Многу куси раскази

/, Проза, Блесок бр. 17/Многу куси раскази

Многу куси раскази

Погрешен чекор
Несмасни забави
Чудовишта во визбата
Внатрешна бездна
Судбоносна грешка
Последици на невнимание
Безизлезна положба
Катастрофа
Телеграма

Паркот што почнува на крајот од градот полека, колку што повеќе навлегувам во него, ги губи ознаките на подреденост и добива белези на вистинска шума, Паѓа лесна летна квечерина и јас веќе помислувам на враќање: таквите места во тоа време на денот можат да бидат непријатни за осамениот шетач. И навистина, на една чистинка меѓу дрвјата, осветлена со некој задоцнет одблесок на небото, врева и движења. Не, ништо опасно: тоа група весели момчиња и девојки ја играат играта со барање. На еден од нив му се врзани очите и тој ги бара другите што весело потскокнуваат околу него. Премногу лесно ме примаат во играта и, чинам, премногу бргу паѓа на мене редот да барам. Се вртам со врзани очи наоколу, но не успевам да дофатам никого. Дури имам впечаток дека вревата и шумот на играчите се оддалечуваат од мене. И тлото како да се менува: тоа не е повеќе меката земја со паднатите лисја, туку цврста подлога со некаква позната мазност и чкрипење. Дали е возможно дека така барајќи сум се оддалечил од играта? Дали сум направил можеби некаков погрешен чекор? Конечно, фаќам една подадена рака: прсти, дланка, ракав од облеката. Но сето тоа е некако премногу студено и цврсто. Ја симнувам преврската од очите: окружен сум со неподвижни бели фигури. Тоа врз што стојам е мазниот паркет, фигурите се мермерни статуи а сето тоа наоколу е сала на некој музеј. Единствено што покривот го нема. Од дупката што зјае горе се гледа сè уште слабо осветленото небо, а од него, еве, почнува да врне снег.

2018-08-21T17:22:01+00:00 октомври 1st, 2000|Categories: Литература, Проза, Блесок бр. 17|