„Немаме време за минатото: Молчи со отворена уста“, Снежана Младеновска Анѓелков (Или-или, 2019)

/, Критика, Блесок бр. 133 - 135/„Немаме време за минатото: Молчи со отворена уста“, Снежана Младеновска Анѓелков (Или-или, 2019)

„Немаме време за минатото: Молчи со отворена уста“, Снежана Младеновска Анѓелков (Или-или, 2019)

Без да ги прераскажувам семејните драми што следат понатаму во книгата, би сакала да кажам дека и покрај тоа што авторката вели дека се нафатила да ги раскаже премолчените работи, се чини дека и таа самата во оваа книга премолчува многу. Како што претходно кажав, романот е напишан со една забрзаност, дури и нафрланост на ликови и настани, животите на цели три генерации се збиени на овие стотина страници. На моменти тој делува дури и како скица, како нацрт за роман, ставајќи го читателот во состојба на постојано исчекување на уште нешто, некаква елаборација, опис на некои внатрешни, интимни состојби. Или, можеби, овој роман е само сценарио во кое читателот режисерски треба да го пополни она што авторката го изоставила, она што само го навестила: атмосферата, емоциите, импровизацијата, интерпретацијата. Едно од тие навестувања е и трагиката, не онаа на тој конкретен голооточки случај на Киро Младеновски, туку онаа на пропаста, на загубата на еден трансгенерациски идеализам пред необјаснивата моќ, пред опустошувачката сила на системот и на средината, пред „комбинацијата на паланечкото сеирџиство и идеолошката конфузија“ (Котеска, 13 Анестезија). Кај нас, „комунистичките теми се сè уште трауматски,.. тие не се така наивни како што навидум ни се чини“ (Котеска, За емоциите). Разградувањето на овој идеализам започнува уште кај дедото за кого авторката, разочарано читајќи го неговото полициско досие, вели дека само „го кажал своето мислење, дури не го ни наметнувал“ (Младеновска Анѓелков, 105). Го има и кај таткото чија Југославија веќе не постои (ни во реалноста, ни во неговите поранешни романтизирани сфаќања за неа). „Ако пропадне државата, нека пропаднам и јас!“ (Младеновска Анѓелков, 56), вели тој претходно, со увереност на системски обработено дете кое се отуѓило од својот непослушен, идеолошки неподобен родител. На крај, го има и кај неа самата, кога вели дека: „Сега се важни само парите. Ништо не смее да застане на патот на парите. Капитализам. Совршено време за раѓање на диктатори!“ (Ibid, 113).

„Во Македонија постои идејата дека немаме ние време за минато, имаме ние поургентни прашања“ (Котеска, 13 Анестезија). Секако, насоченостa кон иднината, потребата личниот и националниот развој да се сфаќа како постојано одење напред, без свртување, без навраќање кон она што било (било и поминало!) има свои и благородни и рационални корења. Но, многумина би рекле и дека соочувањето со минатото, неговото прифаќање, и конечно, неговото разбирање (или обидот за негово разбирање) се подеднакво важни, ако не и поважни состојки токму на тој личен и национален развој. Од една страна, оваа книга е посебна бидејќи во македонската книжевност повторно ја отвора или се навраќа на голооточката тема, десет години по објавувањето на писмата на Венко Марковски под наслов „Голи оток – островот на смртта“ (Макавеј, 2009). Од друга страна, на корицата од оваа книга стојат три глаголски именки: страдање, соочување, созревање, како своевидна сублимација на суштинските (развојни) процеси низ кои минала авторката при пишувањето и затоа таа е посебна и на едно интимно ниво, како исцелителен процес. „Ја знаеме вистината. Не целосно, делумно. Но, барем малку ќе нѐ успокои… евентуално да ни ги олесни живејачката и умирачката“ (Младеновска Анѓелков, 114), вели авторката на крајот од романот, неодамна, во сегашноста во која го осознала минатото и доволно созреала да ги пренапише своите младешки белешки.


Библиографија

Бенјамин, Валтер. Еднонасочна улица, Детството во Берлин околу илјада и деветстотата. Скопје: Бегемот, 2018.

Vujić. Jelena. „16.101 golootočana, po spisku!“. Novi plamen (25.11.2013). https://www.noviplamen.net/dosije-o-golom-otoku/(пристапено на 24.11.2019).

Котеска, Јасна. „13. Анестезија“. Окно (26.5.2009). https://okno.mk/node/873 (пристапено на 25.11.2019).

Котеска, Јасна. „Голи Оток (Или, зошто Југославија не падна под власта на Сталин?). Окно (18.6.2009). https://okno.mk/node/1178 (пристапено на 24.11.2019).

Котеска, Јасна. „За емоциите што останаа во еден автобус“. Окно (16.3.2009). https://okno.mk/node/129 (пристапено на 25.11.2019).

Младеновска Анѓелков, Снежана. Молчи со отворена уста. Скопје: Или-или, 2019.

„Роман поттикнат од премолчената семејна историја“ (интервју во Слободен печат, сабота-недела, 16-17 ноември 2019, стр. 18).

АвторЕлизабета Баковска
2020-12-23T17:43:24+00:00 декември 22nd, 2020|Categories: Литература, Критика, Блесок бр. 133 - 135|