Кристали на суровоста

/, Критика, Блесок бр. 75/Кристали на суровоста

Кристали на суровоста

(Сибила Петлевски, Мојот Антонио Диаволо: француска суита; Фрактура, Запрешиќ, 2007.)

Потресна романескна фатаморгана која ги брише границите помеѓу она за кое сме свесни и она кое не можеме да го контролираме. Сите протагонисти, до еден, се полулуди и загубени во своите илузии, спомени, сеќавања и визии.

#1 Постои мислење дека добрата и квалитетна проза е составена од мноштво ситни засебни делови кои се собирани од сите страни и тогаш во последен миг со невидлив коноп се врзани во замрсен, но хармоничен јазол надарен со специфична магија која привлекува помал или поголем круг читатели. Сите имаме свои искршени искуства кои несмасно ги собираме некаде на својот пат, како истурени зрна или скршено огледало кое еден ден, кога-тогаш, мора да се стопи во единство. За среќа, постојат луѓе кои имаат особена дарба токму за собирање на таквите дребни, но вредни фрагменти од навидум сивото секојдневие и нивно претворање во уметност. Значи, како што е складната композиција важна за целокупниот впечаток кој ќе го остави некоја симфонија или како што секој мал детаљ и секоја мала дамка може да е пресудна за убавината на целото сликарско платно, така во добрата книга е потребно да се спојат купче детали и да им се вдахне живот. Како добар пример може да послужи Мојот Антонио Диаволо, најновиот роман на Сибила Петлевски кој, до душа, веќе има своја историја со оглед на тоа дека во првата верзија излезе во 1996 година под наслов Француска суита. Неговото дејство се состои од шест дела во кои се преплетуваат судбини и светови на луѓе од различни времиња, односно шест зголемени сликички кои секако меѓу редови оставаат многу простор за воздух за богата импресија.

Претопување на стварноста и фантазијата

Иако секој од ставовите на оваа суита може сосем успешно да постои и сам за себе, токму како некој од танците кои инаку го сочинуваат наведеното музичко дело, тие истовремено создаваат совршена композициска целина. Под раката на вештата композиторка, тие ставови стануваат меѓусебно поврзани со речиси нераскинливи невидливи нишки, тивко и незабележливо меѓусебно се преплетуваат. Баш во оној миг кога читателот наивно ќе помисли дека, ете, се оддалечил од дејството на претходно прочитаното, го заплиснуваат познати и препознатливи мотиви во манир на застрашувачко дежа ву. Низ ритмите на хипнозитирачките и на места по малку макабричните танци се провлекуваат ликови кои потполно ги игнорираат и ги запоставуваат годините на немилосрдната лента на времето. Слично на дејство во некоја Поова гротеска која навидум испаднала од најбизарен кошмар, нивното несигурно чекорење може да го прекине само отчукувањето на застрашувачкиот часовник, кој во случајот на Диаволо е расипан, превртен, оставен да виси без стрелки и сенишно одѕвонува во празно. Во таа тмурна и истовремено барокно раскошна сала се измешале сите три лица на времето. Минатото, сегашноста, иднината – тешко е да се одреди, можеби и затоа што суштината на целата циркуска претстава е безвремена.
Учесниците на карневалот, под своите маски всушност носат едно исто лице кое, како и самата уметност, панично се грчи од исклештената лудачка насмевка во гримаса на болка, страв и лудило. На едно место се сретнуваат музиката, ликовната уметност и, се разбира, книжевноста, создавајќи симбиоза од која излегува суштество кое во ниеден миг не си ја јаде некоја од своите многубројни израснати глави. Така, овде на исто платно се наоѓаат и некои историски ликови како Роберт-Худин или Веронезе, заматени во иста каша со живите плодови на фикцијата како таинствениот пантомимичар, џез музичарот, францускиот сликар, и така во недоглед. Според тоа, потпирањето врз редот и логичноста во овој случај би можело да биде и малку попусто. Колку и привидно рационалниот модерен човек да ги бара, во конкретниот роман нема да најде засебни делови за стварноста и фантазијата. Симболиката успева да ги поврзе како лепило, создавајќи сплет од блесоци и асоцијации кои злобно удираат в нерв.

Кристализација на крајот

Мојот Антонио Диаволо е надреалистичка слика од потсвеста, потресна фатаморгана која ги брише границите помеѓу она за кое сме свесни и она кое не можеме да го контролираме. Сите протагонисти, до еден, се полулуди и загубени во своите илузии, спомени, сеќавања и визии. Реалните и особено болни аспекти на целата приказна со рапав и намачен глас тивко раскажуваат за војната и општо за човечката суровост и сета можна тегоба која таа ја донесува. Сета стравотија на вековната меѓусебна трка во наоружување, расипничкото пролевање крв и отсекувањето/разнесувањето човечки глави не треба да се опишува на сто развлечени страници; на авторката не ѝ требаат многу зборови или наталожени ветви изрази за да го стресе читателот. Низ целата книга се чувствува силен морбиден мирис на смрт и минато, влажна подрумска смрдеа на стари и заборавени предмети кои седат во аглите на човечкиот мозок и само понекогаш се отклучени од најхрабрите кои имаат мадиња да балансираат на работ на бездната и доволно сила да се вратат од таму со по некоја лузна.
Исто како што пред сликарското уметничко дело треба да се стои некое време и да се проучува додека сите детали синестетски не се стопат во разбирлива целина, овој роман не треба да се прима нагло и невнимателно. Диаволо е сон кој се меша со стварноста, обвиен со ефектни слики, интересен стил и живописни споредби. Кога ќе отсвири последниот, судбоносен став и катарзата ќе се приближи кон крајот, целиот тој компликуван сплет исечоци од кошмари станува кристално јасна слика, додека на сцената соголена и збунета ѕури човечката крволочност. Меѓутоа, токму од ваквите делови кои ги спојуваат сите лица и опачини на уметноста кои често се грозни, а секогаш прекрасни, можеме да ја извлечеме смислата на целата проклета фарса. Конечно, и самата создателка на Мојот Антонио Диаволо заклучува дека „треба да се гледа целината, а не детаљот, да се следи судбината на човештвото, а никако судбината на народот и поединецот, треба да се умее да се задоволи со причината, а не да се истражува последицата“.

Објавено во Зарез, 17.04.2008. Број 229.

Превод од хрватски: Игор Исаковски

Купете ја книгата

АвторДора Голуб
2018-08-21T17:21:00+00:00 декември 21st, 2010|Categories: Литература, Критика, Блесок бр. 75|