Лош збор

Лош збор

„Ох, да си умрам и јас“, загледана во телевизорот, задумана, си офна бабата скоро нечујно. Седеше на каучот во дневната на постариот син, со рацете скрстени во скутот, забрадена со истата црна шамија што ја носеше кога умре дедото, на погребот. Катиљ човек беше дедото, таков си беше, цел живот бабата го слушаше кајшто вика за ова или за она. Едно, две, ќе се развикаше: „Ти си крива, за сè ти си крива.“ Бабата по шеесет години заедно, по војни и гладови, по деца живи и умрени, не го ставаше многу на дикат. Ќе му се искривеше зад грб и внуците се кикотеа, оти гледаа дека бабата не му се плаши, па и тие му го немаа стравот. (Дедото растеше без татко кога беше дете, оти татко му млад умре, како што се умираше тогаш од ништо, од туберколоза, жолтица, слепо црево. Мајка му и сестра му намачени, како аргатки работеа по нивите кај овој и кај оној, за леб, пченкарен, што се правеше како камен за еден ден, па после го правеа попара со вода и со сол, по малку.)
На масата пред бабата имаше кафе, топло, пресно, слатка реа се креваше од филџанот. Синот го направи и го стави пред неа, еве нема една минута. После од кујната донесе локуми на едно чинивче, за сите да се почестат. „Ајде земи, не ме гледај, да не се срамиш?“, ѝ подвикна тој и пак влезе во кујната да направи уште една тура кафе, сега за другите што пиеја горко. (Синот со години одеше по светот, од еден до друг град. Разгледници од Индонезија, Америка, Русија. Една година донесе радио што после секогаш го слушаа во сабота и во недела, дедото кога имаше фудбал, бабата кога пееше Васка. По петнаесет години по светот, синот се врати дома и си најде жена од соседната улица).
Снаата на другата маса листаше некои хартии, документи, сметки. Чукаше по дигитронот и запишуваше некакви бројки. Ја крена главата и ја погледна како седи уште мирна и без збор. „Земи кафе! Да не си гладна?“, „Сполај ти, не сум. Јадена сум.“ Рече бабата и подаде рака по кафето. Раката малку ѝ се стресе, па ја подаде и другата за убаво да го фати чинивчето под филџанот. Гласно го шмркна кајмакот и воздивна откако кафето ѝ се лизна во грлото. Снаата се поднасмеа. (Снаата по некој месец ослабе десет кила, од жал, како што самата велеше, додека секој ден одеше во болницата кај бабата за да ѝ прави измет, да ја храни, да ја мие и да ја пресоблекува како бебе. Заборави дека некогаш нешто си префрлале и си замерувале. Ја гледаше бабата цел месец, и плачеше навечер, пак од жал, кога гледаше како се мачи).
Бабата од пред некое време сеќаваше како нешто ја клука во стомакот. Еве пак, кога сакаше да сркне втора голтка од кафето, сети како нешто ја корне и кине од внатре. Ги затвори очите и ја потстегна вилицата. Трај душо, трај, за сè има помин, си помисли таа, и вистина, болката беше кратка. Удри и ја снема. Внуката, седната до неа, забележа дека ликот на бабата се смени за миг, но не рече ништо. Помисли дека бабата се сетила на нешто и така ѝ дошло тешко, за дедото, за синот, за што и да е, како што си беше жаловита. (Внуката, всушност, брзо ја заборави болката на лицето на бабата. Мислеше на човекот што тие денови требаше да ја напушти за да се врати кај жена си. Внуката го сакаше човекот, но не знаеше како да го натера да остане со неа, па деновите ѝ минуваа скоро во очај заради неизбежноста на разделбата).
Кога пак го принесе филџанот до устата, бабата се сети на првата снаа, на нејзината грда навика да си го брише носот од ракавот на робата. Се сети како ја гледаше кајшто си ги прибира парталите по деветте месеци поминати под нејзиниот покрив. „Овие се наши работи, ти ќе си одиш како што си дошла.“ рече тогаш бабата и ѝ ги истрга од рацете комбинезоните, чорапите и гаќите, сите „гланц нови“, уште неотпакувани. Првата снаа ја наведна главата и се расплака. Бабата никогаш веќе не ја виде, и ете, сега се сети на неа. „Лош збор“, си помисли бабата, „лош збор кажав, гревка беше таа.“ Вината ја прострела посилно од болката, срцето ѝ се наполни со тага, оти бабата беше таква, жаловита.
Кога синот, снаата и внуката застанаа еден до друг покрај ковчегот на бабата таа есен, без збор гледаа како попот го испеа своето и истури една чаша вино на коските од дедото, собрани во бела пластична кеса. (Синот се сети како бабата ги делеше чкорчињата на две за да го запали огнот од таванските штичиња таа зима четириесет и некоја и како му ја пикна раката, изгорена од жешкиот грав, во качето со расол. Снаата се сети како бабата молчешкум ѝ ја вртеше рачката на италијанската машина за сучење кори претходното лето и како потоа ги сечеше потсушените кори со хируршка прецизност и ги растресуваше на чаршафите послани по креветите. Внуката се сети како бабата ѝ пееше жали моме да жалиме како ќе се разделиме, во кујната на старата куќа, додека ја вадеше железната пегла на топлење од шпоретот и ја притискаше на алиштата, а внуката плачеше оти песната беше тажна, а таа, како и бабата, имаше меко срце).
„Бог да ја прости“, рече некоја жена после во собата кајшто сите јадеа и пиеја, за душа. „Никогаш на никого лош збор не знаеше да рече.“

2018-08-21T17:21:43+00:00 март 1st, 2003|Categories: Литература, Проза, Блесок бр. 31|