Патување во просторот на сеќавањето

/, Критика, Блесок бр. 126 - 127/Патување во просторот на сеќавањето

Патување во просторот на сеќавањето

Ракописот Бдеењето на Одисеј од Драги Михајловски е несомнено уште едно во низата возбудливи прозни остварувања на овој писател. Со децении тој најнапред важеше за едно од врвните пера на кусата прозна форма во македонската литература и дури подоцна, како веќе зрел автор, се оствари и како романсиер кој се нурнува во истражување на културно-историските пластови на опстојувањето на македонската и балканската почва. Притоа, во овој кусопотезен осврт на досегашниот, жанровски и тематски разновиден прозен опус на авторот, значајно е да се напомене дека тој е автор и на две „волшебни“ книги за деца. Иако кус, ваквиот увод е потребен за, макар и само низ нацрт – во оваа пригода, да ја илустрира творечката синтеза на разновидното раскажувачко искуство што е вткаено во исписот на најновиот ракопис на Драги Михајловски, Бдеењето на Одисеј, вонредно возбудливо четиво за млади, всушност, за „младите“ од сите генерации.

Ракописот Бдеењето на Одисеј е патување во просторот на сеќавањето и реконструкција на неговиот микроуниверзум со помош на личната и колективната меморија врзана за топосот Битола и Битолско. Во таа смисла, кажувањето е структурирано како автобиографско кажување за периодот на детството и доживелиците што го чинат, но истовремено е и хроника на идеолошкиот универзум на времето во првите децении на македонското опстојување во СФРЈ, во кое особено умешно се интерполира колективната меморија за вековното опстојување на тој простор како крстосница на вери и народи, времиња и обичаи.Ос

обено е умешен начинот на кој Драги Михајловски успева да ги загатне сите овие теми во роман за млади. Прикажаниот свет на Битола/Битолско, та дури и самото дребно маало во кое израснува раскажувачот – се откриваат, се раскрилуваат на начин на непрегледен лавиринт на микроуниверзумот. Врволицата живот во прикажаниот свет на романот, неговата полнотија и многуобразие се постигнати со комбинација на повеќе раскажувачки стратегии: 1. минуциозниот опис на улиците, портите, авлиите и нивните жители, 2. умножувањето на просторот во топонимите кои постојат единствено уште во меморијата за нив, при што и на овој, но и на други начини, 3. се умножуваат (се пластат) времињата на историското опстојување на дадениот простор. На пример, Власите во маалото се повод да се проговори за нивните историски миграции, но и за величието на некогаш прочуеното Москополе. Топонимите на битолските „капејци“, во кои децата се разладуваат во летните утра, етимологијата на нивните имиња се нов повод да се довикаат во сеќавањето минатите времиња и легендите за нив. Всушност, на различните раскажувачки стратегии на довикување на различните времиња и светови (културни, идеолошки), заедничко им е што се довикани и подотворени со лексичкиот клуч. Стилското разнообразие, богатството на зборови и наведувањето на нивни бројни синоними не се укит или украс кој се исцрпува со естетската функција. Попрво се мантри кои наведуваат да се отвори нов, уште еден простор во хоризонтот на поимањето на лавиринтот во кој се случува одраснувањето. Оти токму просторот-лавиринт, бременит со знаци, изрази, верувања, постапки, обичаи, кои го мамат и наведуваат детското љубопитство на нивно одгатнување е она што се случува во процесот на одраснувањето. Тоа е свет што не нуди особена помош или толкување од страна на возрасните. Попрво е симболичка џунгла во која децата, слободно пуштени по улиците и храбри излетници по околината, поткрепени со штури објаснувања од возрасните мора сами да ја одгатнуваат.

На сличен начин, лексички е доловен и аксиолошкиот универзум на шеесеттите години – на начин на своевиден лексикон на ЈУ-митологијата на македонска почва. И само овој аспект на раскажувањето би можел сам по себе да биде дел на книжевно-критичко разгледување. Во овој миг, меѓутоа, важно е да се нагласи дека низ единствен раскажувачки клуч, применет со особена умешност и вживувачка фантазија, Драги Михајловски софистицирано плете комплексно, но сублимно и мајсторски врвно изведено четиво за начинот (или судбината) на одраснувањето во даден микроуниверзум на детството. Бескрајноста на овој мал микроуниверзум е сразмерна на широко отворените очи и срце на детската љубопитност во набљудувањето и спознавањето на светот.

Во уводната одломка на романот, инаку компониран во триесет и четири кажувања (глави), раскажувачот соопштува дека неговото казание треба да го раскаже оној миг на премин од детство во момчештво. Оваа приказна и самата е многу суптилно раскажана, поентите се асоцијативно довикани и отворени за нивни домислувања зависно од спознајната моќ (возрасна или друга) на читателите. Прочитот на овој ракопис е несомнена авантура, во која приказната за одраснувањето во раскршената композиција на раскажувањето ја плете, низ бројни анегдотски или други (есеистички и медитативни) одломки, мрежата (навистина мрежата) на приказната и самата остварена на начин на лавиринт, во кој секоја ниша (или глава) е навидум приказна за себе – и пред сè, забавна, раскажана опитно и со многу хумор.

АвторНаташа Аврамовска
ПреводЗорица Теофилова
2019-08-06T12:59:54+00:00 јули 31st, 2019|Categories: Литература, Критика, Блесок бр. 126 - 127|