Колач од јаболка

Колач од јаболка

Славенка Дракулиќ

превод од хрватски: Кристина Велевска
(од збирката раскази Невидлива жена, Антолог (2018))

ЗИМСКО ПОПЛАДНЕ. ВЕЌЕ СЕ СМРАЧУВА. Овој пат стигна во ресторанот точно навреме, што ретко се случува. Иако доаѓа директно од работа, не може точно да предвиди кога ќе сигне, но извинувањата не ѝ помагаат. Ако доцни пет или десет минути, тоа го доживува како неповратна загуба. Мисли дека тоа време можела да го помине со него, слушајќи го неговиот глас, гледајќи го неговото лице.

Тој се наведнува над неа и со усните лесно ѝ го допрува прво едниот, па другиот образ. Таа длабоко го вдишува неговиот познат мирис.

На располагање имаат околу час и пол, најмногу два. За неа тоа е единственото време што се смета пред повторно да потоне во вообичаениот ритам на секојдневјето.

Го гледа. Малку е задишан, брзал. И челото му е оросено, и покрај ладното време. Неговото високо чело. Мазно, без ниту една брчка, чело на згоден, млад маж. Го трга погледот, прави така понекогаш кога ќе види дека предолго го набљудува со оној поглед. Како да е гладна. Така ѝ рече еднаш, ме гледаш како да ќе ме изедеш. Секако, се сеќава на секој детаљ од таа сцена: начинот на кој седеше спроти неа на конференциската маса, како отпрвин го избегнуваше нејзиниот поглед упорно гледајќи го шолјата кафе, како се сврти кон професорот покрај него и долго дискутираше нешто со него.

Гладна сум, вели таа со насмевка со која настојува да го прикрие својот вистински глад. Не се осмелува да зборува понатаму, да ја изговори реченицата докрај. Гладна сум по тебе, би му рекла кога би смеела. Но меѓу нив нема такви зборови.

Неизговорените зборови ја печат во грлото додека ги голта.

Се прашува дали е успешна во тоа прикривање и зошто воопшто го прикрива она што толку очигледно постои меѓу нив, желбата да бидат заедно. Но знае дека одговорот е толку банален што од него понекогаш ја заболува главата: мора да се воздржува. Толку е помлад од неа и можеби таквиот нејзин поглед на јавно место го засрамува. Можеби келнерката ќе го забележи тоа и ќе се згрози над постарата жена на која младичот сигурно не ѝ е син штом толку лакомо зјапа во него. Но зарем неговото срамежливо избегнување на нејзиниот поглед не е детско однесување? Ако го предупреди дека се однесува незрело, можеби… Во моментот кога со својата рака посегнува по нејзината, нејзиниот сомнеж се стишува.

Знае дека двајцата ќе нарачаат колач од јаболка. Таа подоцна, дома, заедно со мажот ќе вечера од претходно приготвената вечера. Ќе јаде само малку, колку да му прави друштво. Нејзиниот маж не сака да јаде сам. Ручекот пак и може. Но не и појадокот и вечерата. Тоа би било неверство, ќе се лути како дете на кое му ја украле најдрагата играчка. Понекогаш ѝ се чини дека храната, тие два дневни оброци што ги јадат заедно, е единственото што ги држи заедно. Но знае дека тоа не е вистина и дека понекогаш е неправедна кон тој човек, кој ѝ е важен и од кого нема намера да се разведе.

И денеска, како и обично, со тој млад уредник ќе зборува за новиот број на списанието, за приказите на книгите. Ова е деловен состанок, секој нивен состанок е деловен. Зборуваат за текстовите што таа треба да ги преведе.

АвторСлавенка Дракулиќ
ПреводКристина Велевска
ПреводЕлизабета Баковска
2019-01-15T10:19:35+00:00 јануари 5th, 2019|Categories: Литература, Проза, Блесок бр. 123|