Лулашки

Лулашки

Мајка ми ми рече да не си играм на лулашки, ама јас не ја послушав.
Уште од почетокот не ми беше право, затоа што јас прва ги видов лулашките. Не дека не постоеја од порано, ама тогаш беа сосема искршени. Имаше само едно расчекорено железо од коешто висеа два синџири, од секоја лулашка по еден осамен, ’рѓосан синџир. Дури и штиците кои порано биле лулашки беа искршени, и имаше само една на која можеше да се исечеш ако не внимаваш. Некој ми кажа дека Миле се обидел да ја скрши штицата и си ја исекол раката. Не ми беше жал, затоа што можеби таквите како Миле ги кршеа лулашките кога беа убави, чисти и нови. Освен лулашки, имаше и клацкалки, ама тие беа за помали деца. Понекогаш, ако ни беше многу досадно, ќе се качевме на највисоката и ќе си правевме плескавици – тој што беше на земја ќе подрипнеше, а тој што беше подигнат горе исто така ненадејно ќе потскокнеше и ќе си го плеснеше газот од седиштето. Ама потоа некој ги искрши и тие седишта, па остана само седиштето на најмалата клацкалка. Некогаш мајка му на Бане доаѓаше со помалиот син, и го клацкаше, а тој се смееше.
Третата работа што ја имаше на лулашките беше мостот. Отсекогаш ми беше страв од него затоа што беше повисок од мене и не се мрдаше. Сè што требаше да се направи на мостот морав да го направам сама, ама не можев да се натерам да го качам од првпат, оти ми беше страв дека ќе паднам. Така секогаш си мислев, и затоа мајка ми исто така се плашеше и ми рече да не одам никогаш на лулашки. Мислам дека и нејзе најмногу ѝ беше страв од мостот.
Кога бев помала, гледав дека некои од поголемите деца одеа по мостот. Ќе се качеа прво на неколку скалички, со раширени раце за рамнотежа, а потоа продолжуваа да се качуваат до највисокото скалило и да слегуваат од другата страна. Тогаш бев многу малечка и си играв во песокот со Кети, или понекогаш се клацкавме на најниската клацкалка и таму си правевме плескавици. Ама лулашките стануваа здодевни. Немаше ништо освен скршените клацкалки, мостот на кој се качуваа големите, и искршените лулашки. Веќе немаше што да се прави, па престанавме да одиме таму и почнавме да играме фудбал на ливадата со машките, или пак да си играме ластик и народна на улица.
Потоа едно утро мајка ми ме прати да купам леб. Сè уште беше рано и децата немаа излезено да си играат. Како што тргнав накај продавницата, слушнав некакво тропање што доаѓаше од кај лулашките. Си помислив: некој пак ги крши штиците – и истрчав натаму за да видам кој е. Прво претпазливо се скрив зад аголот на еден балкон, за да не ми се погоди некој силеџија, да ме види, па да ме закача. Потоа си ја подадов малку главата да видам што се случува.
Покрај големото расчекорено железо стоеја двајца чичковци во сини панталони со прерамки и избледени сини капчиња врз главата. Едниот со шрафцигер ги затегнуваше синџирите на горниот дел од лулашката, а другиот ја зацврстуваше новата штица. Не морав веќе да се кријам, па се приближив и видов дека штицата е светло-кафеава, мазна и блескава, како премачкана со лак. Не беше како некои други штици по други лулашки: оваа беше заоблена на страните, нова и чиста.
Се свртев да ги погледнам клацкалките да видам случајно и нив да не ги смениле, и навистина сите беа сменети, освен најмалата на која сè уште можеше да се седне. Се гледаше колку е голема разликата помеѓу старите и новите седишта; старите беа испукани, сивкасти, со изедени рабови, со ’рѓосани шрафови; а шрафовите на новите штици светеа, седиштата како да беа приспособени за седење, имаше дупки на местата каде што треба да висат нозете за кога ќе ти направи некој плескавица штицата да не ти се забоде во бутовите. Осетив и некој чуден, многу силен мирис, и тогаш забележав дека мостот веќе не е бледо-жолт како што беше порано, туку е премачкан со јарко црвена боја. На земјата околу мостот имаше неколку стврднати капки црвен песок, а веднаш до него стоеше една канта со четка.
– Девојче – се сврте накај мене еден од чичковците во сино.
Ништо не реков, само погледнав накај него.
– Тука живееш? – ме праша.
Се исплашив дека можеби нешто ќе ме кара, дека можеби им пречам во работата.
– Да, малку подолу, во зградата зад оваа – му се правдав.
– Добро, не е битно. Кажи им на другите деца да не се фаќаат за железото, – и покажа накај мостот – сега го обоивме и уште се лепи, ќе се лепи цел еден ден. Добро?
Се почувствував горда дека некој мене ми дава таква задача. Кимнав со главата неколку пати и реков „Добро, добро“. Потоа го слушнав другиот чичко како го прашува тој што разговараше со мене: „А железово нема да го фарбаме?“ а другиот рече „Е сега, сите ако ги фарбаме до никаде нема да стигнеме“.
Многу ме интересираше зошто најмалата клацкалка не беше сменета, па го прашав чичкото.
– А зошто седиштето на оваа клацкалка останала стара?
– Ооо, па ти многу сакаш да знаеш, а? – ми рече чичкото и го погледна другиот. И двајцата се насмееја накриво само со едната страна од устата. – Сакаш да ги тргнеме и другите седишта па да си седите на старите? Или да си останете без лулашки?
– Не, јас само… само сакав да прашам – поруменев и почнав да пелтечам. Замислив како поради мене веќе нема лулашки.
– Ајде, оди таму кажи им на другите деца и не прашувај многу – ми рече чичкото што чучеше на земја и затресе еден шраф со раката да види дали е цврст.
Се засрамив, како да сум направила нешто лошо. Што направив? – постојано се прашував додека газев по тревата, со грбот свртена накај чичковците. Тие нешто си разговараа, мислам дека ги начув како зборуваат за некакво јадење. Си реков, сега кога ќе си заминам, ќе си речат нешто лошо за мене. Што? Зошто? Што направив? Најверојатно бев безобразна, си реков, ама не сакав да бидам. Потоа си ветив дека добро ќе ја завршам задачата што ми ја дадоа чичковците. На сите деца од маалото ќе им кажам да не се качуваат на мостот затоа што е свежо обоен, да не се извалкаат. Прво решив да одам кај Мони.
Заѕвонев на вратата и никој не ми отвораше. Мони уште не беше доволно висока за да може да погледне низ дупчето од вратата, па затоа имаше синџирче. Ќе ја подотвореше вратата со синџирчето, ќе погледнеше кој е таму, и најчесто ми викаше „чекај“, иако секогаш ми беше страв дека ќе ми ја затвори вратата и нема пак да ми ја отвори како еднаш порано. Си мислев на тоа додека ја чекав да ми отвори, затоа што знаев дека е дома, а нејзините најверојатно беа на работа.

АвторРумена Бужаровска
2018-08-21T17:21:24+00:00 август 6th, 2006|Categories: Литература, Проза, Блесок бр. 49|