Комуникативниот статус на „романот – пајажина“

/, Критика, Блесок бр. 31/Комуникативниот статус на „романот – пајажина“

Комуникативниот статус на „романот – пајажина“

Гоце Смилевски, Разговор со Спиноза, Дијалог, Скопје, 2002 г.
награда „Роман на годината“ на Утрински весник

#1 Гоце Смилевски е претставник на најмладата генерација македонски романсиери. Тој е автор кој претставува исклучително освежување во македонската литература. Со својот роман Разговор со Спиноза, Смилевски, полека но сигурно, се етаблира во едно од идните водечки имиња во македонската романсиерска мапа. Затоа, не без повод и не без причина, македонската критичка мисла, досега, го нарече овој роман „нешто друго, нешто поразлично“. Оквалификуван како „роман со извори од сферата на идеите“ и како „роман – интелектуална биографија на осамениот човек“, ова најново книжевно остварување на Гоце Смилевски отвора можност, меѓу другото, за некои, во нашиов случај, незадолжителни читателски „идејни“ толкувања кои ќе ги доведат во преден план идејата за ткаењето (првично, нашиот поттик за тоа се базира врз самата поставка што романот е титулиран, и тоа од самиот автор, како „роман-пајажина“) и врз идејата за „дијалошката форма“, како и за нејзините проекции и резултати во неговата наративна структурна схема. Тоа, се надеваме, ќе ги допре клучните поенти што го прават овој роман подруг и поразличен.

