лилјана Чаловска, Македонска книга, Скопје, 1981). Разма: отворената ограда на работ од бродот. Подолу: пороиште – суводол, суво корито на планински поток издлабен од ерозивната сила на водата. (бел. прев.)
11. Косник – косиот јарбол на прамецот од бродот (бел. прев.).
12. Филдриш (турцизам) – китова или слонова коска. Во случајов, се разбира, е китова коска (бел. прев.)
13. Од подвалица – бавен и широк вал (т.н. мртов бран), што се движи полека. Подвалица е охридски збор (бел. прев).
14. Катара – подна врата за в подрум од куќа или за под палуба, баџа – отвор на кров од куќа; тука, издигнат отвор на палубата кон потпалубието, за товарање, слегување итн. (бел. прев.)
15. Сажен – стара мера која во Охридско се користи и ден-денес и се изговара с’жен, а изнесува 1,83 метри, во Русија сажен е 2,16 метри. Во оригиналот стои фадом (fathom), т.е. 1,86 метри, но во овој случај е доволно приближно. И фадомот и саженот изворно се мереле како растојание на раширени раце. Во следната реченица, оловница е оловен високтег на јаже за мерење длабочина. (бел. прев.)
16. Книга на пророкот Јона, 2:6. (бел. прев.)
17. Наткобилица е надолжна греда на (сувото) дно од бродското корито која однатре ги врзува попречните ребра и греди. Јаболчето или плочката, а понекогаш и колцето на врвот од јарболот е додаток со дупчиња низ кои минуваат јажиња за бродските знаменца. Првенствено служи за да ја пренасочува водата која без него преку годовите на дрвото би се слевала низ внатрешоста на јарболот и би го распукала. (бел. прев.)

АвторХерман Мелвил
2018-08-21T17:20:56+00:00 март 5th, 2012|Categories: Литература, Проза, Блесок бр. 82|