КУКЛАТА ОД ГЛУТЕНБЕРГ

/, Проза, Блесок бр. 112/КУКЛАТА ОД ГЛУТЕНБЕРГ

КУКЛАТА ОД ГЛУТЕНБЕРГ

КУКЛАТА ОД ГЛУТЕНБЕРГ

Чудно е, помислува Гроздан дури стои пред излогот на стоковната куќа во… Гетеборг не е, Гритенбург, Гратенштрасен…, кој го врти. И не му е чудно дека воопшто не знае во кој град се наоѓа, па дури ни во која држава. Одамна се извежбал да не ги таложи во меморијата податоците што не го интересираат. Не му е чудно и што Буба, кога го испраќаше, рече нешто слично: „Чудно е…“, но не успеа да ја слушне реченицата до крај. Тремата пред пат и здодевноста на испраќањата. И навистина не знае зошто прифати да учествува на ова советување за истражувачко новинарство. Всушност знае, откога нема постојан ангажман прифаќа се’ што ќе му се понуди, иако никогаш не бил љубител на оваа ултимативна новинарска догма – истражувачко новинарство. Секогаш тука нешто му смрдело на полициски местенки и прекумерно оцрнување на луѓето. Секогаш верувал дека јавниот интерес професијата може и треба на друг начин да го остварува. Треба…
И, еве, го гледаме Гроздан на плоштадот во…, ма што е важно, како се чуди пред излогот на локалната стоковна куќа. Си го гледа одразот од сопствениот лик во стаклото од излогот и забележува дека е погрбав отколку што мислел и дека брадата му е многу побела откога последен се видел во огледало. И ликот му е блед. Речиси бел. Но, тоа го припишува на напорниот пат и уште понапорниот домаќин-преведувач, кој од некои причини мисли дека Гроздан навистина умира од љубопитство за состојбите во новинарството во неговата земја. И пивото со неизговорливо име што го пиеше во блиското кафуле имаше некаков блуткав вкус, па го замени за некаков шнапс, што беше нехумано топол.
Неговото бледо лице, кое набргу ќе пожолти, овојпат се огледува од рамната површина на телото на голата кукла, која двајца вработени во сини мантили штотуку ја местат во излогот пред него. Внимателно ѝ ги расчекоруваат нозете и ѝ ги местат рацете како да сее на поле. Гроздан се чуди зошто го прават тоа, бидејќи куклата е гола и практично со неа не се презентира ништо.
Сините мантили се повлекуваат во внатрешноста на продажниот простор. Остануваат сами: тој, Гроздан, надвор на тротоарот и таа, голата анонимна кукла во просторот на излогот. Внимателно ја гледа. Од главата до петиците. Има долга руса коса. Врзана во опашка. На Гроздан му се чини дека ја знае од некаде. Дека неодамна ја видел. Во авионот? На аеродромот? Келнерката што му донела пиво? Некоја од колешките од Советувањето? Не, не може да се сети. Очите ѝ се обоени во сино. Прилично прецизно, размислува Гроздан. Тие се крупни, поголеми отколку што е вообичаено, дури и за кукла-модел. Трепките, се разбира, се вештачки и долги. Едната е малку поспуштена, како да сака да му намигне. Усните ѝ се поставени во полунасмевка, како да му се потсмева. Брадата е мала и правилна. Уште на образите да ѝ ставеа дупчиња.
Рамената се тесни, градите правилни (па, кукла е), а рацете тенки и неразмерно долги, но сепак, некако природни. Што ли прави? Сее, проси, моли, ги подава некому? На левата рака има златна бразлетна. Нозете се долги, тенки и расчекорени, како да е фатена во половина чекор.
Гроздан не знае колку време стои пред излогот. Му се чини дека го слуша небото над него. Тоа е затоа што одеднаш сè застанува. Нема никого околу него. Нема минувачи, нема автомобили. Воздухот стои. Само двајцата во сини мантили полека, како во забавена снимка, влегуваат во излогот и ја тргнуваат куклата со руса коса, врзана во опаш и со златна бразлетна на зглобот од левата рака. Едниот, оној повисокиот, ја фаќа за главата, а другиот за нозете. Од излогот зјае заканувачка празнина. Како да се мириса во воздухот некаква напнатост.
И, еве, ги повторно двајцата во сини мантили. Сега се побрзи. Носат нова кукла во излогот. Сега е маж. И облечен. И не кој било маж, туку Ѓош трафикантот. Тој е. Облечен е во онаа иста маичка што секогаш ја носи и во истите фармерки. Очилата за читање му се паднати кон врвот на носот. Но, овојпат Гроздан не го студира изгледот на куклата. Наместо тоа се врти околу себе да биде сигурен каде се наоѓа. Се оддалечува на тротоарот неколку неколку метри наназад од излогот и повторно се приближува. Му се чини дека некогаш, во некој од оние животи, веќе бил тука. Но, не толку сам и толку растревожен како сега.
Сините мантили како воопшто да не се оддалечија од излогот. Веќе го тргнуваат неочекуваниот Ѓош трафикантот, како да знаат дека местото не му е тука. На негово место ставаат две кукли што се држат за рака. Пар. Гроздан почнува да се пипа себеси по нозете и рацете. Ова веќе не е можно. Тоа се Буба, неговата сопруга, и Бошко, неговиот најдобар пријател. Буба е весела, насмевната. Облечена е во елегантно црно костумче. Бошко како шеретски да му намигнува. Гроздан чувствува тапа болка во стомакот. Буба му беше девојка на Бошко пред да влезе во врска со него. Колку време помина. Следната година правиме 30 години брак. Па, сигурно има 35 години, можеби и повеќе. Буба му беше девојка на Бошко пред да влезе во врска со него. Колку време помина. Следната година правиме 30 години брак. Па, сигурно има 35 години, можеби и повеќе.
