Кои се десетте најдобри раскази на светот?

/, Критика, Блесок бр. 129/Кои се десетте најдобри раскази на светот?

Кои се десетте најдобри раскази на светот?

Антологијата на „Темплум“ Десетте најдобри раскази на светот (Темплум, 2019) е вистинско освежување на македонската книжевна сцена. Реткост е појавата на една ваква книга во историјата на нашето издаваштво: не само што се работи за антологија на светски расказ направена според искрено субјективни – па затоа и возбудливи – критериуми, туку в раце имаме и збир есеи од група современи македонски автори – осврти кон избраните раскази.

За што точно станува збор? Десет современи македонски писател(к)и го бираат својот омилен расказ, а потоа пишуваат есеј за него. Идејата е на главниот уредник Никола Гелевски, кој и самиот учествува во проектот. Ваквиот избор е прилично нестабилен, па и ризичен во смисла на тоа дека крајниот продукт е во опасност да понуди доста стеснет поглед кон светската книжевност, и тоа од повеќе идентитетски аспекти како на пример јазичен, културен или родов. И самиот Гелевски го посочува овој проблем во предговорот: „Од изборот на десетте писател(к)и во значајна мера зависи дали барем малку ќе успееме да го покриеме тоа непрегледно поле кое опфаќа векови исполнети со стотици писател(к)и, илјадници раскази и многу различни јазици“. Гелевски наведува дека оваа идеја првпат ја споделил со писателката Лилјана Дирјан (1953 – 2017), која радосно ја прифатила поканата да учествува во овој потфат. Оттаму, Гелевски антологијата ѝ ја посветува токму нејзе.

Поради својот необичен концепт, оваа книга нуди двојно задоволство: првото, откритието кој автор каков расказ избрал, второто – откритието зошто автор(к)ите го избрале токму тој расказ. Во таа смисла, оваа збирка ме потсети на познатите поетски антологии Песни од кои возрасните мажи плачат: 100 мажи за зборовите кои ги трогнале (Poems That Make Grown Men Cry: 100 Men On The Words That Move Them, Simon & Schuster, 2014) во која среќаваме избор од Кен Лоуч, Стивен Фрај, Кенет Брана, Џон Ле Каре и други, а потоа и Песни од кои возрасните жени плачат (Poems That Make Grown Women Cry, Simon & Schuster, 2017) работена според истиот принцип, во која учествуваат жени како Џуди Денч, Елена Феранте, Керол Ен Дафи и Јоко Оно. Како и кај Десетте најдобри раскази на светот, и овде бирачите даваат краток осврт за својот избор.

И јас радосно ја прифатив поканата за учество во еден ваков потфат. Зошто? Најмногу затоа што ваквиот концепт нуди можност за игривите прашања: кој расказ ви е најдобар? Со чиј вкус најмногу се совпаѓате? Еве, јас со оној на Иван Шопов. Па и на Калина Малеска. Дефинитивно на Магдалена Хорват. А богами и на Димитрие Дурацовски. Следуваше и прашањето: кој есеј победи? Лично тешко ми е да изберам меѓу Магдалена Хорват и Оливера Ќорвезироска.

Освен задоволството на откритието (расказот) и објаснението (есејот), оваа антологија нуди уште едно задоволство: уметноста на преведениот текст. Имајќи предвид дека се работи за раскази од светски рамки, беше извесно дека голем дел од расказите – ако не сите – ќе треба да бидат преведени на македонски јазик доколку веќе не се, што ќе овозможи извесен пресек и во културата на преведувањето на македонски јазик. А секако и можноста за бирање на омилениот превод (лично, се двоумам меѓу Виктор Шиков и Магдалена Хорват).
Кој сѐ е застапен во оваа антологија? Лилјана Дирјан со Акинари Уеда, Иван Шопов со Николај Гогољ, Калина Малеска со Џек Лондон, Димитрие Дурацовски со Џејмс Џојс, Владимир Мартиновски со Рјуносуке Акутагава, Лидија Димковска со Марина Цветаева, Никола Гелевски со Хорхе Луис Борхес, Румена Бужаровска (јас) со Фланери О’Конор, Оливера Ќорвезировска со Петре М. Андреевски и Магдалена Хорват со Лусија Берлин, при што расказите се подредени според хронолошкиот редослед на нивната појава – па така, забележително е дека сосема случајно, антологијата сепак го отсликува развојот на модерниот расказ – со исклучок на јапонскиот расказ од крајот на XVIII век. Модерниот расказ е форма која во западната книжевна традиција е типична од ΧΙΧ век до нашето совремие, па затоа крунисувањето на оваа антологија со „Прирачник за чистачки“ на авторката Лусија Берлин симболично го отсликува и значењето на американскиот расказ во 21 век.

Како учесничка во оваа антологија, ќе си дозволам да откријам неколку работи кои не можете да ги дознаете само кога ќе ја погледнете книгата. Упатствата што ни ги даде Никола Гелевски беа прилично широки и слободни: немавме просторни, јазични и временски ограничувања, а и покрај тоа што тој знаеше какви раскази сме избрале сите, во ниеден момент не се обиде да влијае врз нас во случај да посакал антологијата да има поголема разноликост. Понатаму, уредникот не ни даде конкретни упатства во однос на тоа како треба да изгледа есејот, освен што ни рече дека треба да е краток – што е исто субјективно. Ни даде и опција и сами да ги преведеме расказите, за што се решивме јас и Магдалена Хорват.

АвторРумена Бужаровска
2019-12-27T12:00:13+00:00 декември 18th, 2019|Categories: Литература, Критика, Блесок бр. 129|