Македонскиот филм во балканскиот културен интертекст

/, Блесок бр. 04, Критика/Македонскиот филм во балканскиот културен интертекст

Македонскиот филм во балканскиот културен интертекст

1.

Главната методолошка потпорна точка, од која поаѓа овој текст, произлегува од семиотичко-типолошкиот пристап на Тартуската школа во чии рамки, а под несомненото влијание и поттик на Михаил Бахтин како најзначаен филозоф на литературата и културата во XX век, е постулирана премисата за изоморфизмот меѓу книжевноста, или која било друга уметност, во случајов – филмот, од една страна, и културата, од друга страна, како комплексен Текст, составен од повеќе различни семиотички моделативни системи.
Ако филмскиот текст, по аналогија со книжевниот, го сфатиме како подвид на текстот на културата, како што тврди Јуриј Лотман, тогаш доаѓаме до констатацијата дека „внатрешната организација на уметничката книжевност (во овој пример – на филмот, заб. Моја) е изоморфна на културата како таква, т.е. Ги повторува општите принципи на нејзината организација“.
Така, поимот на културата се зема како почетен, а во структурната организација на уметничкиот текст (филм, заб. Моја) се трага по изоморфните својства и карактеристики, кои укажуваат на длабоката и непореклива културолошка обусловеност на уметничкиот модел, т.е. На моделативниот систем на конкретно дадениот филм.
Преземајќи го, од друга страна, и методолошкото рамниште на компаративната книжевна наука, доаѓаме до втората методолошка насока, релевантна за нашиот пристап кон македонскиот филм: теоријата за полисистемската припадност на уметничките феномени од една национална книжевност, по аналогија – една национална кинематографија.
„Секоја национална книжевност е монолитературен систем за себе, но речиси секоја појава може да биде присутна и во друг некој систем, било да е тоа епохален, регионален или жанровски“ – вели академикот Зоран Константиновиќ, еминентен европски компаративист од Инсбрук.
Во нашиов случај тоа значи дека македонскиот филм, освен на својата матична национална кинематографија, истовремено може да им припаѓа и на некои други системи: на пример, епохалниот систем на постмодерната култура, жанровскиот систем на акциониот, историскиот или некој друг вид филмски жанр и, конечно, на регионалниот систем на Балканот, што во себе обединува многубројни компоненти: геополитички но, исто така, и културолошки.

„Нема да го сфатиме ниту еден балкански народ, нација или етничка група и нивната литература и култура, ако ги проучуваме изолирано, без земање предвид на целобалканското миље, бидејќи Балканскиот Полуостров претставува не само посебна географска туку и историска и културна целина“ – смета чешкиот компаративист од македонско потекло, академикот Иван Доровски.
Навлегувајќи во подрачјето на културолошките студии и интеркултуралните проучувања што ги наложува една таква комплексна појава, каква што е Балканот, го актуализираме и третото релевантно методолошко извориште, што се вклучува во нашиот текст: подрачјето на имагологијата, некогаш исклучиво компаративистичка, а денес и пошироко културолошка област, наречена mentality research (проучување на менталитетот).
Во доменот на оваа област се реконструираат структурите на свеста, „митовите, идеологиите и утопиите, што ја обликуваат колективната свест и следствено, онаа на писателот“, а можат да бидат изразени преку различни медиуми: на пример, уметничкиот жанр, стилот, или, поедноставно, односот на поединецот спрема различните институции на секојдневниот живот (бракот, религијата, општеството итн.).
Имагологијата, односно mentality research е нужно интердисциплинарна, според својот епистемолошки профил, со оглед на тоа што нејзиниот предмет се појави од повеќе различни културни сфери.
Со тоа, конечно, го прецизираме и последното епистемолошко рамниште вклучено во нашиот текст, рамништето на т.н. поетика на културата, или културалната критика, обликувано според методолошките репери на Новиот историцизам: „Овој проект (се мисли на културалната поетика, заб. Моја) ја пренасочува оската на интертекстуалноста, заменувајќи го дијахронискиот текст на автономната книжевна историја со синхронискиот текст на културниот систем“ – вели, во својот програмски насочен текст, еден од водечките претставници на оваа школа, теоретичарот Луис Монтроус.
Ако се обидеме тоа повторно да го формулираме, со оглед на нашиот аналитички зафат, тогаш ќе кажеме дека македонскиот филм треба да се посматра и да се проучува интертекстуално, во рамките на покомплексниот систем на балканската култура, во поширокиот контекст на оваа посеопфатна поетика на културата, чии фундаментални топоси изоморфно ги предочува и ги моделира, обликувајќи го специфичниот феномен на балканскиот филм, или, пак, пошироко на балканскиот културен синдром.

2018-08-21T17:22:15+00:00 август 1st, 1998|Categories: Литература, Блесок бр. 04, Критика|