Гроздан веќе нема време да забележи поединости на куклите. Затоа и нема да види дека Буба е боса, дека нема ни кондури, ни чорапи. Нема да забележи ни дека од сакото на Бошко ѕирка бел коверт. Сините мантили сега се навистина експедитивни. Куклите се менуваат со неверојатна брзина. Еве ја сега Милица Јосифовска! Милица Јосифовска, бре. Наставничката по математика од основно училиште. До неа е еден голем дрвен шестар, наводно наставно помагало, а во случајот на Милица и ефикасно воспитно средство. (На Гроздан му станува гротескна појавата на Милица во неговото чудно искуство). Следната кукла е Соња, неговата прва љубов, девојката која го направи маж. Или барем тој тогаш така мислеше. Добро се држи за годините. Па, ете го Зеленко, детето што го малтретираше во основното училиште; па Џиџи, пријателот од Италија што го запозна некаде на Јадранско Море; еве го Алексеј, водичот на групата деца што наградно одеа две недели во Бугарија; па Мирко, неговиот прерано починат колега; баба му Будимка… Гроздан сфаќа дека цел еден скриен свет, скриен со децении, сака да излезе на виделина. Да излезе пред него. Им згрешил ли нешто? Треба да им се извини? Или само треба да се потсети? Има ли сево ова некакво наравоучение?
Одеднаш низ главата му поминува чудна мисла. Ова е стоковната куќа од неговиот роден град! Онаа што одамна веќе ја нема. Од каде неговата На-Ма во Гетеборг, Гритенбург, Гратенштрасен, што и да е. И што бара тој тука? Токму денес и токму сега. Да, тој е учесник на некакво советување за истражувачко новинарство и денес попладне токму тој има излагање за улогата на истражувачкото новинарство во неговата земја. И колку е сега часот? Нема смисла да задоцни. Организаторите му плаќаат престој, патни трошоци плус хонорар. Плус шанса да си обезбеди други вакви учества, а и некој додатен хонорар.
Гроздан ја крева десната рака кон горниот лев џеб од неговиот новинарски елек (елекот, всушност, е рибарски, ама тој сака да го нарекува новинарски) за да го извади мобилниот телефон и да види колку е часот. Левата рака ја става во џебот од фармерките за да провери дали е тука клучот од хотелската соба (никогаш не го остава на хотелската рецепција). Излогот на НА-МА е целосно празен. Нема ни кукли, ни што било друго. Само бели плочки на подот. Бел е тротоарот на улицата. Бела е улицата. Бело е небото. Бел е воздухот. Бел е неговиот одраз во стаклото од излогот.
Бавни се движењата на Гроздан. Му се чини дека со децении, со векови, стои пред излогот. Дека се здрвил пред него. Раката, онаа што мора да го пронајде мобилниот телефон, му е тешка, небаре крева товар од двеста кила. И токму тогаш, миг пред да го дофати телефонот стаписано забележува сина боја што ја пара белината. Синилото се разлива низ снежно белата празнина и на Гроздан му треба цела вечност да сфати дека сините мантили повторно се во излогот и дека повторно местат кукла. Побавни од најбавните вселенски карпи.
Гроздан гледа проѕирно. Куклата во излогот е – тој. Погрбав отколку што мисли дека е и со брада побела откога последен пат се видел во огледало. Делува збунето. Има некаква вештачка и блесава насмевка на лицето, како онаа на годишноодморската фотографија од Саранда (или беше тоа од некоја друга фотографија, сеедно). Целата поза му е гротескна. Десната рака е крената и застаната до горниот лев џеб од неговиот новинарски елек (всушност, станува збор за рибарски елек, ама…), а левата му е во џебот од фармарките.
Што е ова? Што е ова?,
се грчи мозокот на Гроздан. И тој почнува да лебди, а светот почнува да се врти. Двата сини мантила се на двете негови страни. Едниот го држи за главата, а другиот за нозете. Гроздан сака да праша што се случува. Гроздан сака да крикне. Гроздан сака да клоца. Гроздан сака да бега. Но, не може! Устата му останува во блесава насмевка, како онаа од фотографијата во Саранда. И тој е неподвижен, токму како на фотографија, како некаква статуа, како кукла…
Двајцата носачи и Гроздан се веќе во просторот на стоковната куќа. Тој е празен, бел и морничав. Едниот од сините мантили отвора исто толку бела врата во левиот агол од празниот продажен простор на На-Ма. Зад вратата има бела соба, обложена со бели перници. И подот е обложен со бели перници. Луѓето со сини мантили го фрлаат Гроздан врз купот нафрлени кукли. Гроздан лета бескрајно долго. Лебди во воздухот што стои. Успева да ги здогледа Буба и Бошко, легнати до десниот ѕид, како се држат за рака. Буба е боса, но Гроздан веќе не може тоа да го види, како што не може да види дека од џебот на сакото на Бошко испаднал некаков бел коверт, веќе стопен во белата соба. И тогаш паѓа веднаш до русокосата кукла, со коса фатена во опаш и со златна бразлетна на левата рака.
Која беше оваа дама? Која беше…

И Гроздан конечно паѓа во несвест.

АвторЗвездан Георгиевски
2018-08-21T17:20:36+00:00 март 22nd, 2017|Categories: Литература, Проза, Блесок бр. 112|