а. Идејата за ткаењето: поглед низ пајажината

На почетокот од елаборацијата на оваа необична идеја ќе го напоменеме, како предупредување, ставот од кој ќе започнеме со толкувањето, а тоа е дека за појдовна точка при разработката ќе ни послужи симболиката на ткаењето мрежа (онаа што ја плете пајакот, воопшто, и онаа низ која авторот нè води низ текстот). При ова второ разгледување, текстот го сфаќаме симболично низ призмата на латинскиот термин кој, впрочем, му е и негов етимолошки зачетник: textus = ткаење; односно, попрецизно, textura = ткаење што го означува начинот на кој нишките се испреплетени во „ткаенината“ – текстот. Тој начин, секако, ги одредува изгледот и опипливоста на „ткаенината“ – текстот, кој е носител на уметничките ефекти.
Затоа, авторот, уште на самиот почеток од романот-пајажина ќе даде до знаење: „Нишките на овој роман се исткаени од разговорот меѓу Тебе и Спиноза“. Тоа директно посочува дека, симболички сфатено, авторот ја плете својата мрежа онака како што пајакот ги расфрла своите нишки, ја плете така што почнува од „центарот“ (со првата нишка што, како основа, се зема за завршниот дел – Центарот на пајажината) и завршува со него. Целта на неговото ткаење се разрешува, значи, во точката од која веќе нема ништо натаму: центарот (кој, во нашиов случај, ја загатнува смртта на Спиноза).
Прашањето кое нас нè заинтригира е како пајаковото ткаење мрежа совршено се вклопува, односно се проектира, како во огледало, со авторското ткаење на текстот.
Раскажувачот-фокализатор, од своја страна, на едно место во романот, дава свое видување и соодветна „аргументација“ за тоа: „Пајаковата мрежа ми беше помила од сите форми со кои се искажуваше изгубеноста на трошните нешта во универзумот. Навистина, пајаковата мрежа има некаква блискост со лавиринтот и со дрвото на животот, но разликите се многу поголеми од сличностите…
Пајаковата мрежа навистина е направена од Бог. Кој ја испушта таа нишка од телото на пајакот, кој го носи ветерот кој го понесува пајакот и му помага да сврзе нишка по нишка, кој, кој ако не Бог, ако не вечната супстанција, го учи пајакот како се плете мрежа?…
Ако одиш по вистинските патеки кои ќе те одведат до излезот од лавиринтот, можеш да го продолжиш своето траење, ако ја избереш погрешната патека – можеш да ја најдеш и смртта. А креацијата на пајакот, иако има средиште – тоа не е најважното место: секое делче е центар на мрежата… На пајаковата мрежа од каде и да се тргне секаде може да се стигне – секоја точка таму е и влез и излез.
(стр. 167-8).
И, всушност, што е единственото, што е оригиналното во оваа паралела која ја повлекува нараторот? Одговорот, на симболичен план, лежи во тоа што токму пајажината го прави пајакот единствен. Моделот на мрежата го одржува стилот на живот, а често и влијае врз него. Затоа, пајаците ја ткаат својата егзистенција на различни начини. За пајакот, нишките од пајажината претставуваат вибрирачко продолжение на неговите сетила. Бидејќи е многу ефикасен, пајакот ја „пресметува“ големината на мрежата точно според резервите на ткајачкиот материјал и според своите жлезди. Така, водичот за адекватното однесување е типот на мрежата.
На текстуален план, пак, романот е поделен на шест нишки и центар на пајажината. Тоа е, секако, индивидуален модел на ткаење „текстовна мрежа“, ознака за оригинален, индивидуален стил. Но затоа пак, и секој вид пајаци има свој специфичен модел на мрежа, а кај пајакот-индивидуалец ткаењето е секогаш посебно – како што се отпечатоците на прстите кај човекот. Дотолку повеќе, за волја на случајот и за волја на реалноста, пајаковите нишки се производ од лачењето на шестте вида жлезди при што секоја дава посебен вид материјал за ткаење. Работилниците за преработка на течноста од жлездите се шестте (повторно!) брадавици на абдоменот на пајакот, т.н. ткајачници. Во допир со воздухот, излачениот материјал веднаш се зацврснува во тенки нишки, кои се спојуваат во една поцврста.
Следејќи го тој начин можеме, веќе, симболичкиот код да го пренасочиме директно во текстуалниот. Таму, во самиот текст, наидуваме на текстуална структурна мрежа од шест нишки кои завршуваат, на крај, во центарот на пајажината. Така тие се зацврстуваат и се спојуваат во една поцврста нишка т.е. во нивното средиште, во точката од која повеќе нема ништо натаму (моментите на смртта на Спиноза). И како што кај пајакот – мрежата е, најчесто, поставена вертикално на тој начин што пајакот најпрво развлекува една силна трансверзална нишка, а потоа ја плете мрежата; така и на текстуален план, нараторот најпрво го загатнува моментот на смртта на ликот на Спиноза, а потоа подробно „ткае“ за да дојде до неа, т.е. да дојде до центарот на мрежата, каде што тој момент на смртта е крајна инстанца. На тој начин погледнато, совршено се совпаѓа аналогијата за големината на резервите на ткајачкиот материјал кој ги обединува двата кода: симболичкиот и текстуалниот. Уште поголема потврда за тоа е и кружниот пат на романот кој води до обединувачкиот центар!
Еден друг аспект, на мета-ниво, во истата насока, е што филозофско-есеистичкиот текст Разговор со Спиноза, како „роман-пајажина“, беше протолкуван од нашата критика, сосем оправдано, како „интелектуална биографија на осамениот човек“, на човекот воопшто кој е „распнат меѓу живеењето на животот (кој е немоќен да го одживее полнокрвно и страсно) и промислувањето на тој живот, и во тој распон се содржи сета негова драма, сета трагика на неговата фатална осаменост“.
И како што осамениот човек (во случајов, главниот лик – фикцискиот јунак Спиноза) е постојано во распон, во расчекор при „поминот на мрежата“, така и мрежата што ја избира пајакот-индивидуалец совршено одговара на неговиот животен стил. Без разлика дали ќе се вкотви во центарот на мрежата или во некое затскриено засолниште, неговите пипала се во постојан контакт со трансверзалата која води до спиралите. И како што јунакот во романот е фатен во мрежата на својата осаменост, така и пајакот-осаменик, кога ќе ја изгради својата прва мрежа, станува нетолерантен и губи секаков интерес за друштво. Токму затоа, мрежата, во двата случаи (нас, првенствено, нè интересира самиот текст, зашто симболичкиот код е само „помошен пат“ до него) е клуч за социјалното однесување. И иако, во циркуската претстава со пет акробатски точки – Разговор со Спиноза, Јахве му нуди „заштита“ на Спиноза доколку отстапи од својата „осаменост“, Спиноза останува во својата мрежа која, како и кај пајакот, е селективен преносник на сигналите: придушува едни, а засилува други. Затоа, токму во неа Спиноза нужно останува до крајот, до центарот. Мрежата која на пајакот му обезбедува заштита, на Спиноза му ја „обезбедува заштитата“ во следниот живот.
Како заклучок од ваквото видување и пристапување, би споменале дека романот Разговор со Спиноза го заробува, како плен, нашето читателско внимание во својата мрежа. И, како што стручњаците без тешкотии ги препознаваат своите експериментални пајаци според мрежите кои тие ги ткаат во лабораториските кафези, така читателите на овој исклучителен роман ќе го препознаваат Гоце Смилевски, како едно од имињата што ветуваат, во тековите на идната романсиерска продукција кај нас.

АвторЗвонко Танески
2018-08-21T17:21:43+00:00 март 1st, 2003|Categories: Литература, Критика, Блесок бр. 31|