Кон книгата Гласови на новиот век: Зошто ни е потребна оваа книга?

/, Критика, Блесок бр. 120 - 121/Кон книгата Гласови на новиот век: Зошто ни е потребна оваа книга?

Кон книгата Гласови на новиот век: Зошто ни е потребна оваа книга?

Книгава ни е потребна и за да биде сведоштво за тоа дека во творештвото на некои од авторите чии имиња ќе ги сретнете на следните страници се разви и своевидна рок-поетика, која речиси до крајот на минатиот век беше туѓа за македонската книжевност, а во нашиов век прерасна во поетика која оствари многу силно влијание (и поетичко и тематско-мотивско) кај значаен дел од поновите македонски (пре)создавачи на стихови. А таа сведочи и за тоа дека додека некои од поетите на нашиов век имаат стил препознатлив по јазичната чистота, други создаваа(т) со поетски израз чиј постулат е јазичната игра, не секогаш омилена кај книжевните толкувачи и вреднувачи – јазична игра којашто уште еднаш го негира старото тврдење дека присуството на „звучното“ во поезијата може само по себе да претставува „ниска естетика“. Сведочи и за истовременото присуство и на поетите коишто ем беа/се модерни ем суптилно беа/се приврзаници на поетички решенија коишто се во постулатите на книжевниот канон… додека други нивни современици како свесно да сакаат да му пркосат на канонот, кој очигледно одлично го познаваат… а трети, пак, постојано беа/се растргнати (можеби некогаш и заглавени) меѓу сознанието „како треба да се пишува“, произлезено од нивната богата книжевно-теоретска наобразба и внатрешниот поетски пркос (неретко, некоја од нивните песни можеби ќе се класифицира и меѓу т.н. „академска поезија“).

Има уште многу да се каже зошто ни е потребна оваа книга. Потребни се уште многу страници за да се наброи сè, само за да се наброи, а не пак и за да се образложи и искоментира. Но зар постои подобра причина од фактот што меѓу нејзините корици има квалитетно творештво од квалитетни автори на XXI век? Чинам дека нема. Гласови на новиот век ни потврдува дека, иако овие (пре)создавачи на стихови на нашава современост не се поетички обгрнати во одредена заедничка стилска формација, сепак се обединети околу стожерот на естетиката и книжевните квалитети. И во исто време ни укажува дека токму од изразениот, можеби според нечиј суд и преприсутен, поетски индивидуализам овозможен од „книжевната демократија“ што (мислиме дека) ја живееме во/со нашето творештво, веќе имаат произлезено и нови поетики и поетски писма кои не се само ехо на поетските гласови на нашиов век, туку веќе може да се доживеат и како дел од канонот на современата македонска книжевност – поетики и писма кои веќе се лице на новите поетски изрази во нашата книжевна средина пред поетскиот свет воопшто. Секако, нив нема да ги најдеме во творештвото на сите застапени автори. Но тоа и не треба да се очекува, бидејќи овде е поместен мал дел од творештвото и на автори кои најавуваат дека допрва громогласно ќе го искажат своето творечко „јас“. Но сепак, ќе ги најдеме кај немалкумина неодминливи во овој избор – избор од новите достоинства на македонската поезија.

И да не заборавиме, оваа книга не ни е потребна само денес. Ќе ни биде потребна и по неколку децении, кога повторно ќе ѝ се навратиме и ќе можеме да забележиме и „чуеме“ дали и кои од поетските гласови кои ги одбележуваат првите децении на XXI век повторно ќе се слушаат… или барем дали ќе допираат до нас, како ехо од минатото.

Оваа книга ни е навистина потребна!

Прочитајте ја – сега… и по неколку децении, повторно!
Скопје, јули 2018 година

АвторИван Антоновски
ПреводМилан Дамјаноски
2018-09-20T12:50:06+00:00 септември 19th, 2018|Categories: Литература, Критика, Блесок бр. 120 - 121|